Балканот одново во германскиот политички фокус?
11 јуни 2014 Конференцијата за Западен Балкан, која во саботата во својот видео подкаст ја најави канцеларката Ангела Меркел, ќе се одржи на 28 август во Берлин. Ова го дознава Дојче веле од извори блиски на Владата. Како што официјално не‘ информираа во владината служба за печат, деталите околу конференцијата се во фаза на договарање. Програмата, учесниците и текот на конференцијата официјално ќе бидат финализирани месец пред одржувањето, некаде кон крајот на јули.
Од германското сојузно Министерство за надворешни работи, меѓутоа, Дојче веле доби потврда дека шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер ќе испрати покани за оваа меѓувладина средба до своите колеги од земјите од Западен Балкан: Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија, како и до актуелните ЕУ- членки Словенија и Хрватска. Покрај нив ќе бидат поканети и претставници на институциите на Унијата од Брисел.
Потсетување на „заборавениот“ регион?
Од сојузното МНР истакнуваат дека целта на конференцијата е да се покаже дека германската страна долгорочно се ангажира околу иднината на земјите од Западен Балкан. Министерството, како ни е посочено, може да говори само за делот за кој самото организационо е ангажирано, а тоа е состанокот на шефовите на дипломатиите. Главна тема на нивните разговори ќе биде доближувањето до ЕУ, со посебен акцент на функционирањето на правната држава.
Покрај овие инфромации од сојузното МНР, добри познавачи на регионот за ДВ неофицијално велат дека за ваква средба со лидерите на земјите од Западен Балкан уште од поодамна било размислувано. Идејата сега ја конкретизирала германската влада, поточно канцеларката Ангела Меркел, која осврнувајќи се на јасната перспектива на земјите од регионот за приклучување во ЕУ, најави дека „Германија на крајот на август ќе ги покани сите балкански држави на конференција, за и овде да стави јасно до знаење дека сме за меѓусебна поддршка и сакаме заеднички да гледаме во иднината. Затоа и многу силно се залагаме за овој регион“.
Да се испрати некаков сигнал кон регионот и да се потврди европската перспектива, како вели за ДВ добар познавач на Балканот, било крајно време. Зашто, изминативе години поради финансиската криза и толку споменуваната „замореноста на ЕУ од проширувањето“ - Балканот бил целосно притиснат во заднина. Турбуленциите од последниве месеци како да придонеле регионот повторно да добие на актуелност. Прво, поради изборите за Европските институции по кои е извесно дека се засилени позициите на популистите и противниците на ЕУ и проширувањето. Друг, не помалку значаен момент е кризата со Русија и Украина, од каде пак е најавен интерес за поголемо доближување до ЕУ. Поради сиве овие моменти, како вели изворот на ДВ, важно е да се испрати политички сигнал дека земјите од Западен Балкан кои и онака веќе се на пат кон ЕУ - не се заборавени.
Највисок формат
Конференцијата за Западен Балкан која ја најави канцеларката Меркел, како дознава ДВ, би била на највисоко политичко ниво. Замислата е да учествуваат премиерите, шефовите на дипломатиите и задолжените министри за економија. На едно место во престолнината би се нашле првите гарнитури на земјите од регионот, кои без исклучок претендираат кон ЕУ членството: Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија, но и Хравтска и Словенија, кои веќе го минаа европскиот пат. Засега идеја е конференцијата да има два дела. Во првиот дел би се одржале паралелни средби на три нивоа: на премиерите, на шефовите на дипломатиите и на министрите задолжени за економија. Во сите паралелни средби своевидни модератори и медијатори би биле германските домаќини. Вториот дел од конференцијата би бил пленарен – би се вклучиле сите учесници и би се расправало за она што претходно било тематизирано, договорено или заклучено на претходните паралелни дискусии.
Дали на конференцијата би учествувале и дипломати од другите земјите членки на Унијата се’ уште не е дефинирано. Идеја е ваквиот формат на конференцијата со претставници на Западниот Балкан да стане традиционален и да се одржува секоја година. Поточно, како вели еден од нашите соговорници, се размислува секоја година домаќин на ваквите конференции да биде различна држава од Унијата. Позитивни сигнали, како дознаваме, засега испратила Австрија, која на пример би била домаќин на конференцијата наредната година, но расположение изразила и Холандија.
„Добро е конкретно и континуирано да се следи до каде се стасани земјите од Западен Балкан, со кои проблеми актуелно се соочуваат, им треба ли некаква конкретна поддршка? Извесен скептицизам околу форматот на ваквите средби наметнува, меѓутоа, размислата дека не секоја земја на ЕУ која би се вклучила како организатор на Конференцијата го има и интересот за проширувањето со земјите од Балканот. Оваа ’домашна задача’ , во секој случај ќе остане да се реши во иднина, се разбира доколку првата конференција во Берлин ги оправда очекувањата и целите и годишните средби прераснат во стандарден формат“, коментира изворот на ДВ.
Развлечено приклучување!
Доколку се анализира што се' се случувало во регионот во последната деценија по „ветувањата“ за европската иднина или „Агендата од Солун“ (јуни 2003), факт е дека постигнатото ниво на доближување кон Унијата кај одделните држави е различно. Македонија, се чини, од сите земји во регионот најмногу „чекорела во празно“. Колку за илустрација, Македонија била прва од регионот која во април 2001. година ја потпишала Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Од 2009. година земјата го има и кандидатскиот статус. И покрај позитивните извештаи на Европската комисија, поради познатиот спор околу името, петпати последователно е блокирана од страна на Грција во Европскиот совет. Останува и натаму целосно неизвесно кога ќе може да ги започне официјалните пристапни преговори. Не треба да се имаат преголеми очекувања дека конференцијата во Берлин ќе придонесе за надминување на грчката блокада. Но, неспорно е дека е значајно на проблемот постојано да се укажува и да се бара отворање на пристапните преговори.
Инаку, некои од земјите од регионот минуваат експресно брз пат кон ЕУ. Таков е случајот со Црна Гора - во октомври 2007. го потпишала Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, во ноември 2010. го стекнала кандидатскиот статус, во јуни 2012. ги започнала пристапните преговори. И Србија има добри позиции - по сите конфликти со Косово, минатата година со посредништво на високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Кетрин Ештон, доби супер брз приклучок на европскиот колосек. Во овие услови и Косово преку Спогодбата за стабилизација и асоцијација има одлични шанси за брзо раздвижување, додека и натаму е комплицирана ситуацијата на Босна и Херцеговина. За сите наследнички на поранешна Југославија, а и за Албанија, на која поради економски чинители и‘ се најавува блокада од Република Чешка, конференцијата во Берлин би можела да биде вистински позитивен сигнал за европската иднината. Се разбира, доколку обете страни сериозно ги сфатат и ги прифатат меѓусебните пораки кои сега може само да се скицираат: дека на регионот му се потребни вниманието и поддршката од ЕУ и дека земјите од Западен Балкан мора да ја преточат во својата реалност функционалната правна држава!