1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бавна смрт на германските банки?

Хенрик Беме
6 септември 2018

Состојбата е очајна: од германските банки едноставно нема добри вести. Тоа што Дојче банк и Комерцбанк не се веќе дел од берзанските индекси не укажува на добра иднина, смета Хенрик Беме.

Deutschland War mal eine Deutsche Bank
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Schönherr

Ако е точно тоа што експертите го повторуваат, дека на берзата се тргува со иднината, не треба да се чудиме што се случуваат нешта како во изминатите денови. Берзанските експерти проверуваат дали компаниите сѐ уште ги исполнуваат условите кои овозможуваат да се најдат на индекс листата како на пример Дакс или Еуростокс (EuroStoxx-Index). Важен критериум е т.н. берзанска вредност или капитализирањето на пазарот, односно цената на акциите помножена со бројот на расположливи акции за продажба на пазарот. Дојче банк така стигнува до сума од 20 милијарди евра. Тоа не е доволно за Еуростокс индексот, кој го сочинуваат 50-те највредни компании од Еврозоната.

Штетата не е само по имиџот на компанијата

Дојче банк некогаш беше ѕвездата на германската економија.  Во најдобрите времиња акцијата чинеше повеќе од 100 евра, денеска се движи околу 10. А, познавач на браншата повторно претскажа тешки времиња: Дојче банк нема иднина. Во публиката седеше и шефот на Дојче банк. Сигурно не му се допаднало што чул, особено што испаѓањето од Еуростокс не е само штета по имиџот на компанијата. Последиците се и многу практични, како на пример во моментално многу актуелните ЕТФ фондови. Тие ги отсликуваат акциите и ако некоја од нив испадне, мора Фондот да ги исфрли и тие акции. Тоа значи дека за Дојче банк може да претстојат турбулентни времиња бидејќи најавените промени стапуваат на сила од 24. септември. Слична е ситуацијата и за втората најголема приватна банка, Комерцбанк. Таа по 30 години го изгуби своето место во Германскиот индекс за акции, Дакс. Германската берза пак моментално комплетно ги реформира сите свои индекси, па се случува влез на една компанија за вршење трансакции кој има повеќе од симболично значење. Една т.н. финтек компанија го зазема местото на класична банка. Веројатно на ова се мисли кога се зборува за дигитализацијата која навлегува во сите пори на светот. Вајакард (Wirecard), тоа е името на новиот член на Дакс, е производ на онлајн трендовите од новиот милениум. Денеска компанијата брои 5000 вработени и прави профит од 1,5 милијарди евра. За споредба, Комерцбанк има 14 милијарди со 50.000 вработени. Додека вредноста на акциите на Вајакард годинава порасна за 80 проценти, на Комерцбанк е намалена за една третина.

Хенрик Беме

Сето ова не изненадува, бидејќи класичните банки со досегашниот бизнис модел не се опремени за иднината. Засега реагираат на вообичаениот начин, се затвораат филијали, се отпуштаат вработени. Но, во дигиталниот свет веќе се сместени други компании, имено финтек фирмите. А, тие пак велат дека за трансакција од А за Б не е потребна банка, туку само атрактивна апликација. Така на големите банки не им преостанува ништо друго освен да се постават поинаку. Како финансиер за средната класа на пример.

Повеќе: 

Дојче банк пред пропаст?

Дојче банк - крајот на една икона

Банките не се сами со овој проблем

Банките не делат сами таква судбина. Летово на пример погодена беше американската икона на индустрализацијата, Џенерал Електрик. Пред 13 години уште беше највредната компанија на светот, а јуни годинава мораше да излезе од Волстрит индексот Дау Џонс. Во него беше 111 години, без прекини, како и еден од основачите. Највредни денеска се Амазон и Епл. Двете компании сега вредат повеќе од една милијарда долари на берзата. Така е тоа со дигитализацијата: почнуваш со пратки на книги, а по години си најбогатиот човек на светот. Или пак ќе си смислиш алгоритам и со твојата машина пребарувач 20 години подоцна владееш во онлајн светот. Можеби некаде во некоја гаража некои луѓе веќе работат на следниот голем изум. Нема гаранции дека Амазон и Гугл и за 10 години уште ќе бидат број 1.

Каква врска има сето ова со германските банки? Едно чудо. Во нивни раце е излезот од мизеријата. За тоа се нужни радикални идеи, многу знаење и уште повеќе храброст. Инаку падот од Еуростокс и Дакс ќе бидат само предвесници на бавната смрт.

Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми