1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот е на потег

Обработка: Е.М. Фиданоска
12 февруари 2018

Балканските држави се економски и институционално незрели за ЕУ, оценува „Ди Пресе“, додавајќи дека создавањето илузија за „ЕУ-перспектива“ е загрижувачко за двете страни.

Westbalkan-Konferenz in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Во текстот со наслов „Европската фатална безалтернативност за Западниот Балкан“, авторот Оливер Грим се осврнува на Стратегијата на ЕУ за регионот, притоа наведувајќи дека на државите им се ветува „веродостојна перспектива“. Набројувајќи ги активностите на Брисел во периодот кој доаѓа, како планираната турнеја на претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, во регионот и Западнобалканскиот самит во Софија во мај, авторот оценува:

„Се чини сето ова не допира до Европејците. Дали во Австрија, Германија, Франција, Холандија и на други места за тоа се дебатира јавно? За жал - не. А ваквите изгледи би требало да бидат предмет на засилено размислување. Зашто, како што стојат работите, или се тргнува кон повторување на тешката грешка која Унијата ја направи при последните два круга проширување, кога прими институционално и економски незрели држави, или понудата за приклучување воопшто не е сериозна. Во таков случај Унијата би си го уништила неповратно најмоќното (некои би рекле и единственото) надворешнополитичко средство: изгледот некогаш да се биде дел од најбогатиот клуб на светот... Дали за Унијата не постои друга алтернатива освен геополитички да ги врзе за себе западнобалканските држави и пред сѐ - да им даде на младите во овие држави надеж? 'Искрено, не размислувам за алтернативи, затоа што тоа веднаш би го уништило интегрирањето на овие земји', рече Хан деновиве во разговор со дописниците од Европа. Тоа е депримирачка дијагноза. Со нејзе на шесте држави им се подметнува дека не се способни, на пример, прво да се здружат во економска унија, која потоа во втора фаза би можела да се приклучи на ЕУ. Ако се проанализира попрецизно, во безалтернативноста на приклучувањето за која се зборува, се кријат траги од колонијализмот: дивите таму долу не можат сами да се справат со состојбите, па им се потребни просветителско-апсолутистички развојни помошници од Брисел кои ќе им покажат како се јаде со нож и вилушка. Ниту еден човек не сака да биде третиран на тој начин“, се вели во коментарот на „Ди Пресе“.

Повеќе: 

Објавена Стратегијата на ЕК: историска шанса за Западниот Балкан

Западен Балкан - геостратешка инвестиција на ЕУ

Со ЕУ-стратегијата за Балканот се занимава и проф. д-р Улф Брунбауер. Во неговиот коментар во „Мителбајрише цајтунг“ со наслов „Балканот е на потег“, меѓу другото се вели:

„Новата ЕУ-стратегија на државите на Западен Балкан и нивните речиси 18 милиони жители им отвора јасна перспектива за приклучување. И добро е што е така, зашто само изгледите за членство може да произведат вистински реформски напори (што во моментов е веќе видливо во Македонија). Длабоки реформи се итно неопходни, затоа што во актуелната состојба ниту една од земјите во регионот не би можела да ѝ се приклучи на ЕУ. Дефицитите, јасно набројани од ЕК, се преголеми. Добро е што ЕУ инсистира на спроведување реформи. Убави закони за борба против корупцијата има доволно, но недостига нивно веродостојно спроведување. Србија и Косово би морале да ги нормализираат своите односи, границите би морало да се признаат, да не се случи уште еднаш раскол каков што има во моментов меѓу Словенија и Хрватска, кои се караат за Пиранскиот Залив. Владите на Западниот Балкан сега се исправени пред јасен избор: можат да сторат нешто за своите граѓани и за тоа да добијат голема поддршка од страна на ЕУ, или можат во преден план да ги стават сопствените интереси. Во таков случај би умрела надежта за обединета Европа.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми