1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балкан форум

1 февруари 2006

Како да се надмине кризата на Балканот: на оваа тема се одржа Форум во организација на Друштвото за југоисточна Европа и Дојче Веле, под наслов: „Протекторати, инвеститори и меѓународни донатори – излези од кризата на Балканот„.

Европа како големо градилиште
Европа како големо градилиштеФотографија: European Communities

Од перспектива на западните метрополи Балканот се наоѓа „таму негде долу„ и тамошните земји покрај големите меѓусебни разлики, сепак покажуваат и некакви заеднички карактеристики: војни, етнички тензии, економска нестабилност и криминал. Со векови Балканот за Западот изгледа или како директна закана за безбедноста или пак како регион за кој што мора да се погрижи. Најдоцна по војните на просторите на поранешна Југославија меѓутоа во Европа созреа сознанието дека Балканот не смее да се игнорира. И волшебниот збор за решавање на овој јазол гласи: европска интеграција. Таа пак содржи два аспекта: економски развој на патот од социјалистичкото планско стопанство кон слободно пазарно и политичка интеграција во ЕУ. Обата аспекта се тесно поврзани и меѓусебно се условуваат, смета Петер Данилов, поранешен раководител на секторот за соработка со земјите од Источна Европа на германското стопанство.

„Позитивен стопански развој секако би го поддржал политичкиот, би го направил постабилен. Но, темелен проблем е тоа што без стабилна политичка ситуација тешко е да се придвижи економијата. Тоа значи да се привлечат иневститори во земјата, ним да им се гарантира одреден степен на сигурност за воопшто да се ангажираат.„

Во моментов Балканот има маргинално значење за германското и општо европското стопанство. Минатата година на пример вкупната трговска размена со сите земји од балканскиот регион беше помала отколку онаа со Унгарија. Минатата година членките на ЕУ во балканските земји инвестираа скромни 8,2 милијарди евра, а во истиот временски период во Полска тие вложија цели 32 милијарди. Причина за тоа е секако и членството на Полска во ЕУ. Дотолку повеќе за земјите од Балканот станува поважно настојувањето на прием во Унијата:

„За Романија и Бугарија е можеби дури од решавачка важност да им појде од рака уште во 2007-та да пристапат кон Унијата. Тоа е важно и за зачувувањето на социјалната кохезија во овие земји. За Хрватска во принцип важи истата проценка„ – нагласува Петер Данилов.

Силата на стопанскиот развој може да предизвика чуда и во Босна и Херцеговина, наспроти разурнувањата од војната. Добар пример за тоа е вложувањето на меѓународниот концерн „Митал стил груп„ во Босна:

„Она што особено позитивно ме трогна е тоа што гигантот Митал стил груп купи 51% од акциите во железарата во Зеница и дури успеа да го вклучи во соработка и стопанските актери од Република Српска. Тоа е според мене исправниот пат, сите етнички групи мораат да сфатат дека можат да живеат заедно или пак да се уништуваат.„

За стопанскиот развој на Балканот во секој случај се неопходни крупни вложувачи и други меѓународни донатори. При тоа секој ангажман на Светската банка или на Европската банка за обнова и развој ги охрабруваат и другите вложувачи.

Конечно, не смеат да се заборават ни бројните мигранти од балканските земји, кои од ЕУ се враќаат назад во нивните татковини како мали и средни претприемачи. Тие не даваат само стопански импулси, туку и мнпогу повеќе од тоа:

„Тие се жив пример за тоа дека интеграцијата може да биде успешна, а тие се и мост меѓу двата света, стариот свет на Централна Европа и евентуално новиот европски свет од Балканот„ – порачува Петер Данилов, поранешен раководител на секторот за соработка со земјите од Источна Европа на германското стопанство.

Значи европската интеграција на Балканот е еден вид нужност. При тоа за заговорниците на проширувањето во Европа нема да биде лесно наредните години да ги држат отворени вратите на Унијата. Оние пак од Балканот топло се надеваат дека овие првите ќе бидат успешни.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми