Бан апелира за што поскоро решение за името
29 јануари 2013Генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки-Мун ги повика Македонија и Грција преку дијалог што поскоро да го решат прашањето за името, јави онлајн магазинот „Веб Публика Прес“- ( Web Publica Press).
„Ова прашање влијае на мирот и стабилноста во регионот веќе предолго време. За време на мојата посета во јули минатата година на регионот, ја нагласив важноста за надминување на спорот за името што поскоро“, изјави Бан на својата прва прес-конференција во 2013. година.
„Уште еднаш ги охрабрувам двете земји да го надминат прашањето што е можно поскоро преку дијалог и со визија, базирано на визија за иднината на двете земји, како и за мирот и стабилноста во регионот. Господинот Нимиц ќе продолжи со посветеноста“, изјави Бан.
Неговата изјава доаѓа во пресрет на новата рунда разговори на медијаторот Метју Нимиц со преставниците Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, што во вторник и среда ќе се одржи во Њујорк.