1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот на Западите

3 август 2017

Неминовен е заклучокот дека Западот како термин никогаш не бил поприсутен во политичките говори и никогаш поотсутен во промислувањата за неговата иднина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

На распаметениот, измрцварениот и од себе заситениот Балкан не може да му се замери на наклонетоста кон големи очекувања и еуфорични пречеци на било кој државник од светската елита. Ниту пак на истите тие државници може да им се замери што едвај успеваат да ја прикријат мрзата, здосаденоста и горливата желба час поскоро да заминат од ова наше весело друштво заглавено во историско мегаломанство, географска слепа улица и политичка тупавост. Но затоа, ферски ќе е доколку и првите и вторите не ни замерат премногу на констатацијата дека и посетата и говорот на американскиот потпретседател во Подгорица наликуваше на веќе видена бурлеска со многу слики и неколку збора вредни за помен.

За сликите нема што многу да се каже, освен забелешката дека САД низ Подгоричкиот самит ја потврдија смената на генерациските политички водства и заокружување на процесот на менување локални актери без чепкања во регионалната архитектура и пракса. Истото важи и за приодот на САД, сега веќе традиционално редуциран на канцеларијата на потпретседателот на САД и баз намера да се врати на старите добри времиња, кога членствата во НАТО беа наградувани со посети и престои на првиот станар на Белата Куќа (Клинтон во 90-тите и Буш Јр. во 2008). Посетата на Пенс ја продолжува праксата на Обама и Бајден за префрање на Балканот во ингеренциите на потпретседателството, заклучно со блиц сафари посети во земји за кои ниту Обама, ниту Трамп немаат забележителен интерес и  и н т е р е с! да ги удостојат со сопствено присуство и уважување како достојни членови на клубот на западни вредности.

Што сакаше да каже Пенс?

Останува, затоа, недоречено дали Пенс својата забелешка за западно-балканското „припаѓање кон Запад” ја искажа како констатација на географската реалност, заложба за историската иднина или предупредување за политичките тупамароси на Балканите да си ги поправат компасите? Безвредно е, секако, одговорот на дилемата да ја побараме од пресреќните домородни поглавици и нивните шема-одговори за определбите, заложбите и „само запад, брат” поклици забиберени со ориентални ждригања на авторитаријанство. И сосема задоволни со добиените стаклени дарови – пар слики со Пенс, една во која се семејно наредени како аптекарски шишиња и другата расклештени во колено-до-колено муабет со гостинот. 

Но, што мислеше поточно потпретседателот на Трамп со неговата напати подвлечена изјава дека „Балканот му припаѓа на Западот”? Дотолку повеќе што во својот говор Западот се сведуваше на континентална Европа, со само едно спомнување на Европската Унија, па дури и тоа во индикативно условена пацка за влијанието на САД. Но затоа пак јасно изразеното аутирање на ЕУ беше надоместено со 19 спомнувања на Европа „цела, слободна и мирна”, 12 спомнувања на НАТО, три спомнувања на демократијата (од кои еднаш во контекст на Венецуела, еднаш во однос кон Русија) и едвај-еднаш спомната корупција. Математичко сумирање кое говорот на Пенс го става во корелација со веќе славниот говор на Трамп во Варшава (прикладно адаптиран кон Балканските специфики) и потврдува дека односот на новата администрација на САД кон стариот континент веќе не е инцидентален залет на „забеганиот” Трамп. Туку веќе сосема активен и во процес на имплементација стратегиски пресврт и рекомпонирање на надворешната политика на Вашингтон кон континентална Европа како стратешки приоритет и Европската Унија како предизвик и ривал, некомпатибилен со перцепцијата на Трамп за концептот на Запад. Приод кој веќе отворено го потврдува отклонот од приодот на Клинтон-Буш-Обама кон Европската Унија како стратешки партнер на САД и навестува навраќање кон пристапот на Реган кон Европа како сфера на експанзионистичко влијание на Америка.

Да, Пенс пропушти да дообјасни во своето обраќање што всушност тој или неговиот претпоставен подразбираат под терминот „Запад”? Нафрлените, но недоволно подвлечените атрибути на современи цивилизациски вредности (компензирани со традиционалистички спомнувања на „добрата книга”) се сепак недостаточни за конципирање на новиот пан-европски моментум кој ќе парира на етаблираните административни и политички Унионистички братства на Брисел како бастион на (она што остана од) либерал-демократскиот поредок во Европа.

Американскиот потпретседател Мајк Пенс во ПодгорицаФотографија: Getty Images/AFP/S. Prelevic

Што е всушност Западот?

Што е тогаш Западот? И каде точно се наоѓа? Овие прашања се насловот на одличниот есеј на Питер Бергер во кој односот кон Западот го дефинира пародично низ призмата на интерните и екстерни фактори и нивната перцепција во определувањето на факторот Запад. За Германија, вели Бергер, „Западот е од другата страна на Рајна”. За Русија, низ  зборовите на старииот Карамазов, „западот е сега од другата страна на руската граница”. За конзервативните француски католици, „Западот е секаде каде протестантизмот ја има проширено својата корозивна моќ”. За конзервативната Британија, секогаш на штрек од француската револуционерсност, „Западот е на источната страна на Англискиот канал”. За продуховената Шпанија загрозена од техно-инвентивните соседи, „Западот е северно од Пиринеите”. За Јужна Америка, како „ариелистички” дом на имагинацијата и душата, ривалот е Американскиот Калибан зададен по материјални добра – ерго, „Западот е северно од Рио Гранде”. И на крај, според Бергер, за Америка поделена на јужни традиции и северен материјализам и индивидуализам, „Западот е ексклузивно сместен во Акрон, Охајо”. Гратчето во кое на 22. август 2016, кандидатот Доналд Трамп им вети на своите гласачи дека „ќе стави крај на странските измами и на економска капитулација на Америка. Новата ера на Американска Величина започнува.”

Би било прелесно да подлегнеме на констатацијата дека – според аналогијата на Бергер – заболувањето на Западот го лоцираме токму во говорот на Трамп во Акрон и истиот го судиме како изолационистички, протекционистички, џингоистички дури. Иако во него има елементи на сите наведени атрибути, тој е повеќе сублимат на духот на сомнеж и неизвесност на Западот во сопствената мисија и моќ. И по таа линија, Трамп е надополнување – не зачеток – на корозијата на Западот кој започна долго пред него, во паролите за францускиот патриот-протекционизам на Саркози, во восхитениот завет на Меркел дека „ерата на мутикултурализмот е завршена”, па сѐ до Брегзит,  движењето на Бепе Грило на Италија, бело-христијанскиот национализам на Орбан и Качински ... Сите сплотени во прифаќањето на западните вредности како свршен чин, како некаков природен атрибут и факт кој се подразбира без дискусија за супремацијата на западниот идеал, модел, достиг кој им припаѓа ним и никому друг до Западот. Неспремни и неволни да ја прифатат или барем земат во предвид забелешката на Бергер дека „во одредени историски моменти, правата кои се перцепирани како 'само-евидентни' всушност се јавуваат во простори далеку од западната историја на идеи. Некој тоа може да го нарече како културен империјализам, иако поприкладно може да се нарече како империјализам на вистината”. Затоа, осврнувајќи се кон западните политички знаменосци на западните вредности, Бергер со право ги потсетува дека „Западот нападнат од сите овие комуналисти, не е географска локација, туку начин на гледање врз светот”.

Судејќи според начинот на кој Пенс го поима Западот како бастион на силата, праксата низ која ЕУ ја поима демократијата како изборна статистика, економијата сведена на профит без милост и кундак во лице на неприлагодените од страна на Берлин, славата на минатото како спас од тонење во ирелевантност од страна на Франција, неминовен е заклучокот дека Западот како термин никогаш не бил поприсутен во политичките говори и никогаш поотсутен во промислувањата за неговата иднина. Поради што самиот Запад - а не Русија, Иран или Кина – го дефинира сопствениот оксидентален залез на сопствените вредности поради економскиот предизвик за зачувување на статус кво низ лимитирање на слободите и ориенталниот подем во имитирање на западните вредностите како логичен происход на социјалните турбуленции и глад за слобода. 

Предимство на стабилноста

Ефектите на таа современа дилема се многу поблиски до нас отколку што претпоставуваме. И засега сѐуште само тлеат под бранот на апатичност на јавноста за „новата реформска влада” и нејзините „решителни чекори за враќање на животот”. Кој сепак од ден на ден наликува на огромно свртување во место, но со сега демократски штембиљ на невидена цензура, галопирачка нетранспарентност, вртоглава превртливост, повампирен клиентелизам и ново-осознаена толеранција и разбирање за давање предимство на стабилноста на сметка на борбата против криминалот и корупцијата. И повторно, како и во 2006 година, во име на наше добро и прагмата на владеење без потреси, со нови Пломп-медиуми, нови квази-НВО, нови тапкања по рамо. Без суштински промени, но со ДУИ како константен лакмус тест на ВМРО и СДСМ. Сите сплотено – па дури и Сашо Мијалков и Александар Верушевски! – громогласно заколнати дека за Македонија нема друга опција освен Западот. Па дури и доколку самиот Запад не знае да се дефинира себеси и ги определи сопствените граници. Но затоа, токму избраниците на Вашингтон и Берлин, Берлин и Париз на Балканите ги дефинирааат вредностите на Западот во очите на граѓаните. Минатото е пролог. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми