А геноцид немаше?
4 февруари 2015Во српско-хрватскиот судир од 1991 до 1995 година убиени беа илјадници луѓе. Некои вооружени Срби или Хрвати, без сомнение, убивале цивили, мачеле, силувале и протерувале. На крајот, некои градови беа срамнети со земја и цели етнички групи исчезнаа од подрачјата кои стотици години им беа татковина.
Но, според пресудата, геноцид немало.
Бројни „членови на група“ биле убиени или протерани само затоа што биле Хрвати или Срби. Понекое униформирано лице кое до денес во Загреб или во Белград се слави како национален херој, сигурно им нанесло на „членовите на групата“ тешки телесни или душевни повреди. Денешните фанови на тие униформирани „херои“ тоа добро го знаат. Токму затоа тие и ја обожуваат нивната храброст. Но јавно, нагласуваат нешто поблаго, дека чесните патриоти кои се борат за праведната страна, по дефиниција не можат да бидат геноцидни злосторници.
А геноцид, според пресудата, секако немало.
Како тогаш да се нарече она што се случи во српско-хрватската војна? Зошто заедно со Југославија мораа да умрат и толку нејзини граѓани? Како да ја подведеме под еден поим судбината на сите трауматизирани луѓе кои беа дехуманизирани од своите соседи? Кому, освен на семејствата, му недостасуваат оние кои се водат како исчезнати, луѓе без гроб? Дали изразот „злосторство против човештвото“ или циничниот еуфемизам „етничко чистење“ подобро ја опишува суштината на нештата?
Според проценките, во војните во 90-те години, околу половина милион Југословени се нашле под оружје. Многу од нив одлично знаат колку малку вредел животот на „противничкиот цивил“. За тоа нерадо се зборува. Наместо тоа, „геноцид“ многу брзо стана омилен борбен крик на постјугословенската политичка каста, но и на фрустрираните маси. Другите се „геноцидни“ затоа што ние сме праведни и бидејќи сме жртви. Доколку фрлите поглед на некоја постјугословенска интернет-платформа може да се стекне впечатокот дека таа идеологија се‘ уште е масовен производ, и дека српско-хрватската војна воопшто не е завршена.
Илузорно е да се очекува дека оваа пресуда ќе ги мотивира Србија и Хрватска поконсеквентно правно да ги гонат своите „херои“. Побрзо ќе се случи во обете земји пресудата да биде сфатена како доказ на сопствената невиност, а во оној дел во кој се ослободува противничката страна - како доказ за политичката пристрасност на меѓународното правосудство. А жртвите уште еднаш ќе бидат злоупотребени за српско-хрватските политички игри.
Противречноста на меѓународната правда во Хаг не треба да го оттргне вниманието од фактот: дури и ако немало геноцид, се случија најстрашни злосторства и тоа не случајно. За нив досега одговараше само мала група припадници на тогашните елити. И тука нема правда.