1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот се плаши од повлекување на НАТО

Обработка: Е.М. Фиданоска
7 февруари 2017

Многу Македонци, Албанци и Босанци стравуваат дека во мандатот на Трамп САД ќе се повлечат од Балканот и дека ќе зајакне влијанието на Русија во регионот, анализира денеска „Франкфуртер Рундшау“.

Symbolbild EU USA Flagge
Фотографија: Getty Images/T. Charlier

„САД во сите држави (на Балканот, н.з.) се обидуваа да им дадат поттик на либерално-демократските вредности: со пари, зборови и проекти. Во ниту еден друг регион во Европа САД и НАТО не се поважен стабилизатор отколку во Југоисточна Европа. Во Трамповата Америка се чини сето тоа веќе не игра никаква улога“, се вели меѓу другото во анализата со наслов „Балканските земји стравуваат од повлекување на НАТО“, објавена во „Франкфуртер Рундшау“.

Весникот оценува дека три држави се особено фрагилни - Македонија, Косово и Босна и Херцеговина:

„Европејците досега применуваа 'soft power', додека САД беа познати по своите јасни наредби, во случај на потреба зачинети со остри закани. Ваквата политика е загрозена во мандатот на Трамп. Прво, затоа што САД под негово раководство сакаат да се ангажираат помалку и со тоа зад себе ќе остават вакуум, второ - затоа што Русија со тоа автоматски ќе стане посилна и трето - затоа што НАТО во времето на Трамп ќе ослабне... Што ќе се случува на Балканот во наредните години зависи и од тоа кој ќе биде дел од 'дошепнувачите' на Трамп. Зашто, токму затоа што Трамповиот начин на водење политика ја претекнува дипломатијата, лобистите стануваат многу моќни. Решавачка улога ќе има новиот заменик министер за надворешни работи Џон Хеферн, кој е надлежен за Европа. Од страна на новата американска администрација се давата знаци дека нема да се дозволи ново прекројување на границите на Балканот... Со ерата Трамп се намалуваат и морално-етичките амбиции на Балканот. САД под раководство на Трамп ќе даваат помалку пари за проекти за демократизација во регионот - или за проблеми кои според Трамп веќе не се проблеми - како поддршка на жените или на сексуалните малцинства. Оној кој не се вклопува во концептот, нема ниту да добива натамошна поддршка. Тоа е веќе видливо во Македонија... Откако Трамп е на власт, американскиот амбасадор во Скопје, Џес Бејли, е мета на напади. Неодамна, еден од водечките републиканци, Кристофер Смит, побара истрага против Бејли поради тоа што тој наводно се ставил на страната на опозиционите социјалдемократи. И, Бејли наводно имал 'преблиски' контакти со невладини организации кои се блиски до либералниот филантроп Џорџ Сорос. Факт е дека Бејли во текот на изминатите години беше многу активен. САД, заедно со ЕУ, преземаа обиди за демократизација, а соработката на ЕУ и САД во Македонија важеше за пример. Улогите беа поделени како што функционираат веќе 20 години. ЕУ посредуваше. САД на крајот удираа со тупаница на масата. Тоа, очигледно, во ерата на Трамп веќе не е пожелно“, се оценува во анализата на „Франкфуртер Рундшау“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми