Бан Ки Мун и’ оддаде признание на Хрватска за стабилизација на Балканот
21 јули 2012Хрватскиот претседател Иво Јосиповќ денеска (21.07) во „Белата вила“ на Бриони го прими генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун. Прес-конференцијата со новинарите Бан Ки Мун ја искористи за да упати честитки по повод скориот прием на Хрватска во ЕУ. Јосиповиќ од своја страна истакна дека разговарале за 20-годишното членство на Хрватска во ОН. Станало збор и за значењето што ќе го има влезот на Хрватска во ЕУ за регионот и за стабилноста.
По разговорите во четири очи се одржаа и билатерални разговори меѓу делегациите на Хрватска и на ОН. Освен со претседателот на Хрватска, Бан остварува средби и со премиерот Зоран Милановиќ и министерката за надворешни работи Весна Пусиќ.
Генералниот секрeтар на ОН вчера пристигна во Загреб. Во говорот во Старото градско собрание тој истакна дека Хрватска со тешка борба го остварила својот сон за независноста, а денес испраќа свои трупи во светот, дава донации и помага при транзицијата во другите земји, истакна Бан.
Балканската турнеја Бан Ки Мун ја започна во Словенија. Во Љубљана генералниот секретар на ОН ги пофали напорите на Словенија за смирување на тензиите и недовербата преку дијалог и помирување во регионот, како и нејзината стручна помош за земјите кои настојуваат да се приклучат кон ЕУ. Бан ја пофали Словенија и за нејзиното учество во мировните мисии на ОН, особено мисијата во Сирија, каде моментно има 18 словенечки мировници во операцијата на меѓународната организација.
По посетата на Словенија и на Хрватска, Бан Ки Мун во рамките на балканската турнеја ќе ги посети и Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Македонија.