Бан Ки-Мун апелира за брзо наоѓање решение за името
9 февруари 2011И покрај тоа што не навести дека најновата рунда на преговори за македонското државно име ќе донесе нов резултат – генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун, изјави за Дојче веле дека овој пат резултатите ќе мора да бидат такви, за да можат пред се’ македонските аспирации кон Европската унија и НАТО да вродат со плод. Дали тоа значи дека првиот човек на Светската организација бара повеќе компромиси од Република Македонија или воздржаност од грчката страна, кога станува збор за континуираните закани на Атина, дека ќе продолжи да го блокира патот на Македонија кон евро-атланските интеграции – останува да се види.
На Нимиц не му се брза
Со неразбирлива доза на мистериозност, до последниот момент спроти почетокот на новата рунда преговори за државнато име на Македонија, надлежните во Обединетите нации не можеа или не сакаа да ја посочат дури ни точната локација на денешните преговори на амбасадорите Јолевски и Василакис со специјалниот пратеник на генералниот секретар на Светската организација Метју Нимиц.
Во кратката средба со новинарите во ОН, генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, одговори и на нашето прашање што очекува од денешниот состанок помеѓу грчката и македонската страна. Бан кажа дека амбасадорот Нимиц продолжува со посредничката мисија, која што трае веќе со години:
“Господин Нимиц продолжува да се состанува со страните за да се изнајде прифатливо решение во врска со прашањето за името”, повтори по којзнае кој пат генералниот секретар на ОН. Но, Бан Ки-Мун кажа дека овој пат лично апелира до лидерите на двете влади ова прашање да се реши “што е можно побрзо”.
Македонските интереси
“На тој начин аспирациите на двете национални влади, како и нивната агенда (посебно кога се однесува на Македонија – примедба на авторот) да се придружат кон Европската унија и НАТО, и многу други важни прашања (и практично) ќе мора да се адресираат што побргу, и тоа во полза на мирот и стабилноста во регионот”, кажа за Дојче веле, генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун. Тој нагласи дека е сигурен оти амбасадорот Нимиц ќе разговара токму за тие работи со двајцата преговарачи.
Амбасадорот на Македонија во Вашингтон, Зоран Јолевски, кој синоќа допатува во Њујорк, во духот на “традиционалната молчаливост” кога станува збор за грчко-македонскиот спор околу името, само ни ја соопшти адресата на која денеска, тој и Василикас ќе имаат средба, во 12.30 часот по локално време. Состанокот ќе се одржи во резиденцијата на амбасадорот Нимиц, блиску до њујоршката Парк авенија.
Во краткото официјално соопштение во врска со новата рунда преговори издадено од ОН, помеѓу другото се наведува дека тоа ќе биде уште една прилика двете страни да ги претстават своите позиции како една на друга, така и на амбасадорот Нимиц. На тој начин, се очекува да се утврдат новите можности и можните чекори за “изнаоѓање брзо решение за прашањето на името”. Колку брзо – останува да се види.
Автор: Ерол Авдовиќ
Редактор: Горан Чутаноски