1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барозо и Филе со важни пораки во Охрид

9 април 2011

Претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Барозо и еврокомесарот за проширување Штефан Филе ја завршуваат балканската турнеја со посета на Охрид. Тие се среќаваат со македонскиот државен и политички врв.

Жозе Мануел БарозоФотографија: AP

Како што најави неговиот портпарол Микаел Карничниг во изјава за Дојче веле, претседателот на Европската Комисија , Жозе Барозо во Охрид ќе се сретне со македонскиот премиер Никола Груевски, претседателот на Македонија Ѓорге Иванов и со лидерите на најзначајните политички партии. Суштината на неговата порака до македонските политичари ќе биде дека со цел да продолжи патот кон Европа, крајно е важно да постои стратегиски консензус внатре во земјата.

„ Потребен е еден вид историски договор меѓу различните политички сили, еден вид култура на компромис што води кон европската интеграција, а не на поларизација меѓу различните политички партии. Посебно во еден предизборен период, потребен е дух на компромис и на соработка“, изјави Карничниг.

Штефан ФилеФотографија: AP

Разговори за клучните прашања

Барозо и еврокомесарот за проширување на ЕУ , Штефан Филе со македонските политичари ќе разговараат за клучните прашања за Македонија во моментов: најавените предвремени парламентарни избори, спорот за името со Грција и напредувањето на земјата кон Унијата.

Спроти нивната балканска турнеја двајцата високи претставници на ЕУ, експлицитно нагласија дека во Унијата не постои замор од проширување.

„ Заморот од проширувањето или мислењето дека некои земји-членки на Европската унија нема да им дозволат на нови држави да влезат во нивниот сојуз е мит“, изјави Баросо. Филе пак нагласи : „ Често пати слушам за заморот од проширување. Според мене тоа е мит, како снежниот човек, често се говори за него, но никој не го видел. Ајде заедно да се бориме против тој мит со помош на реформи, кои се во корист на граѓаните“.

Во рамките на нивната балканска турнеја Барозо и Филе пред Македонија ги посетија уште и Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Автор:СН/ЖА/тг/макфакс/дв

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми