1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„И овде може да се работи“

Идро Сефери
9 февруари 2021

На Балканот може да се води бизнис, но би било полесно кога би немало толку многу административни препреки како во моментов, велат стопанствениците кои се успешни, како Шефки Идризи од Тетово.

  Nordmazedonien Fabrik Renova in Tetovo
Фотографија: Idro Seferi/DW

Фабриката за бои и фасади „Ренова“ во Тетово ги продава своите производи низ цел свет и има околу 600 работници во регионот. Приказната започна со Шефки Идризи, кој во 90-те години од минатиот век, по две децении живот во Швајцарија, се врати во родниот град со само неколку машини и идеја да работи сам. Три децении подоцна, компанијата „Ренова“ има фабрики и претставништва во Албанија, Косово и Црна Гора, а индиректно работи и во други земји.

Идризи вели дека неговата компанија веќе сега е во некаков свој мини-Шенген:

„Ние сме една балканска компанија, затоа што постоиме и произведуваме во повеќе земји. Кога станува збор за дистрибуција, присутни сме низ цела Европа. Имаме продажни места во Швајцарија, Германија, Луксембург, Данска и на исток - од Саудиска Арабија, преку Обединетите Арапски Емирати, сè до Индија.“

Оваа компанија сака да го прошири својот бизнис и во други земји во регионот. Сепак, водењето бизнис во регионот не е лесно. Сопственикот на оваа компанија вели дека би му било полесно кога границите на Балканот би биле помала препрека. Административните бариери ја зголемуваат цената на транспортот. Бизнисот би функционирал подобро кога не би требале толку многу документи.

„Плаќаме повисоки цени на превозот отколку да нема такви граници. На пример, од тука до Урошевац во Косово, камион со материјал чини околу 350 или 400 евра, а Гевгелија, која територијално е подалеку од Урошевац, оди за 200 евра“, вели Идризи.

„И овде може да се работи“

04:44

This browser does not support the video element.

Заедничка регионална политика

Северна Македонија беше меѓу првите што го промовираше проектот мини-Шенген. Економските проблеми и потребата од развој на економијата се причините поради кои во Скопје се залагаат за заедничка регионална политика.

Јован Деспотовски е економист. Тој е на чело на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони. Вели дека странските инвестиции и соработката се клучни за националниот економски раст. Сепак, тој гледа можност за напредок само доколку се усогласат политиките на земјите од регионот.

Деспотовски е убеден дека инвестициите ќе создадат подобри услови за живот:

„Тоа е еден од начините, како на луѓето, младите луѓе, ако сакате да зборуваме поконкретно, да им овозможиме перспектива тука. Затоа што, зошто би заминале на работа на пример во Италија, Германија, Франција, каде што и трошоците за живот се поголеми, ако истата можност, не по ниво на плата, но истата можност по квалитет на живеење би им ја дале овде? Тогаш никој не би заминал од тука, или многу малку луѓе би заминале. Клучот е квалитетот на инвестициите, за што веќе зборуваме во Северна Македонија, и верувам дека за ова се зборува и во регионот, и мислам дека Србија веќе го има тоа дефинирано како своја политика.“

Северна Македонија, како и многу балкански земји, не успева да ја зајакне својата економија, обезбедувајќи им на тој начин подобар стандард за граѓаните и подобрување на условите за живот. Ова е една од главните причини за миграција. Преговорите што земјата ги има за влез во Европската унија се бавни и многу тешки, и покрај напредокот што е постигнат по договорот со Грција за промена на името. Во Скопје веруваат дека мини-Шенгенот може да успее само доколку земјите ги надминат политичките бариери.

Аналитичарот Алберт Муслиу смета дека Северна Македонија може да им помогне на соседите:

„Македонија има и Албанци кои лесно се врзуваат со Косово и Албанија, има и  Македонци, а и Срби кои лесно се врзуваат со Србија и така може да служи како некаков мост што ја поврзува целата оваа идеја којашто не може да биде линеарна, туку сеопфатна и со тоа да ја овозможи таа крајна идеја.“

„Ренова“ се шири стратешки во регионотФотографија: Idro Seferi/DW

Западот не е решение за се'

Тетовската фабрика не престанува со работа и стратешки се шири во регионот. Шефки Идризи не се кае што се вратил од Швајцарија, иако ниту тој самиот не очекувал толку голем успех. Бизнисот, вели тој, треба да се шири насекаде. Неговите планови се да отвори фабрики и да го развие бизнисот и во други земји во регионот. Западот, вели Идризи, не е решение за се':

„И овде може да се работи. Ако почнеме, на пример, да работиме во место со поголема популација, место без граници и бариери, секако дека работиме побрзо. Но, ова не е невозможно ниту сега.“

Мини Шенгенсе заснова на четири принципи кои се главно фокусирани на слободно движење на луѓе и стоки. Можеби токму мини-Шенген ќе биде од помош, не само за оваа фабрика, туку ќе придонесе за подобар бизнис и на другите компании во регионот.
 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми