1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Батеригејт“ нема да го урне Самсунг

Хенрик Беме
11 октомври 2016

Во Самсунг буквално огнот е стигнат до покривот. Но, тоа воопшто не значи и дека огромниот концерн е во опасност.

Samsung Galaxy Note 7 verkohlt explodiert
Фотографија: picture- alliance/AP Photo/A.Zuis

Крајот на Ноут 7 е катастрофа каква што Самсунг досега не доживеал, барем делот на мобилните телефони на огромниот концерн, кој попатно гради и бродови, телевизори и машини за перење алишта, кој е присутен во биотехнологијата, но и во сферата на финансиски услуги, како осигурувања. Со своите половина милион вработени, Самсунг е одговорен за една петтина од економското постигнување на Јужна Кореја. И, со оглед на тоа што смартфоните се само еден дел од џиновскиот концерн, иако мора да се каже - важен дел, тој сепак нема да потоне.

Кој во Германија пред 20 години знаеше за најголемиот мешан концерн од Корејскиот полуостров? Првите мобилни телефони кои се појавија во Германија беа исмевани. Подоцна, кога почна победничкиот поход на смартфоните, беше слично со првите Самсунг-модели. Тие се купуваа срамежливо. Денес, Самсунг продава најголем број смартфони во светот. Во најдобрите времиња уделот на пазарот изнесуваше над 30%, а денес една петтина од светскиот пазар е во рацете на Самсунг. Слично беше и со производството на телевизорите. Во Германија тв-апаратите од корејскиот концерн одамна се најпродавани.

Хенрик Беме

Опасноста демне од друга страна

Се разбира дека актуелната катастрофа со мобилните телефони кои пламнуваат може да го чини концернот многу, односно да го симне од врвната позиција. И, ако се најде некој Американец кој си ги изгорел прстите со некој вжарен Галакси Ноут 7, тогаш тоа ќе чини и тоа како скапо. Но, јасно е и дека најголемиот конкурент на Самсунг во САД - Епл, од тоа малку ќе профитира. Многу поголема опасност за Самсунг произлегува од многуте производители од Кина, како Хуавеи, ЗТЕ, ХТЦ, Опо или Шиаоми. Зашто, Самсунг, за разлика од Епл, не произведува само скапи апарати, туку ги снабдува пред сѐ пазарите во земјите во забрзан подем и земјите во развој.

Галакси Ноут 7 нема да се произведува

00:32

This browser does not support the video element.

Во Германија веќе почнаа да се повлекуваат паралели меѓу проблемите на Самсунг и дизел-скандалот на геранскиот автоконцерн Фолксваген, во стилот: и другите може да бидат погодени од проблеми. Тоа во моментов е не само слаба утеха, туку е по многу нешта погрешно. Се разбира дека и светски концерни како Самсунг, Фолксваген или Тојота, која со години мора да спроведува акции на враќање на возила, може да бидат исфрлени од рамнотежа со вакви скандали. Но, за разлика од намерно вградениот софтвер за прикажување „разубавени“ вредности на издувни гасови на возилата од Фолксваген, во случајот со батериите што горат се работи за техничка грешка. Се разбира дека морало да се направат поопширни тестирања, но Корејците очигледно биле под временски притисок за на пазарот да се појават паралелно со новиот топ-апарат на Епл - Ајфон 7. Сега Самсунг е доволно искрен за да признае дека не може да излезе на крај со проблемите со батериите, па го запира производството. Фолскваген сака и натаму да продава дизел-автомобили во САД.

Па сепак, има нешто заедничко меѓу „дизелгејт“ на Фолксваген и „батеригејт“ на Самсунг: скандалот до денес не му нанесе вистински штети на Фолксваген во делот на профитот. Слично ќе биде и кај Самсунг. Така, на крајот ќе остане само преголемата возбуда поради неколку запалени смартфони.

 

Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми