1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканските азиланти ја окупираа катедралата во Регенсбург

Л.Брејди/БГ8 јули 2016

Околу 40 балкански бегалци бараат азил во градската катедрала во германскиот град Регенсбург. Нашиот репортер замина на лице место за да открие зошто овие луѓе не сакаат да се вратат во своите „безбедни“ татковини?

Фотографија: DW/K. Brady

Кусо по 8.30 часот утрово, неколку туристи ја фотографираа внатрешноста на катедралата во Регенсбург. Звукот на успешно сликаната фотографија одекнуваше низ готската структура, разбивајќи ја тишината. А потоа се зачу гласната насмевка на бебе.

Зад вратата со натпис „благајна“ сместени се околу 40 бегалци од Балканот, повеќето Роми од Албанија, Косово и Македонија кои го напуштија кампот за депортации во блискиот Инголштат во вторникот, и побараа азил во катедралата.

Меѓу колоната камперски кревети, мали глави се исправија од љубопитност. Овие деца и нивните семејства го прават последниот обид да избегнат депортација од Германија.

„Безбедни земји“

Од 2015 година, Германија ги квалификуваше Црна Гора, Албанија и Косово како земји со сигурно потекло, што значи дека луѓето од овие држави веќе немаат право на азил. Претходната година истиот статус го добија и Македонија, БиХ и Србија. Неколку хуманитарни организации го критикуваа потегот, аргументирајќи дека владеењето на правото во многу балкански земји не може да се спореди со Германија и други ЕУ земји.

Албана АдемиФотографија: DW/K. Brady

Многу од луѓето во Катедралата во Регенсбург велат дека Балканот е сѐ само не „безбеден“ за нив. 43-годишниот Бардок Бардоку пристигнал во Германија од Албанија со сопругата и трите деца минатото лето. Најмладата ќерка е родена во Германија. „Албанија не е безбедна земја. Има многу криминалци во парламентот, а парите од ЕУ за изградба на земјата одат во погрешни раце“.
„Нашите деца не можат да одат на училиште поради закани од мафијата“, вели Бардоку. „Не можат да одат на доктор без пари. Ќе треба да ја продадете куќата или дури и телото“.

Бардоку, кој во Албанија имал интернет-кафе, вели дека е под закана од мафијата поради спор околу недвижност.

27-годишната Албана Адеми тврди на нејзиното семејство во Косово му се заканувале криминалци. „На мојот сопруг му се закануваат со смрт“, вели таа. Мајка на три деца, Адеми ги минала првите 12 години од животот во Билефелд, каде е и родена. По завршувањето на војната во 1999 година, нејзиното семејство било вратено назад на Косово.

Матилда Бартоку и Алберта БислимиФотографија: DW/K. Brady

Солидарност и донации

Во изминатите 48 часа, бегалците добиваат храна и облека од хуманитарни организации и од обични луѓе. Пред катедралата , група поддржувачи поставија камп во знак на солидарност и се обидуваат да обезбедат донации за азилантите.

„Ќе останеме овде додека не се исполнат нашите барања“, вели 33-годишниот Мохамед Шакири. Назад во Косово од каде доаѓа, за Ромите нема ништо, вели тој.

Што ќе се случува во следните денови е нејасно. Во меѓувреме, полицијата која соработува со диоцезата, соопшти дека нема причина за реакција затоа што демонстрантите добиле црковен азил.

Но условите во кои живеат 40-ната азиланти се очајни. Во црквата има само два тоалета, а надворешната температура полека надминува 30 степени Целзиусови.

„Секако дека хигиената е важна, но најважно е дека сме безбедни“, вели Албана.

Црковните власти велат дека бегалците наскоро ќе мора да ја напуштат црквата, затоа што не постојат услови за подолг престој. Се размислува за нивно префрлање на друг црковен имот.

„Преговараме со групата за префрлање на друг имот, во подобри услови“, вели портпаролот на бискупијата. Бегалците влегоа во Катедралата во вторникот, и преку мирен протест бараат да се спречи нивната депортација во матичните земји.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми