1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканското минато уште живее

30 март 2019

Овој март нас Европејците два настана нѐ потсетија на злосторствата од минатиот век: пресудата против Радован Караџиќ и настапот на четници во Вишеград, пишува Кристијан Шварц-Шилинг во авторскиот текст за ДВ.

Urteil gegen Radovan Karadzic in Den Haag
Фотографија: DW/M. Smajic

Со конечната пресуда на Хашкиот трибунал за Југославија, бившиот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, е прогласен за виновен за злосторства против човештвото во Босна и Херцеговина и посебно за геноцидот во Сребреница. Неговата казна е преиначена во доживотна. Тешко може да се замисли поинаква казна за ваква тежина на злодела, планирано убивање на илјадници недолжни луѓе. Дотолку позапрепастувачки е тоа што политичари, кои денес сносат одговорност за БиХ, ја критикуваат пресудата на Високиот суд во Хаг, ги минимизираат или дури сосема негираат воените злосторства и прекршувањето на човековите права, кои спаѓаат во најлошите злодела во Европа по Втората сетска војна.

Кристијан Шварц-ШилингФотографија: Oliver Rüther

Постојани негирања

Со тврдењето дека не се случил геноцид, токму тоа го прави денешниот државен претседател на БиХ, Милорад Додик, претставник на Република Српска и на српскиот „конститутивен народ“, кој во 2008 година јавно рече дека во „Сребреница имаше геноцид“. Со денешните лаги, Додик врз себе зема тешка вина. И во Германија по Втората светска војна постоеше слична ситуација со гонење за злоделата на холокаустот пред Судот за воени злосторства во Нирнберг: извршителите тогаш беа осудени на смрт или на долги затворски казни. Без оглед на тоа, имаше граѓани и политичари кои едноставно ги негираа убивањата во концентрациони логори како Аушвиц. Тоа беше повод германскиот парламент, Бундестагот, да донесе закон според кој негирањето на холокаустот е казниво. Зошто тоа не се случува во БиХ? Ако има политичари кои со својот глас спречуваат таков закон, тогаш е задача на Високиот претставник, кој бдее над мировниот процес во БиХ самиот да донесе таков закон заради заштита на правната држава.

Четници на Дрина

Во првата половина од март се случи неверојатен настап на српски четници во Вишеград на Дрина. Повеќе стотини четници дојдоа во црни униформи и се дереа пеејќи ги своите воени песни: „повторно ќе има пекол и крвава Дрина, еве идат четници од српските планини“.

Собир на четници во Вишеград, 2019 годинаФотографија: Klix.ba

Во текот на 1943 година четниците токму во овој крај во долината на Дрина ги извршиле најтешките злосторства, заедно со германскиот Вермахт, нацистите. Нивниот командант Дража Михајловиќ ја предводел терористичката банда и убил илјадници луѓе. Тој во 1946 година од страна на суд во Белград е осуден на смрт. Сега во негова чест се одржува овој провокативен настап, во март 2019 година! Германскиот весник „тац“ сосема исправно пишува: „Педесет години подоцна, во 1993 година, настаните се повторија: српски екстремисти ги нападнаа градовите Фоча, Вишеград и убија илјадници Бошњаци, ги одведоа преживеаните жени во логори за силување, во еден хотел оддалечен три километри од Вишеград, а живите мажи ги фрлија врзани во Дрина“.

Тогаш, се претпоставува, околу 3.000 луѓе се испратени во смрт. Денешното користење на тие настани за прослава, ја надминува моќта за имагинација на секој демократ. Незамисливо е во Германија денес да се соберат неколку стотини бивши припадници на СС-трупите во своите униформи и да пеат оди за Хитлер и слават во чест на Химлер. Се слуша дека босанското државно обвинителство покренало истрага. Таа би морала брзо да доведе до резултати и соодветни судски процеси. Се плашам дека БиХ, ако сака да ја штити демократијата, во парламентот мора брзо да ги донесе законите кои се неопходни. Не само што мора да биде казниво негирањето на геноцидот во Сребреница, туку и членство или очигледна соработка со фашистички здруженија. А ако таквата законска иницијатива повторно наиде на противење на еден од „конститутивните народи“, Високиот претставник мора да се замеша. Ништо во БиХ не е поважно од демократијата. 

Повеќе:

Караџиќ е таму каде што му е местото

Паралелниот универзум на Ратко Младиќ

Големиот историчар и политиколог Карл Попер по Втората светска војна ја објави во емиграција книгата „Отвореното општество и неговите непријатели“. Во неа напиша: „Демократијата е непроценливо бојно поле за секоја разумна рефрма, зашто дозволува реформи без употреба на насилство. Но, ако одржувањето на демократијата не е прв приоритет на секоја поединечна битка на ова бојно поле, тогаш латентните антидемократски тенденции кои секогаш постојат, можат да доведат до слом на демократијата. Онаму каде не постои разбирање за овие принципи, таму мора да се води борба за нивен развој; обратната политика може да биде катастрофална, таа може да води во пораз во најважната борба, имено, во битката за самата демократија“.

Професор д-р Кристијан Шварц-Шилинг од 1982 до 1992 беше министер за пошта и телекомуникации во владата на германскиот канцелар Хелмут Кол. Од протест поради воздржаноста на германската влада во текот на војната во БиХ, тој поднесе оставка. Десет години беше меѓународен медијатор за БиХ, во периодот 2006-2007 ја извршуваше функцијата Висок претставник на ЕУ во БиХ. Повремено пишува колумни за Дојче веле.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми