1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Батаклан: сеќавање на кошмарот

Луис Лиза
13 ноември 2020

Пред пет години во терористички напад во концертната сала Батаклан во Париз беа убиени 130 лица. Преживеаните се обидуваат да се справат со болката и траумата со музика, сликање, пишување.

Bonn BATACLAN Festival | Bataclan Motiv
Фотографија: Armin Korf - Kreativ Konzept

Љубовта кон музиката можеше да биде фатална за Серж Маестраки на 13 ноември 2015 во концертната сала Батаклан. Но, во периодот по нападот музиката му го спаси животот.

Непосредно пред нападот 66 годишниот музичар почна да пишува песни. Од тогаш со својот бенд редовно вежба во студио во предградието Сент Уан, северно од Париз. Како и неодамна кога едно претпладне ја пееше песната Батаклан која говори за тоа како неговиот син  долго не можел да заспие навечер по нападот.

„Се чуствував како мета“

„Музиката ми помогна да поминам низ најстрашниот период од мојот живот. Бев преплашен по нападите. Се плашев да излезам од дома, да возам точак низ град. Се чуствував како подвижна мета,“ вели Серж за ДВ.

Серж МаестракиФотографија: Lisa Louis/DW

„Музиката ми овозможи да ги изразам чуствата и она што го доживеав. Кога ќе доживееш нешто такво, прво што ти паѓа на памет е дека за влакно си ја избегнал смртта. И животот застанува. А потоа повторно почнува и си помислуваш – сега морам да го живеам со полна плуќа..!“

Надминување на траумата со штафелај, палета...

Таа ноемвриска ноќ 2015 година терористи во напади и самоубиствени бобмашки акции во Париз убија 130 луѓе. Деведесет жртви се убиени во Батаклан на концерт на рок бендот „Eagles of Death Metal“.

Од 2015 до сега, џихадисти во напади во Франција убија над 250 луѓе, а илјадници преживеани носат со себе трајни психички и физички лузни. Музиката не е единствениот начин на кој Серж се обидува да ја преброди траумата која ја преживеа.

Повеќе:

-Тероризам во Европа: Макрон бара цврста рака

-Светот тагува по теророт во Париз

-Франција во шок по терористичките напади

Серж пешачи по осум километри до предградието Коломб каде што има мало ателје. Во малиот стан во една зграда стои штафелај, бои, дрвена палета, а на ѕидовите се закачени слики нацртани во масло на платно.

„Сликањето ме преокупира и ми ги одвраќа мислите од она што ме опкружува“, вели тој. “Понекогаш сликам цел ден и тогаш во еден момент гледам дека надвор веќе се стемнило. Додека сликаш проаѓа време, а тоа помага, бидејќи времето лечи сѐ. Малку по малку кошмарот низ кој си прошол исчезнува.“

Фотографија: Lisa Louis/DW

Мотивите кои најчесто ги слика Серж се сменија по нападот – од животни сцени во пејсажи. „Почнав да сликам моменти поради кои вреди да се живее. Сакав во целост да побегнам од она низ што поминав.“

Само една слика се разликува – нацртана е веднаш по нападите. На неа се гледа француското знаме со црвена боја кое „тече“ низ сликата – како Франција да крвари.

„Дневник на преживеаниот од Батаклан“

Серж успеал да побегне преку споредниот излез на Батаклан веднаш кога биле испалени првите куршуми. Но, тоа не им успеало на сите. Ни на Кристоф Ноден. Додека тројцата вооружени напаѓачи држеа стотици луѓе како заложници, тој морал да се крие во една остава во која се напикале дваесетина.

За да ја преброди траумата пишувал и сега објави книга под наслов „Дневникот на преживеаниот од Батаклан“. Во неа опишува како во првата година по нападите излегувал многу и запознавал многу луѓе.

Кристоф НоденФотографија: Lisa Louis/DW

Но кога ќе се врател дома се соочувал со реалноста. Во другата фаза Кристоф успеал да се оттргне од она што се случило. И на крајот, во третата година од нападите многу помалку го окупирало она што го преживеал во Батаклан, најмногу поради тоа што ја запознал својата нова девојка Летиција.

„Навистина многу ми помогна пишувањето наместо само да си ја враќам сцената од она што го преживеав,“ вели тој за ДВ. „И добро беше тоа што морав повторно да поминам низ се тоа и да напишам книга.„

Силни симптоми

Пострауматските симптоми на Ноден – главоболка и несоница – почнале да поминуваат. Но, повторно се враќаат со секој нов напад. Како што беше неодамна кога во едно париско предградие еден исламист му ја отсече главата на професорот Самуел Пати поради тоа што на учениците им ја покажувал карикатурата на пророкот Мухамед.

Хоророт во Батаклан му го смени сфаќањето на животот

01:26

This browser does not support the video element.

Карикатурата во 2015 ја објави сатиричниот магазин Шарли Ебдо, кој исто така беше цел на исламистички напад во јануари 2015 и беа убиени 12 лица. Судскиот процес против можните помагачи е во тек, додека полицијата ги уби напаѓачите кратко по нападот. Ноден на некој начин се идентификува со Пати, со оглед на тоа дека и самиот е професор и речиси се на иста возраст.

„Она што нема да ме убие ме прави посилен“

Лоран Тигран Товмашиан вели дека пострауматскиот стрес знае да потрае. Но, музиката и пишувањето може да помогнат. Тој е психотерапевр од Париз и главен лекар на одделението за психотраума во Центарот за ментални болести „Шапел о Шамп„ при Универзитетот УЦЛ во Брисел.

Тој лечеше неколкумина преживеани по нападот во ноември 2015.

“Пишувањето им помага на луѓето повторно да поминат низ она што го доживеале. Им помага да создадат неопходна дистанца за да не бидат опседнати со тоа,“ објаснува тој за ДВ. “А сликањето и музиката пак повторно ги поврзуваат со нивната креативност. Тоа е важно со оглед на тоа дека траумата влијае на човековата креативност, проектите за иднината и соништа.“

„Не можеш едноставно да го избришеш од сеќавањата“

Па сепак малку е веројатно дека преживеаните во целост ќе може да го заборават тоа што им се случило, додава тој. „Не можеш едноставно да го избришеш од сеќавањата. Единствен начин да напредуваш е да го прифатиш и вклучиш во животот. Тогаш ќе можеш во еден момент да кажеш ‘тоа што не ме убива ме прави посилен’”.

Серж ќе продолжи да се занимава со пеење и сликање, но не само заради тоа што му ги лекува раните. „Радикалните исламисти би сакале да го видат општеството во кое не може да цртате, да создавате музика или да пеете”, вели тој. „Тие веруваат дека само Пророкот има право на тоа. Ова е мој начин да кажам: не, јас постојам, јас сум жив и сакам во својата земја да продолжам да го прават тоа што можам да го правам.”

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми