1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Банките и старите лица: Карлос против банкарите

Штефани Милер
12 февруари 2022

Сѐ поголемата дигитализација им создава големи проблеми не само на старите, туку и на лицата со попреченост во Шпанија. Сениорот Карлос Сан Хуан влезе во борба против банкарскиот сектор.

Smartphone Handy Telefon
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Karmann

Карлос Сан Хуан бил лекар и, како што вели, бил навикнат да гледа „страдања и болка“. Но, пандемијата го погодила 78-годишниот сениор од Валенсија двапати. Веќе не бил можен директен контакт со ќерка му и внуците, а така било и со банката, која можел да ја добие само телефонски и со претходна најава и тоа само за итни случаи.

Сега, кога изолацијата е минато, многу банки во Шпанија си го задржаа тој начин на работа. Претпладне шалтерите се отворени најчесто само до 11 часот, и за тоа е потребна претходна најава. Освен тоа, пензионерите како Сан Хуан, се жалат дека во нивното соседство речиси и да нема банкарски филијали.

Од финансиската криза во 2008 година, Шпанија е земја со најголем број затворени банкарски филијали, покажуваат податоците на Европската централна банка. Затворени се вкупно 23.673 филијали. Меѓутоа, треба да се каже и дека претходно никаде во Европа немаше толку многу филијали како во Шпанија. Оттогаш во банкарскиот сектор се скратени над 100.000 работни места. Пандемијата го забрза тој процес. Банкарските службеници се заменуваат сѐ повеќе со чет-ботови Муштериите се принудуваат да се снаоѓаат дигитално со електронските банкарски постапки и процеси и онлајн-банкарство, како и со биометриските банкомати. Шпанија предводи во сите овие процеси.

Карлос Сан Хуан се бори против тоа старите лица да се оставаат на цедило од страна на банкитеФотографија: Privat

Од налутен пензионер до медиумска ѕвезда

78-годишниот Карлос Сан Хуан прво почнал да собира потписи од своите пријатели и познаници. Тој од банките бара повторно да ги отворат шалтерите за пензионерите во текот на целото претпладне и тоа без најава, за сениорите да можат да подигнат пари и да платат сметки.

Откако собрал повеќе од сто потписи, тој покренува кампања на Change.org, која ја погоди целта. Кампањата носи име: „Можеби сум стар, но не сум идиот“. Свој потпис досега имаат ставено над 600.000 луѓе во земјата. Сан Хуан одеднаш беше присутен на сите медиуми. Ова го импресионираше и шефот на Шпанската централна банка, кој лично му се јави. Предвидена е средба со министерот за економија и претставници од банкарскиот сектор. Во вторник (08.02) Сан Хуан симболично ја предаде петицијата на Шпанската централна банка и на Министерството за економија.

Нешто треба да се менува. Но, Сан Хуан е скептичен: „Ќе се обидат да ни го олеснуваат ракувањето со апаратите и машините за пари со помош на советници. Но, јас сум бистар, не сум глупав. Јас само имам Паркинсон и понекогаш притискам на погрешно копче“, вели тој за ДВ. Сениорот се плаши да не загуби пари поради тоа. Многупати бил сведок како клинетите се „борат“ со банкоматите во неговата банка Caixabank. Еднаш дури доживеал и како жена била ограбена од момче кое се понудило наводно да ѝ помогне.

Нешто во банкарското работење мора да менува, вели Карлос Сан ХуанФотографија: picture-alliance/dpa

Сѐ повеќе стари лица во Шпанија

И во остатокот од светот старите, болните, сиромашните лица и лицата со попреченост се сѐ поизолирани во процесот на забрзана дигитализација. Но, во Шпанија проблемот е особено еклатантен, со оглед на тоа што таа, по Јапонија, има најдолг очекуван животен век на своето население, а истовремено втора најниска стапка на раѓање во ЕУ.

Според податоците на националниот завод за статистика, во Шпанија живеат речиси 9,4 милиони луѓе постари од 64 години, што е речиси една четвртина од населението. Покрај тоа, земјата не е густо населена. Со години, поради штедење, многу мали градови и села мораа да се задоволуваат со банкомати. Клиентите треба да возат 30 километри или повеќе за да разговараат со банкарски советник. Според официјалните податоци, околу 17 отсто од населението живее во руралните области. Дигиталниот и културниот јаз помеѓу градот и селото е огромен. Во неодамнешното истражување на шпанското здружение на пензионери УДП (Unión Democrática de Pensionistas y Jubilados de España), 40 отсто од анкетираните постари луѓе изјавиле дека никогаш не сурфале на интернет.

​​​Caixabank лани се спои со Bankia и со тоа стана убедливо најголемиот давател на финансиски услуги во ШпанијаФотографија: Blazquez Dominguez/Getty Images

Дигитализацијата е пребрза

Сан Хуан веќе 51 година е во Caixabank, која сега има 20 милиони клиенти и освои повеќе меѓународни награди за технологија и рентабилност во последниве години. Го вознемирува тоа што банките за време на финансиската криза беа поддржани со 40 и повеќе милијарди евра даночни пари, а потоа оставија на цедило многу клиенти како него и неговата сопруга.

Минатата година, Caixabank се спои со Bankia, банка спасена од страна на државата, и со тоа стана убедливо најголемиот давател на финансиски услуги во земјата. Таа е предводник во користењето на вештачката интелигенција преку чет-ботови и биометриско препознавање на клиентите пред банкоматите. Со дигитализацијата и намалувањето на работните места, цената на акциите на Caixabank беше спасена, но многу клиенти како Сан Хуан беа оставени на цедило.

- повеќе: Четиридневна работна недела: пилот-проект во Шпанија

Намалувањето на филијалите и дигитализацијата дојде во време кога штедните книшки на многу сениори не им се од голема полза поради ниските камати. Едноставно да се префрлат на акции? Тешко, зашто многу сениори не се снаоѓаат во светот на берзите.

Карлос Сан Хуан сега размислува да ја смени банката. Каков и да е резултатот од средбата на шефот на Шпанската централна банка со претставници од Министерството за економија и банките, за Карлос Сан Хуан оваа акција се исплатеше на поинаков начин: „Неодамна ми се јави едно 14-годишно девојче и рече дека сака да биде како мене кога ќе остари, затоа што сум се заложил за луѓето кои немаат глас. Тоа многу ме трогна.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми