1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барселона на нозе - се бара ослободување на Пуџдемон

ЕМФ / дв
26 март 2018

По апсењето на поранешниот каталонски претседател Карлес Пуџдемон во Германија, десетици илјади луѓе во Барселона излегоа на протести и бараа негово ослободување. Во текот на демонстрациите дојде до судири.

Barcelona Protest Puigdemont Verhaftung
Фотографија: Getty Images/AFP/L. gene

„Ослободете го нашиот претседател. Не бидете соучесници“ - стоеше на плакатите кои ги носеа учесниците на протестниот марш во Барселона. Според полицијата, на протестите вчера излегоа околу 55.000 луѓе. Меѓу приврзаниците на лидерот на сепаратистите и безбедносните сили постојано имаше судири. Полицијата испука предупредувачки куршуми во воздух и употреби палки за да ги потисне демонстрантите. Според наводи на здравствените власти, во текот на протестите се повредени речиси 100 лица, од кои 23 се полицајци. Уапсени се четири лица.

Демонстрантите со пароли како „Ослободување на политичките затвореници“, маски со ликот на Пуџдемон и знамиња на независност, маршираа од пред претставништвото на Европската Комисија до германскиот конзулат во Барселона.

Демонстрантите залепија знак со барање „Ослободете го нашиот претседател“ на зградата на германскиот конзулат во БарселонаФотографија: Getty Images/AFP/J. Lago

Вицепретседателот на каталонскиот парламент Жозеп Коста оцени дека шпанскиот налог за апсење на Пуџдемон е политички мотивиран. Коста за ДВ изјави дека се надева оти Пуџдемон нема да биде испорачан.

Портпаролката на листата на која припаѓа Пуџдемон - „Заеднички за Каталонија“, Елза Артади, на Твитер напиша: „Шпанија не гарантира фер процес, туку се занимава со одмазда и угнетување.“

Марш на десетици илјади луѓе во Барселона со барање за ослободување на Карлес ПуџдемонФотографија: Reuters/A. Gea

Врховниот суд во Шпанија во петокот отвори кривични постапки против Пуџдемон и други 12 регионални политичари. Против седуммина сепаратисти кои побегнаа во странство се издадени нови налози за апсење, меѓу нив и против Пуџдемон. Тој во татковината е соочен со затворска казна до 30 години.

Повеќе:

Шпанија ќе ја активира потерницата по Пуџдемон

Пуџдемон сака да управува со Каталонија од егзилот во Брисел

Пуџдемон беше уапсен вчера попладне во германската покраина Шлезвиг Холштајн додека од Данска патувал за Белгија, каде живее во егзил. Според извештај на „Килер нахрихтен“ информацијата за Пуџдемон Германската криминалистичка служба (БКА) ја добила од финските безбедносни власти. Магазинот „Фокус“ пак пишува дека шпанската тајна служба го има Пуџдемон постојано „на око“ и дека таа ја информирала БКА за неговите планови за патување.

Фотографија: AFP/Getty Images/P. Barrena

Пуџдемон денеска треба да биде изведен пред суд во Шлезвиг Холштајн заради утврдување на идентитетот. Според обвинителот Ралф Депер, шпанските власти би требало да поднесат документи во кои ќе изнесат причини за испорака на Пуџдемон, а судот потоа ќе одлучи дали испорака во Мадрид е правно издржана. Доколку не постојат правни пречки за тоа, работата во свои раце ќе ја преземе генералното обвинителство во Шлезвиг Холштајн, изјави Депер.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми