Балканот станува „легло“ на авторитарност
2 март 2017![Wien Angela Merkel Donald Tusk EU Gipfel Balkan Route](https://static.dw.com/image/35880978_800.webp)
Многу симптоми на кризата која во моментов ја преживуваат европските демократии веќе со години се развиваат, изразуваат и зацврстуваат на југоистокот на континентот: кризата на демократијата во југоисточна Европа е видлива за секого, а „идејата за либерално-демократски консензус повеќе не постои“, вели Флоријан Бибер од Центарот за Југоисточно европски студии на Универзитетот во Грац.
Но, таа криза не е последица на акутна депресија, туку таа се развива во текот на еден друг негативен процес, објаснува Михаел Хајн, професор на Универзитетот Хумболт во Берлин. Хајн анализирал повеќе статистики и индикатори кои ја мерат демократијата според различни развојни, социјални и параметри за владеење на правото. Насекаде се забележува истата тенденција: сите земји на Југоисточна Европа, со исклучок на Косово, и тоа независно од тоа дали се членки на ЕУ или не, во изминатите десет години забележиле константен тренд на пад. Тоа е објективното влошување. Во однос на субјективните параметри како довербата на граѓаните во институциите и парламентот, воочлива е истата тенденција.
Меѓу државите од регионот кои сѐ уште не се членки на ЕУ или, како во случајот на Хрватска, која е кусо време членка, кризата на демократијата следи една принципиелна криза на вредности и ориентација. Во таа несигурност, се јавуваат силни лидери кои нудат едноставни пораки преземени од националната историја. Потоа национализмот ги тресе општествата под демократски избрани, но авторитарни лидери.
Нова форма на владеење на Балканот
На тој начин во земјите од Западниот Балкан се рашири нова форма на владеење, смета Ведран Џихиќ професор од Виена: авторитарно водени, националистички аргументирани и со неолиберална економија. Овие политичари покажуваат „неверојатна прагматичност на моќта“ и се однесуваат по примерот на турскиот претседател Ердоган. Притоа, демократијата станува средство за остварување на целта, но не и цел сама по себе. Тие ги користат демократските инструменти и истовремено де-факто ги ставаат вон сила.
Таков е на пример српскиот Александар Вучиќ, прототип на политичар кој се однесува „месијански и нарцистички“. На гласачите им се сугерира дека решението на кризата бара „цврста рака“, вели Џихиќ. На тој начин се раѓа монополизацијата на моќта преку една личност. Државните институции практично се ставаат вон сила. Системот функционира затоа што постојано се произведуваат нови државни кризи. Тоа важи и за економската политика во која реториката „Ако можам, сѐ ќе направам“ на луѓето им создава илузија дека се работи за раст во кој и тие учествуваат. Во реалноста од клиентелистичката политика профитира само еден мал круг на моќта.
Поголем ангажман на ЕУ
Поддршката за граѓанското општество и независните медиуми се клучни за разбивање на антидемократските тенденции, смета Наташа Вунш, политолог од Цирих. Таа смета дека концептот на ЕУ за интеграција низ демократизација пропаднал, затоа што европеизацијата и демократизацијата на земјите се одвоиле едно од друго. ЕУ мора експлицитно да ги осуди демократските застранувања и во истовреме да изгради механизми за поддршка на демократијата и на граѓанското општество.
Експертите се согласни дека два сектори бараат особено внимание: правната држава и слободата на медиумите. Кај нив се забележуваат најалармантните застранувања и затоа мора итно и одлучно да се именуваат повредите и да се воведат позитивни мерки и поддршка. Во спротивно, земјите од Југоисточна Европа дополнително ќе се оддалечат од европските вредности, а членството во ЕУ ќе стане далечна иднина.