Баросо бара решение пред да биде предоцна
20 јули 2011
Жозе Мануел Баросо испрати невообичаено остра порака во пресрет на самитот на лидерите на 17 земји-членки на еврозоната.
„Никој не треба да има илузии. Ситуацијата е многу сериозна. Таа бара одговор, или во спротивно негативните последици ќе бидат почувствувани во сите делови на Европа и надвор од неа“, рече Баросо.
Според него, решенијата за кризата мора да вклучат мерки: за одржливост на грчките јавни финансии, учество на приватниот сектор во финансирањето на Атина, пофлексибилна употреба на фондовите на ЕУ, обнова на регионалниот банкарски систем и ликвидноста за да се забрза растот на економијата.
Критика за Меркел
Во изјава, која звучеше и како директна критика на германската канцеларка Ангела Меркел, Баросо рече дека е крајно време лидерите да кажат „што сакаат и што можат да сторат, а не што не сакаат и што не можат да направат“.
Председателот на Европската комисија потсети и дека европските држави се меѓусебно зависни, а поддршката која треба да и се даде на Грција не претставува опција, туку реалност. Тој нагласи дека еврото е најголемата придобивка на Европа, и дека придобивки од неговото зачувување ги надминува сите напори кои државите треба да ги направат за иднината на следните генерации.
Германската канцеларка Ангела Меркел, преку својот портпарол, денеска делумно ретерираше од вчерашната изјава дека од самитот не треба да се очекуваат „спектакуларни резултати“. Канцеларката е уверена дека на самитот на земјите-членки на еврозоната ќе биде договорен нов пакет помош за Грција, соопшти нејзин портпарол, а денешните разговори со францускиот претседател Никола Саркози во Берлин ќе помогнат за полесно изнаоѓање на решение. Француски претставници соопштија дека очекуваат на самитот да се најде трајно решение за кризата.
Автор: БГ/ројтерс/дв
Редактор: Александра Трајковска