Барозо верува во решение за спорот за името
9 септември 2010Дипломатите блиски до Барозо коментираат дека претседателот во последните девет месеци одржува интензивна комуникација со грчкиот премиер Јоргос Папандреу. Лесно е да се претпостави дека од страна на Атина пристигнале позитивни сигнали за решавањето на спорот.
Иванов пак повтори дека Грција треба да покаже конструктивност. Дали Македонија се’ уште се надева да добие преговори со ЕУ без да го реши името? - прашањето остана неодговорено од страна на македонскиот претседател Ѓорге Иванов. Тој едноставно упати на процесот под ОН.
Барозо од своја страна повтори дека такво нешто е тешко изводливо. „Одлуката се носи во Советот. Европската комисија нема улога овде,“ изјави Барозо, додавајќи дека треба да се покаже европски дух. „Европскиот дух подразбира компромис, наместо да се повторува ’не, не, не’, да се слушне позицијата на другата страна, никој нема да биде 100% среќен, но тоа е европскиот дух“.
Новинарите го запрашаа Иванов за недоразбирањата со европратеничката Дорис Пак и наводната пропуштена шанса во 1995-та година за почеток на преговори со ЕУ, став кој беше веднаш демантиран од страна на Пак. Во таа изјава Иванов ја критикуваше опозицијата, дека пропуштила историска шанса за Македонија. Тој не отстапи од тезата ни денеска (09.09.10) во Брисел. „Од минатото можеме само да учиме, а не да го повторуваме. Тој што бил одговорен за тоа знае што се случувало и што било понудувано, времето ќе покаже што било пропуштено.“
Барозо накусо порача, дека во претстојниот извештај на ЕК, кој ќе излезе во ноември, ќе се разгледуваат и останатите состојби и реформи. Една од поважните е и политичкиот дијалог. Тој потсети, дека во демократските земји интересот на државата и на граѓаните треба да биде поважен од интересот на партијата. Мнозинството граѓани на Македонија поддржува влез во ЕУ.
Автор: Тања Милевска
Редактор: Александра Трајковска