1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Отежнато доаѓањето на работници од Западен Балкан

Бегзада Килијан
15 март 2021

Германија има голем проблем со недостиг од квалификувани здравствени работници. Короната го отежнува нивното доаѓање. Подобрувањето зависи од развојот на ситуацијата со пандемијата, порачуваат стручњаците.

Deutschland Altenpflege Coronavirus
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Güttler

Законот за доселување на стручна работна сила во Германија овој месец го одбележува својот прв роденден. Овој закон, по многу перипетии, стапи во сила на 1 март 2020 година, кратко по избивањето на пандемијата на корона во Германија и првиот локдаун на средината од март минатата година. Независниот интердисциплинарен Совет за миграција и интеграција (СВР), кој ги советува политичарите, па и германската влада, по прашања од сферата на миграција и интеграција, прави биланс за досегашните ефекти од законот. 

Земјите на Западен Балкан се особено погодени

„Поради короната е тешко да се оцени какво би било навистина дејството на овој закон по првата година од неговото постоење“, вели за ДВ еден од членовите на Советот, професорот по економија Пану Поутваара, инаку директор на Институтот за истражување миграции на угледниот универзитет „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен. „Факт е дека во Германија, поради воведувањето мерки за отежнат влез на граѓани од т.н. ризични подрачја поради избивањето на пандемијата на корона, дојде и до далеку помало доаѓање на стручна работна сила од странство, која на Германија ѝ е итно неопходна и никој не може да предвиди како ќе се одвиваат работите натаму“, вели професор Поутваара. 

Повеќе:

Продолжено е Западнобалканското правило за работа во Германија

Бунт на германските стопанственици против ограничување на бројот работници од Балкан

Колкави се трошоците за живот во Германија?

Кој ќе лечи во македонските болници?

Пандемијата во последната година имаше многу негативен ефект на доаѓањето на работна сила од земјите од Западен Балкан. Тоа, според стручњакот на СВР, особено се огледа во спроведувањето на т.н. Западнобалканско правило, врз основа на кое неквалификуваните и ниско квалификуваните работници од тоа подрачје имаат привилегиран пристап до германскиот пазар на труд. Ова правило, кое истекуваше на крајот на 2020 година, е продолжено до 2023 година. Граѓаните на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија, можат, независно од формалната квалификација што ја имаат, да се доселуваат во Германија со цел да работат до крајот на 2023-та. Меѓутоа, за разлика од претходно, сега има ограничување во делот на бројот на лицата кои на овој начин може да влезат и работат во Германија, и тоа на 25.000 годишно. 

Македонските болници се празнат- од лекари

03:18

This browser does not support the video element.

Според наводи на СВР, во јануари и февруари 2020 година, значи пред избивање на короната, барања за виза поднесле 5.500 лица. а во периодот од април до јануари 2021-ва имало само 2.600 барања. 

Негативни ефекти на пандемијата

Пандемијата на коронавирус, од исти причини, има и големи негативни ефекти врз доаѓањето на квалификувана работна сила од сферата на здравството и нега на стари лица во Германија, велат од СВР. Германските болници и домови за нега на стари лица немаат доволно персонал, а плановите на сојузната влада за олеснување на доаѓањето на медицински персонал и негуватели и од регионот на Западен Балкан се исто така отежнати. Причините се исти како и во случајот со неквалификуваните работници. 

Законот за доселување стручен кадар донесе низа олеснувања, како на пример - кај овие барања веќе да не се применува правилото на проверка, според кое предност при вработување имаат работници од Германија и Европската унија. Но, со оглед на отежнатите услови за работа на германските конзуларни претставништва во државите од регионот, драстично се намали бројот на стручен персонал кој пристигна во Германија. 

Младите се иселуваат, компаниите бараат работници

06:05

This browser does not support the video element.

Советот за миграција и интеграција овде нема конкретни бројки, но Петра Хехт, сопственичка на берлинската агенција за посредување работна сила од странство T-Care Personal Service, која е специјализирана за Западен Балкан, за ДВ вели дека во текот на минатата година со нејзино посредство дошле само неколку десетици работници од овој регион, и тоа главно од Косово. 

„Ништо друго и не можеше да се очекува, зашто германските амбасади, односно конзулати, беа или затворени поради локдаунот во тие земји, кој делумно беше построг отколку во Германија, или работеа со намален капацитет“, истакнува Хехт. 

Таа потсетува дека подносителите на барањата за виза многу долго чекале на термин и пред избивањето на короната. „Ќе видиме како работите ќе се одвиваат натаму. Се разбира, сѐ зависи од натамошниот развој на пандемијата и мерките кои ќе стапуваат на сила, како овде, во Германија, така и во земјите од Западен Балкан. Ние полагаме голема надеж во вакцинирањето, но јас лично оваа година не очекувам значајни промени, туку дури во 2022 година.“ 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми