Барозо: Неопходно е да продолжи политичкиот дијалог во Македонија
9 април 2011Македонија и ЕУ двапати годишно ќе остваруваат редовни контакти на највисоко ниво и еднаш годишно конференција околу исполнувањето на нејзината евроагенда. Тоа не е класичен мониторинг, но Брисел е заинтересиран Македонија да продолжи со европските реформи и во октомври да добие објективен извештај за постигнатиот степен на промените во општеството според европските стандарди. Ова го изјави претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Барозо на денешната прес- конференција по средбата во Охрид со македонскиот премиер Никола Груевски.
Претседателот на ЕК одбегна да одговори дали до крајот на годината може да се добие датум за старт за преговорите со ЕУ, но потенцира дека решението за името е еден од приоритетите. Неопходно е да продолжи политичкиот дијалог, дебатите да станат дел од модерниот европски дијалог и да се обезбеди слобода на новинарското изразување, реформи во судството, и да се организираат фер и слободни избори, беше пораката на Барозо, кој во Охрид водеше едночасовен разговор со владиниот тим.
„ Треба да ја искористите шансата регионот да стане дел од ЕУ а посетата на Балкант е знак дека Брисел не е заморен од проширувањето“ . Со иста констатација излезе и шефот на македонската влада кој рече дека властите во Скопје се посветени на спорот со името но со дигнитет кон прашањата на националниот идентитет. Груевски изрази благодарност на сите видови и форми на финансиска, политичка и експертска помош на ЕУ во спроеведувањето на модернизацијата во Македонија.
Барозо во Охрид одржува и предавање заедно со шефот на македонската држава Ѓорге Иванов. Барозо попладне ќе има средби со лидерите на владејачката Демократска унија за интеграција Али Ахмети и Бранко Црвенковски.
Автор:Алесандар Чомовски
Редактор: Симе недевски