1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Балкан - најслабата точка на ЕУ“

Среќко Матиќ
6 февруари 2017

ЕУ мора конечно да го сфати Балканот како свој приоритет, тврди Улрих Ладурнер. Во колумната во неделникот „Ди цајт“ тој ја предупреди ЕУ дека не смее да го „препушти“ Балкан на Русија, САД и Турција.

Paris Westbalkan Konferenz Delegationen applaudieren
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. De Sakutin

Дојче веле: Ако се распадне ЕУ, тогаш тоа ќе се случи онаму каде е таа најкршлива - на Балкан, „таму каде врз неа дејствуваат однадвор моќни сили“, ова го пишувате во Вашата колумна. Сликата е многу силна, на што мислите конкретно?

Улрих Ладурнер: Намерно одбрав толку снажна слика, сакав вниманието на јавноста да го свртам врз Балкан, зашто имам чувство дека во моментов таму, од различни причини, нешто се спрема. Секако, сите тие земји не се членки на ЕУ, но мојата аргументација е јасна: тоа е дел од Европа и мора да остане дел од Европа. Тоа треба јасно да се сигнализира.

Но, ЕУ токму тоа не го прави. Со години се тврди дека сите земји од регионот имаат европска перспектива, а сепак нема напредок. Токму спротивно, регионот назадува, сведоци сме на нови тензии, националистите тестираат колку далеку можат да одат. ЕУ во последните години го запостави Балкан.

Имаше многу други кризи со кои ЕУ се занимаваше и мораше да се занимава. Политиката беше во континуиран кризен модус. А за решавање на проблемите на Балканот, треба концентрирање на нив, потребна е издржливост, упорност. ЕУ не успеа во тоа, зашто и сама се бори за преживување. Дополнителен проблем на Балкан се и со текот на времето формираните структури, кои се спротиставуваат на реформи. И, сега е тешко да се „разбијат“ тие структури. 

Балкан се врати во фокусот, како геополитички многу интересен регион. Затоа ЕУ би требало конечно да воведе ред во регионот и Балкан да го третира како приоритет, стои во Вашиот текст. Не е ли тоа илузорно во моментов? 

Да се сетиме на 90-те години и окончувањето на Балканските војни, благодарејќи на американските интервенции и ангажманот на Клинтоновата администрација. Европејците не мрднаа со прст ни во БиХ, ниту на Косово. Не можам да замислам дека денес Доналд Трамп многу се интересира за Балкан. Затоа, ЕУ има одговорност да се погрижи околу регионот, и тоа во сопствен интерес. Балкан не смее да биде препуштен на други, ни на Американците, ни на Русите.

Улрих ЛадурнерФотографија: Die Zeit

Но, со своето неделување, или барем недоволно одлучно, ЕУ им го препушта Балкан на другите... 

Да, но не смееме да заборавиме оти луѓето на Балкан сакаат влез во ЕУ, Унијата уште е атрактивна, уште го има мнозинството од луѓето на Балкан на своја страна. Но, во право сте, премалку е направено и затоа ЕУ губи симпатии и поддршка од дел од тие луѓе. Имаше премал притисок врз локални моќници, како Додик и другите. И премалку поддршка на демократските сили во регионот. Без оглед на сѐ, сепак мислам дека Балканот не е загубен. 

Кога станува збор за европските перспективи на земјите од регионот, постои онаа шеговита реченица, која ми се чини, добро ја опишува статус-кво ситуацијата: едни се преправаат дека сакаат да станат членки на ЕУ, други се преправаат дека сакаат нив да ги примат...

Факт е дека во овој момент нема конкретни перспективи за прием на земјите од регионот во ЕУ во догледно време. Унијата самата е во толку длабока криза, што не е во состојба да прима нови членки. Едноставно, нема потребно мнозинство за тоа. Ако тоа не е можно, а сметам дека членството нема да биде можно во идните 10-15 години, можни се многу други нешта. Балканот треба да биде вратен на дневен ред, да се каже дека е приоритет, јасно да се сигнализира дека натамошниот процес на дезинтеграција нема веќе да се толерира, притоа мислам на Република Српска, може да се инвестира, интензивно да се соработува...

Како ја оценувате улогата на Германија во регионот? Во БиХ или во Македонија на пример, каде кризите се најочигледни?

И Германците, заедно со остатокот од ЕУ, долго време „спиеја“ кога станува збор за Балкан, попрецизно - тие се занимаваа со други проблеми. Но, и тие се разбудија по големите протести во БиХ, но и откако ја сфатија активноста на Путин на Балкан, Германците и Британците започнаа заедничка иницијатива за да извршат притисок за реформирање на земјите од регионот. Германија сфаќа дека мора да прави нешто повеќе, но гледаме, и на самитот во Малта, Балканот не беше главна тема, туку тоа беа Либија и мигрантите. Дури и во времињата кога мигрантите беа на Балканската рута, не се зборуваше за Балкан, туку за мигрантите. 

Значи, ништо од приоритетниот третман на Балкан?

За жал, не, моментно не. Но, Балканот пак ќе стане приоритет ако избие некоја поголема криза. А тогаш ќе биде предоцна.

Можно ли е вистински избивање нова војна на Балкан?

Не. Не верувам дека може да избувне војна како во 90-те години. Не можам тоа да си го замислам. Но, конфликтниот потенцијал се зголемува.Возот кон Косово, недоволните економски перспективи, масовната миграција на младите, претпоставките за Балканот пак да се претвори во конфликтен регион се присутни. Не сакам да го споредувам Балканот со Сирија, но и на Балкан се судираат интересите на големите сили. ЕУ е активна во регионот, но и Русите, Турција...

Како изборот на Трамп ќе се одрази врз Балкан?

Тоа треба допрва да се види, тој е прилично непресметлив. Важно е дека за Балканот одговорност има ЕУ. Балкан уште не е комплетно дел од ЕУ, но е дел од Европа. ЕУ мора да делува поодлучно за да се постигне напредок на регионот, а пред луѓето да се отворат перспективи. Тоа не е задача ни на Америка, ниту на Русија, туку наша задача, на Европејците

Улрих Ладурнер е германски автор и колумнист за неделникот „Ди цајт“. Во текот на својата кариера известувал од бројни кризни подрачја, од БиХ, Косово, Авганистан, Пакистан, Иран, Ирак и Либија.Автор ена повеќе книги.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми