1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

А замрзнување на комуникацијата со сезонските „експерти“?

14 август 2020

Ако Мицкоски сака да ја убеди јавноста дека се залага за владеење на правото, да одговори-зошто не е побарана кривична одговорност од Иванов за неуставно доделување на мандатот на Груевски? Коментар на Катерина Блажевска

Nordmazedonien Wahlen Hristijan Mickoski VMRO-DPMNE Partei
Фотографија: Petr Stojanovski

ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната координација донела заклучок дека ги замрзнува односите и комуникацијата со претседателот Стево Пендаровски и дека ќе ги преиспита политиките коишто ќе ги води кон неговиот кабинет. Како причина за ваквата одлука, партискиот претседател Христијан Мицкоски го посочи „неуставното доделување на мандатот на пратеник кој нема докажано мнозинство во парламентот“, со што Пендаровски „брутално ја приватизирал и ја злоупотребил позицијата претседател на државата“.

Членот 90 од Уставот вели: „Претседателот е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“.

Иако одредбата е сосема јасна, во прашање е начинот на кој правниците го толкуваат овој член од Уставот. Логиката сугерира дека мнозинството треба да биде декларирано во десетте дена, за да има претседателот кому да му го довери мандатот, а потоа мандатарот да ги искористи следните 20 дена за подготовка на владината програма и за кадровски состав на Владата.

Но, проблем е што Уставот кај нас се чита и толкува според моментални потреби и интереси, а за проблемот се алармира откако ќе се нострифицира како „пракса“. Тоа Мицкоски сигурно го знае, бидејќи беше во ВМРО-ДПМНЕ кога поранешниот претседател Ѓорге Иванов на 9-ти јануари 2017 година му го довери мандатот на Никола Груевски, иако немаше декларирано мнозинство во парламентот. На тогашните критики дека тоа е неуставно, професори од Правниот факултет на УКИМ тврдеа дека „токму така треба“ и дека „нема ништо неуставно во постапката на претседателот Иванов“.

Давање на мандатот во 2017. година: Иванов и ГруевскиФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Некои од тие професори денес му се правни советници на Мицкоски, ама сега го тврдат спротивното. Тоа открива дека нивна „светост“ или цел не е, ниту било правото и неговото почитување, туку само алатка за манипулација во остварувањето на партиски интереси, кон кои тие правници инклинирале. А кога еднаш ќе овозможат такви преседани, отвораат широк маневарски простор на истото да се повикуваат и другите. Накусо кажано, така создаваат алиби за флексибилно толкување на Уставот, кое потоа преминува во „правна“ практика. Или, како што често сака да каже Мицкоски, криво насадено дрво, криво и ќе израсне.

Доаѓаме до поуката – не прави му го на другиот, она што не сакаш тебе да ти го прават. Тој што се залага за принципи и правна држава, тоа го прави континуирано и конзистентно, а не по потреба или кога ќе се сменат улогите, па ќе се најде во понеповолна позиција.

Повеќе:

Заев го доби мандатот, најави влада за 20 дена

Лош ден на Џафери, а неизвесен за „премиерот Албанец“

Танго на македонски начин

Извинувањето на Мицкоски до народот

Кај нас проблемот е во долгогодишна злоупотреба на правото со дозвола и знаење токму од правниците и политиката. Се изнагледавме експерти кои дефилираат во правни дресови, облечени над партиските, кои за време на еден политички мандат имаат еден став, а во друг мандат - сосема различен. А во правото, кога еднаш ќе замижиш пред некоја уставна одредба, веќе си создал доволно длабок кратер во кој преседанот си создава слободна територија и „свое“ право.

Ако Мицкоски е искрен во тоа што денес го говори, ако сака да ја убеди јавноста дека се залага за владеење на правото, дека е различен од претходникот, прво треба да одговори - зошто не е побарана кривична одговорност од Иванов за неуставното доделување на мандатот на Груевски? Ако постои неуставна практика таа најбрзо може да се пресече само ако некој понесе одговорност за тоа. Вака доаѓаме до слепа улица: ако нема правно аргументирано мислење или пресуда дека Иванов го прекршил Уставот и ја приватизирал позицијата, од каква морална и правна позиција за истото го обвинува Пендаровски?

А во однос на експертите кои го советуваат, не е лошо да им ги разлиста изјавите и за друго прашање, кое во неколку наврати го посочува: обид да се убедат пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да дадат поддршка на коалицијата на СДСМ. Како илустрација приложувам една изјава, а ја оставам можноста самиот да го открие нејзиниот автор: „Со нашиот Устав Собранието е претставничко тело на граѓаните, а не на партиите. Дури и пратениците по Уставот одлучуваат по сопствено уверување, а не по партиското уверување (...)  Само неук човек може да превиди/премолчи дека во сржта на претставничката демократија е начелото дека пратеникот без оглед на изборниот модел ги претставува граѓаните и гласа по сопствено уверување. За жал, македонската извитоперена парламентарна пракса не е во согласност со уставната норма". 

Да не биде после дека не бил информиран.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми