Балканот стравува од брегзит
22 јуни 2016Како се чувствуваат на Западен Балкан во врска со евентуалниот излез на Велика Британија (брегзит) од ЕУ и какви им се желбите, можеби најдобро зборува пораката на албанскиот премиер Еди Рама: „Ве молам, не заминувајте“, пишува денеска бриселскиот портал ЕурАктив.ком. (EurActiv.com.)
За останувањето на Велика Британија во ЕУ, Рама јасно се изјасни во текстот за ризиците од брегзит за весникот „Тајмс“ во април.
Шефицата на преговарачкиот тим на Србија, Тања Мишчевиќ, вели дека „најголем страв и’ е оти Западен Балкан ќе се најде ’под радар’ што и да се случи со Велика Британија“.
„Преговорите на 27 членки и на Велика Британија ќе бидат приоритет заедно со бегалската криза, Турција и потоа, ако уште нешто се случи, проширување и Србија“, додаде Мишчевиќ.
Македонија ќе биде „уште подалеку од ЕУ отколку сега“ ако Велика Британија ги прекине врските со Унијата, смета Петре Шилегов од опозициските социјалдемократи.
И додека симпатизерите на брегзит ја гледаат ЕУ како некој кој се меша во националниот сувенернитет, многумина на Западен Балкан, во регионот каде што има сиромаштија и потреси, гледаат на ЕУ како светилник на стабилност и просперитет, се оценува во текстот.
И покрај тоа, ентузијазмот за влез во ЕУ на Западен Балкан бледее, со оглед на кризата во зоната на еврото и мигрантската криза која ги постави земјите од регионот „на прва линија“, но без чувство оти Европа ги поддржува.
Брегзит би можел само да ги зголеми таквите чувства, сметаат регионалните политичари и аналитичари. „Излезот на Велика Британија (од ЕУ) би ги поттикнал евроскептичните идеи кои постојат“, предупреди косовската министерка за дијалог Едита Тахири. Официјално регионот е цврсто определен за евроинтеграција.
Така, мандатарот за состав на нова влада на Србија, Александар Вучиќ, повторно ги доби изборите во април со силна про-ЕУ кампања, додека во Албанија барањата за реформи на правосудството од Брисел направија политичка криза, но поради „внатрешни“ причини, и за пристапување на земјата во ЕУ нема кредибилна опозиција.
„Поради тоа тежнеење ја променивме нашата долга историја на војни и крвави конфликти и влеговме во нова ера на мир и соработка“, напиша пролетта Рама за „Тајмс“.
Меѓутоа, никогаш балканските „играчи“ не чувствувале поголем приоритет за Унијата која и самата има проблеми, што е чувство кое би можело да биде само засилено во случај на „развод“ на Велика Британија и ЕУ.
„Не можете да очекувате оти ЕУ разнишана со излезот на Велика Британија ќе биде окупирана со ширење на Балкан“, вели првиот човек на Економската комора на Косово, Сафет Грџалиу.
Кампањата за брегзит веќе се одразува на надежите за пристапување, смета генералната секретарка на Европското движење Маја Бобиќ и укажува на политичарите кои го наведуваат проширувањето како една од лошите страни на ЕУ и предупредуваат на „закана од масовна емиграција од земјите кандидати“.
Тања Мишчевиќ пак вели дека „единствено консолидирана Европа“ може да ги надмине проблемите како што е мигрантската криза. „Тоа значи оти единствено ЕУ може да надмине и реагира на предизвиците со кои се соочува, работејќи ’рака под рака’ и со интеграција на Западен Балкан“, истакна шефицата на српскиот преговарачкиот тим.