1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот помага во борбата против Исламска држава

Марина Максимовиќ / Дијана Ристова4 декември 2014

Коалицијата која се бори против Исламска држава (ИД) тврди дека е запрен напредокот на џихадистите, но дека борбата ќе потрае со години. Каков придонес кон оваа борба можат да дадат Србија и другите земји од регионот?

Фотографија: picture alliance/ZUMA Press/M. Dairieh

По неполни три месеци откако е основана коалицијата за борба против Исламската држава (ИС) во Брисел се одржа засега најголемиот состанок на тема борба против џихадистите кои дејствуваат на територијата на Сирија и Ирак. Претставниците на 62 земји и организации кои во моментов ја сочинуваат оваа коалиција, на чело со САД, во седиштето на НАТО во Брисел ја потврдија подготвеноста заедно да се спротивстават на една од најголемите терористички закани во светот: „Нашата борба најверојатно ќе се мери во години, но нашите напори веќе даваат значајни резултати“, порача американскиот државен секретар Џон Кери на состанокот. Тој додаде дека учеството на голем број земји и‘ дава кредибилитет и сила на коалицијата да не се бори против џихадистите, „само на територијата на Ирак и Сирија, туку и да ја спречи секоја можна поддршка кои тие можат да ја добијат ширум светот .“

Во глобалната борба против Исламската држава (ИД) секоја членка на коалицијата придонесува во рамките на своите можности. Дел од земјите веќе два месеца учествуваат во воздушните напади врз позициите на околу 30 илјади борци на ИД, колку што се проценува дека ги има во Ирак и во Сирија. Останатите држави помагаат преку хуманитарни акции, размена на информации и сузбивање на потенцијална поддршка на тероризмот на своите територии, а меѓу нив се државите на Западен Балкан.

Весна ПусиќФотографија: dapd

Шефицата на хрватската дипломатија Весна Пусиќ, порачува дека коалицијата е тука за да се бори против терористичките групации кои со ужасни методи настојуваат да дојдат до власт, пари, нафтени извори и контрола над луѓето: „Се сретнавме со цел да го демонстрираме заедништвото од Јапонија, преку арапските држави, ЕУ, САД и сите држави од нашиот регион. Во прашање е широка коалиција која ја вклучува и борбата против странските платеници и екстремисти кои од нашите простори заминуваат во борба“, вели Пусиќ. Таа го повторува ставот дека самото име Исламска држава се користи погрешно во овој контекст, затоа што „не се работи за ислам ниту пак држава“, туку за збир на екстремисти и терористи.

Војната не се добива со бомби

Еден од учесниците на состанокот со седиште во НАТО, шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, додава и дека во прашање е „вид на војна која не може да се реши со бомби“. Дачиќ нагласува дека целиот свет е определен за таа борба и дека и Србија и сите земји од регионот се активни учесници во оваа коалиција: „Ние не можеме да помогнеме на начин на кој тоа би можеле да го сторат побогатите и поразвиените земји, но, можеме да го прилагодиме своето законодавство и да преземеме чекори и цели за спречување на регрутацијата и заминувањето на т.н странски борци и платеници од нашата територија. Истовремено, можеме да ги спречиме и евентуалните текови на финансирање на таквите организации“.

Средба на анти-ИД алијансата во БриселФотографија: Reuters/Eric Vidal

Дачиќ на состанокот во Брисел потсети дека уште пред појавата на заканата од страна на Исламска држава, на територијата на некогашната Југославија е евидентирано постоење на движењето на вахабистите и дека денес има регрутирани лица од Рашката област, од Косово и од БиХ кои се наоѓаат во редовите на исламистите на територијата на Ирак и Сирија. „За нас ќе биде проблем кога тие ќе се вратат. Затоа е и предложено да се направи база на податоци на сите личности кои учествуваат на тие бојни полиња. Овде не мислам само на ИД, туку и насекаде во светот. За Србија не е добро кој било од нејзините граѓани да учествува во која било војна од која Србија не е засегната“, порача шефот на српската дипломатија.

Уривање на идеологијата на ИС

Покрај Србија, и БиХ во текот на овие години усвои цела низа закони кои се однесуваат на забраната на заминување на нејзините граѓани да се борат како доброволци на други територии. „Порано тоа не беше незаконско, но сега го решивме тој правен вакуум и бројот на таквите радикални заминувања од БиХ е значително намален“, изјави министерот за надворешни работи на БиХ, Златко Лагумџија. Лагумџија вели дека БиХ секогаш имала таква сензибилност кога е во прашање хуманитарната помош за жртви од војна и криминал и дека, во согласност со своите можности, секогаш е подготвена на таков вид на придонес во рамките на коалицијата, собрани во борбата против Исламската република.

Златко ЛагумџијаФотографија: DW

Лагумџија оценува дека „најтежок, но и единствен вистински начин“ за борба против Исламската држава е делегитимизацијата на нејзината идеологија: „Тоа е можно со гаѓање во самата срж на она што се случува, а тоа се неправдата, сиромаштвото, но и нерешеното палестинско прашање кое го уништува арапскиот свет и создава плодно тло за различни видови на екстремизам. Во БиХ удар во темелите на таквата идеологија значи повеќе ЕУ, повеќе безбедносни структури како што е НАТО, односно наша се‘ поголема евроатлантска интеграција. Тоа ќе донесе нови инвестиции, ќе отвори нови работни места, ќе обезбеди владеење на правото и со самото тоа ќе се бори против она, поради кое заминуваат не само нашите луѓе, туку и оние ширум Европа, затоа што се чувствуваат маргинализирано. Ударот на неправдата и сиромаштвото е борба не само против ИД, туку и против секаков тероризам“, заклучува Лагумџија.

Официјалните лица на земјите од Западен Балкан, оценуваат дека во овој момент на регионот не му се заканува директна пасност од можни терористички акции од страна на борците на Исламската држава.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми