1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стратешката збунетост на ЕУ на Балканот

БГ
30 септември 2021

ЕУ има стратегија за регионот на Индо-пафицикот, но нема за Балканот, пишува швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“ за последните тензии на границата помеѓу Косово и Србија.

Spannungen zwischen Kosovo und Serbien
Фотографија: Irfan Licina/AFP

Кога Урсула фон дер Лајен ќе ги посети Косово и Србија неделава, ќе се сретне со тензични домаќини. Косовската специјална полиција со оклопни возила стои на границата со Србија. Неколку километри подалеку на север, гарнизоните на српската војска се во висока борбена готовност. „Балканот“, можеби ќе си рече претседателката на Комисијата, „вечното буре барут“.  

Но, тоа би било погрешен заклучок. Фактот дека двете земји се впуштаат во оваа конфронтација се должи на стратешката збунетост на Европа во справувањето со регионот. Што се случи? Пред десет дена, владата во Приштина забрани влез на возила со српски регистерски таблички. Тие испратија тешко вооружена специјална полиција на границата, која сега ја  спроведува одлуката. Белград веќе ја донесе истата регулатива пред неколку години и забрани автомобили со косовски регистерски таблички на патиштата. 

Спирала на ескалација 

По преговори, беа воведени привремени регистерски таблички за да не запре сообраќајот меѓу земјите. Белград се почувствува испровоциран од последниот потег на Косово. Но, Приштина смета дека е соодветен. Тоа е само реципроцитет за она што Белград веќе го прави. Спиралата на ескалација тргна, и српскиот претседател Александар Вучиќ ја турка понатаму. Проследен со голема медиумска помпа, тој ги премести тенковите на југ и дозволи воените авиони да грмнат покрај косовскиот воздушен простор. Неговиот министер за одбрана, придружуван од рускиот амбасадор, ги посети војниците на јужната граница, која за Србите е само административна линија. 

Но, ова не е марш за „враќање дома“ на Косово. Уште од крајот на војната во 1999 година, таму се стационирани заштитните сили на НАТО-КФОР и се грижат за надворешната и внатрешната безбедност на Косово. Вучиќ всушност креира една заканувачка позадина за да ѝ покаже на домашната публика дека нема да дозволи „отцепената провинција“ да прави што сака. А истото се однесува и на западните безбедносни сили. Неговиот ривал, косовскиот премиер Албин Курти, сака да го демонстрира суверенитетот на Косово, кој го оспорува Србија. Тоа што на овој начин дополнително ги отуѓува косовските Срби, нему му е сеедно. 
Ескалацијата е можна само затоа што преговорите под раководство на ЕУ влегоа во ќорсокак. Постојат две причини за тоа - и двете упатуваат на ЕУ, која не успеа ни како посредник ниту како регулатор. 

Александар Вучиќ и Урсула фон дер Лајен во Брисел, 26 април 2021Фотографија: Etienne Ansotte/European Union

Зошто ЕУ не успева? 

Не успева како посредник затоа што не инсистира на спроведување на договорите: Во 2013 година, Косово и Србија се согласија косовските Срби да се интегрираат во административниот систем на земјата. За возврат, општините каде Србите се мнозинство требаше да формираат полуавтономно здружение. Но, за владата на Курти, здружувањето на општините е табу, а интеграцијата на Србите запре на половина пат. Европската унија не може да смисли ништо друго освен да каже дека договорот и натаму важи.

Тоа што ЕУ не е во состојба да го спроведе договорот како регулаторен орган се должи на фактот дека во основа не знае што да прави со регионот. Ѝ недостасуваат и морков и стап. Стратешката визија за вклучување на Западен Балкан во ЕУ избледе до непрепознатливост. И нема алтернатива на повидок. Западен Балкан е препуштен на сопствената судбина. Ако претседателката на Комисијата, Фон дер Лајен лета за Белград, со малку среќа ќе може да види дел од воените игри на границата со Косово. Тогаш можеби и ќе се сети дека таа раководи со комисија со геополитички претензии. Брисел дури има стратегија и за Индо-Пацификот.

(НЦЦ, 29.09.2021)

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми