1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканското наследство на Ангела Меркел

Анила Шука | Ненад Крајцер
5 јули 2021

Ангела Меркел денеска за последен пат во улога на германска канцеларка се среќава со политичките лидери на земјите од Западен Балкан. „Берлинскиот процес“ е една од нејзините најважни надворешно-политички иницијативи.

Bulgarien, Sofia | EU-Westbalkan Gipfel, 10.11.2020
Фотографија: Regierung R. Nordmazedonien

„Помирете се!“ – тоа беа последните зборови на германската канцеларка на завршната прес-конференција по самитот во Софија во ноември 2020. Пораката им беше упатена на тогашниот домаќин на шестиот самит на „Берлинскиот процес“, премиерот на Бугарија, Бојко Борисов и на Северна Македонија, Зоран Заев.

И покрај доброто расположение на самитот, двајцата политичари не успеаја да најдат заедничко решение во спорот околу интерпретацијата на заедничката историја. Бугарската блокада за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ како последица на ова, е сè уште активна.

Кога германската канцеларка во 2014 година за првпат ги покани во Берлин лидерите на шесте земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, денешна Северна Македонија, Црна Гора и Србија - имаше голем отпор кон проширувањето на ЕУ.

Албанија тукушто го имаше добиено кандидатскиот статус, додека Србија, Северна Македонија и Црна Гора тоа го имаа веќе подолго време. Косово и Босна и Херцеговина преговараа за Договори за асоцијација, кои беа потпишани една година подоцна. Така се роди Берлинскиот процес, кој првично требаше да трае четири години. Целта – поддршка на земјите од Западниот Балкан во процесот на ЕУ-интеграција.

Речиси без никаков напредок

Состаноците се одржуваат секоја година во ист состав – претставниците на шесте балкански земји и претставници на ЕУ-земји членки кои се или политички, или географски поврзани со овој регион од Јужна Европа.

Но, и во седмата година од почетокот на процесот речиси да нема никаков напредок. Затоа на Берлинскиот процес не му останува друго освен да се репродуцира. За тоа во каков формат ќе продолжи по заминувањето на германската канцеларка од функцијата есенва, денеска Ангела Меркел разговара со западнобалканските партнери. Едно е јасно уште од сега – „ЕУ перспективата на Западниот Балкан мора да се зацврсти, а Берлинскиот процес мора да продолжи како поддршка на тој пат,“ вели за ДВ Катја Лајкерт, заменик претседател на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот.

Учесниците на првата Конференција за Западен Балкан во Берлин, 28 август 2014 годинаФотографија: John Macdougall/dpa/picture alliance

Дипломатска офанзива

На почетокот од годинава Германија го започна она што медиумите од Југоисточна Европа го нарекоа „дипломатска офанзива“, чија цел беше регионот на Западен Балкан да се стави горе на листата приоритети на ЕУ. Така и покрај пандемијата, од почетокот на годината гостите од Балканот доаѓаа во Берлин како на лента. Прв беше младиот министер за надворешни работи на Црна Гора, Ѓорѓе Радуловиќ, кој во јануари, среде локдаунот, дојде на лична средба со Хајко Мас во Берлин.

„Денешниот самит е само кулминација на цела низа подготвителни средби. Во јуни имаше конференции на министри за надворешни работи, здравство, внатрешни работи и економија. Покрај тоа, во процесот се вклучени и голем дел од граѓанското општество и младински форум,“ вели Сузане Шиц, ополномоштеник на германската влада, меѓу другото и за Западен Балкан, во брифинг за ДВ.

На овие средби се разговарало конкретно за мерки против коронавирусот, борба против тероризмот и организираниот криминал, како и дигитализацијата и „зелената агенда“. Само пред неколку дена, минатиот понеделник (28.06.2021), Меркел имаше разговори со лидерите на Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, како и на Северна Македонија.

Луѓето во регионот се уморни од „фотографии, здравици и шанси за членство кои ги слушаат веќе 10 или 15 години“, вели ЌеримагиќФотографија: DW

Лош имиџ во регионот

Во земјите од Западен Балкан во меѓувреме Берлинскиот процес ужива лош углед. „Во очите на јавноста Берлинскиот процес не е ништо друго освен уште една можност за лидерите од регионот за средби со европските лидери од кои ќе произлезат насмеани фотографии и ќе се генерираат ‘лесно сварливи’ пораки за членство во ЕУ и подобра иднина,“ коментира Ади Ќеримагиќ од Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ), тинк-тенк за Југоисточна Европа со седиште во Берлин.

Луѓето во регионот се уморни од „фотографии, здравици и шанси за членство кои ги слушаат веќе 10 или 15 години“, вели тој. Според него, сепак, Берлинскиот процес донел одреден напредок во секојдневието. Така на пример, за граѓаните од регионот од 1 јули 2021 се укина роамингот меѓу државите.

Заеднички пазар

Германската ополномоштеничка за Западен Балкан, Шиц, набројува и други придобивки од процесот. „Патната и енергетската инфраструктура е значително подобрена и изградена во последниве седум години и е поврзана со ЕУ-коридорите. И регионалната младинска мрежа RYCO, која со години ги спојува младите од регионот, е пионерски резултат од овој процес. Ова е доказ дека соработката во рамки на Берлинскиот процес успева", вели Шиц.

Но, таа признава дека има уште многу работа. Пред сѐ „Акцискиот план“ за воспоставување заеднички пазар, договорен во 2020 во Софија, мора конечно да се имплементира. Според Шиц, целта е четирите основни слободи – слобода на движење на лица, стока, услуги и капитал – аналогно на ЕУ, до 2024 година да се воведе и во Западниот Балкан.

#dw_BalkanBooster: Како ЕУ да им помогне на младите на Балканот?

03:01

This browser does not support the video element.

Политичката волја е важна

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас уште на почетокот на јуни, по конференцијата со министрите за надворешни работи на Западниот Балкан, ги повика земјите од регионот да придонесат Берлинскиот процес да биде успешна приказна. Според Шиц, во најмала рака сега треба да се постигне договор за слобода на патување во регионот со лични карти и заемно признавање на дипломите.

Во моментов три земји се подготвени за основање заеднички пазар – Албанија, Северна Македонија и Србија. Останатите земји од Западен Балкан сѐ уште се двоумат. Причината се политичките спорови, пред сѐ меѓу Србија и Косово. Дали на денешната средба во Берлин ќе произлезе нешто повеќе од желбата на Меркел за помирување, останува да видиме.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми