1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот е лулка на цивилизациите

13 декември 2011

Научникот Харалд Харман во својата книга „ Загатката на дунавската цивилизација. Откритието на најстарата култура во Европа“, тврди дека лулката на европската цивилизација се наоѓала на Балканот.

Зидојче Цајтунг пишува за Балканот во контекст на можна колевка на европската цивилизација

Весникот Зидојче Цајтунг, правејќи осврт на тврдењата на научникот Харман, наведува дека можеби е дојдено време да се корегираат текстовите во некои училишни книги.

„Според досегашните тврдења, лулката на цивилизацијата била во Месопотамија, каде се негувало земјоделството и сточарството. Ако може да му се верува на Харман, цивилизацијата ги имала корените уште многу порано и на друго место – пред седум, осум илјади години и тоа на Балканскиот Полуостров“, е нагласено во текстот објавен во весникот Зидојче Цајтунг.

„Дека таму се населиле првите европски жители, дека обработувале земјиште или се занимавале со грнчарство се знае веќе одамна. Меѓутоа, не е толку познато колку била развиена оваа ’стара европска’ или ’дунавска цивилизација’. Нејзините креатори се занимавале со трговија, основале градови со повеќе илјади жители, ткаеле текстил, боеле вазни, ковале бакар и злато, верувале во својата голема божица, се занимавале со сметање на времето и имале свое писмо многу пред Египќаните или жителите на Крф. Нивното општество било сложено, а жените одлучувале за многу работи“, пренесува Зидојче Цајтунг.

„Навистина многу од тоа што го опишува Харман се заснова на хипотези, кои меѓу стручњаците, благо кажано, се контроверзни. Сепак, низата богати илустрации, кои ги изнесува Харман за ’најстарата цивилизација во Европа’, во секој случај остава голем впечаток“, пишува весникот.

Азиланти под видео надзор

Тагесцатунг пишува за новата постапка на испрашување на барателите на азил, преку видео-конференциска врскаФотографија: dapd

Сослушувањето на барателите на азил по пат на видео конференција според мислењето на експертите е сомнително. Германската влада, по кратката фаза на тестирање, сака да го воведе токму тоа. Барателите на азил ги сослушуваат организациите за мигранти и бегалци, а потоа врз основа на снимката, надлежните службеници во канцелариите за странци одлучуваат за барањето. За тоа пишува весникот Тагесцајтунг.

„Постојат случаи, како оној на барателот на азил Ј. кои тераат на размислување. Овој бегалец од Турција во Гисен поднел барање за добивање на азил. Во месец јули бил повикан на сослушување, кое требало да се направи преку видео-конференција. Благодарение на фактот што неговиот адвокат Виктор Пфаф реагирал брзо, таа конференција е прекината. Подоцна е утврдено дека Ј. е трауматизирана личност поради злоставување и дека неговиот организам ослабнал по повеќемесечниот штрајк со глад, поради што не бил во состојба да одговара на прашањата. Случајот е завршен така што Ј. добил азил во Германија“, стои во текстот на весникот Тагесцајтунг.

„Надлежните институции веројатно не би донеле иста одлука доколку Ј. не го повикале на личен разговор. Бидејќи, службениците на снимката најверојатно воопшто не би приметиле дека тој не е во состојба да одговара на некои прашања, што би отишло на негова штета. Сепак, германската влада смета дека видеоконференциите се делотворни. Берлин оваа есен сигнализираше дека најверојатно трајно ќе го воведе овој начин на сослушување на барателите на азил, бидејќи на тој начин можат да се заштедат трошоци“, пишува Тагесцајтунг.

„Барање за азил во Германија во текот на минатата година поднеле 48 000 лица. Во ноември 2010-та година Сојузната канцеларија за миграции и бегалци во Нирнберг започна да врши сослушувања на поединечни личности. Трауматизирани, малолетни и лица гонети поради својата полова припадност се нависитна изземени до тоа. Спорно е тоа што не секогаш е можно да се утврди дали некоја личност е трауматизирана. Сослушувањето на барателите на азил по пат на видео снимка е спорно и поради тоа што со закон е пропишано дека барателите на азил се сослушуваат лично во надлежна институција“, пишува весникот Тагесцајтунг.

Автор: Белма Фазлагиќ – Шестиќ / Александар Методијев

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми