1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот во канџите на корупцијата

Зоран Арбутина
25 јануари 2017

Независно судство, сузбивање на корупцијата, почитување на правната држава - на Балканот имаат почесно место во официјалните говори, но во пракса работата изгледа сосем поинаку.

500-Euro-Scheine
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Scholz

Борбата против корупцијата и старите клики беа едни од најважните најави на новиот романски претседател Клаус Јоханис кога тој на крајот на 2014. година, на изненадување на многумина, победи на изборите. Во тоа време меѓу неговите приврзеници владееше речиси еуфорично расположение, се зборуваше за почеток на нова ера во Романија. 

Отприлика две години подоцна, се јавија повторно старите времиња: свежо избраната социјал-либерална влада предводена од Социјалдемократската партија, ПСД, има намера да ги олабави важечките антикорупциски закони. Планирана е промена на законот според кој на водечки владини функции не можат да дојдат осудувани лица, а истовремено во иднина би се олеснил животот на корумпираните политичари: злоупотреба на службена положба би била неказнива доколку настанатата штета изнесува помалку од 50.000 евра. Се прави обид и за „дарување“ на бројни партиски и економски пријатели - планирана е амнестија преку која од затвор веднаш би излегле околу 2500 затвореници, меѓу кои и стотици политичари и функционери осудени поради корупција.

Протести во Романија против корупцијатаФотографија: Getty Images/AFP/D. Mihailescu

Отворање на патот за Драгнеа

Зад тоа се крие планот да му се ослободи патот кон премиерската функција на партискиот лидер Ливиу Драгнеа. Тој е осуден условно на две години затвор поради масивни манипулации во рамките на референдум против поранешниот претседател Трајан Басеску, а освен тоа во моментов се наоѓа под обвинение за злоупотреба на службена положба. Преку најавената законска измена, неговата условна казна би била избришана, а судската постапка прекината. Со тоа Драгнеа би бил избришан од регистарот на кривични дела и може да претендира на премиерската функција.

Во знак на протест против овие планови, на викендот во главниот град Букурешт и другите поголеми градови во Романија, на улици излегоа десетици илјади луѓе. „Не се согласуваме сите овие политичари, осудени поради корупција и други деликти, одеднаш да станат неказнети“, вели новинарот Кристијан Стефанеску, исто така учесник на протестот. „Не сакаме да им се даваат подароци на корумпираните луѓе“.

Иво Санадер се најде на слобода со кауцијаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Strukic/PIXSELL

Пример во антикорупциската борба

Притоа, досега романското судство важеше за пример во борбата против корупцијата меѓу поранешните социјалистички држави, во меѓувреме преминати кон пазарно стопанство. Така, романското Антикорупциско обвинителство ДНА во 2015. година подигна обвиненија поради корупција и злоупотреба на службена положба против 1250 лица, меѓу кои и против бивш премиер, петмина поранешни министри, 21 пратеник и околу 500 водечки функционери, судии и обвинители. Податоците на Европската комисија велат дека станува збор за сума од 452 милиони евра.

Стотината државни обвинители од ДНА се сметаат за докажани експерти во сузбивањето на корупцијата. Така, поранешниот романски министер за правда, Моника Маковеj помагаше и во структуирањето на  хрватската служба за борба против корупцијата и организираниот криминал, УСКОК. За разлика од Романија, во Хрватска борбата против корупцијата меѓутоа често се покажува како беззаб тигар. Во минатите години беа подигнати бројни обвиненија, вклучувајќи и против високорангирани политичари, банкари, менаџери или фудбалски функционери, но ретко кој од нив е осуден на правосилна затворска казна. По правило, постапките или се развлекуваат до момент додека не застарат делумно или целосно, или пресудите на првостепените судови во подоцнежната жалбена постапка се укинувани, повикувајќи се на грешки во водењето на постапката. 

Најпознат пример е случајот на поранешниот хрватски премиер Иво Санадер. На крајот на 2012. година тој во прва инстанца беше осуден поради корупција за време на неговиот мандат на десет години затвор и плаќање околу 480.000 евра. Во 2015. година Уставниот суд на Хрватска ја укина пресудата поради формална грешка во постапката: во процесот поради тежок случај на корупција, Санадер не добил фер-постапка, оцени највисокиот суд, враќајќи го случајот на повторно разгледување. Санадер, благодарение на плаќање кауција, излезе од затвор. Набљудувачите сметаат дека во новата судска постапка тој ќе добие ослободителна пресуда. Пикантно притоа е што Даворин Млакар, еден од судиите на Уставниот суд, и самиот е вплеткан во друга корупциска афера.

Аферата со прислушуваните телефонски разговори ги откри размерите на корупцијата во МакедонијаФотографија: DW/K. Blazevska

Македонија - „заробена држава“

Уште поапсурдни текови има борбата против корупцијата во Македонија. Земјата со години се наоѓа на последните места на индексот на Транспаренси Интернешнл за перцепирана корупција, оваа година од западнобалканските земји полошо стои само Косово. Во Македонија митото претставува секојдневие и тоа на сите нивоа. Кога лани опозицијата ги објави снимките од прислушуваните телефонски разговори на врвните владини членови, на виделина излегоа целосните размери на корупцијата. Така, широката јавност дозна како највисоките функционери барале провизија за изградба на нови сообраќајници или како со наместени тендери се доделувале договори и од државни пари се плаќале блиски фирми. И покрај тоа, не се случи ништo. Ниту државното обвинителство, ни Државната антикорупциска комисија не поведоа истраги.

Единствено Специјалното јавно обвинителство, основано под притисок на САД и ЕУ, подигна 11 обвиненија, но досега ниту едно од нив нема судска разрешница. „Фактот што не се презема ништо против корупцијата на највисоко ниво, ја осоколува секојдневната корупција. Македонските институции за борба против корупција не функционираат“, вели за Дојче веле Миша Поповиќ од независниот Институт за демократија во Скопје. „Македонија е заробена држава, држава во која најголем дел од институциите се само во служба на интересите на владејачката партија и владејачките политички елити“, констатира Поповиќ. Кон тоа се надоврзува и чувството на граѓаните: според една студија од 2016. година, министрите, партиските лидери, пратениците важат за најкорумпирани групи во земјата. По правило, граѓаните во борбата против корупцијата не очекуваат никаква помош од судството, зашто и судиите и полицијата, според анкетата, спаѓаат во оваа категорија. 

Во Романија, напротив, демонстрантите добија поддршка од највисока инстанца - и романскиот претседател Клаус Јоханис учествуваше на протестите против плановите на владата, критикувајќи ги во свој говор. Тоа му донесе ненадејно обвинувања за почеток на „државен пуч“. Така ангажманот на претседателот го нарече лидерот на Социјалдемократската партија, Ливиу Драгнеа, земајќи курс кон евентуална постапка за укинување на имунитетот. Јоханис контрираше со намера за распишување народен референдум околу владините планови за амнестија. Во Романија изби отворена борба за власт.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми