1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден и Балканот

27 ноември 2020

Во случајот на Македонија охрабрува ставот на Стејт департментот дека билатералните спорови меѓу земјите треба да се решаваат надвор од процесот на интегрирање и дека САД се разочарани што Бугарија го блокира процесот.

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Победата на Бајден на американските претседателски избори отвара нови можности и нова ера во трансатлантските односи помеѓу Европа и САД, нешто што неминовно ќе влијае на Балканот, регион чија судбина отсекогаш зависела од тесната соработка помеѓу Брисел и Вашингтон.

Дистанцирањето од Балканот кое започна со претседателството на Обама, и препуштање на регионот во рацете на Европа, највеќе под водство на Франција и Германија, не произведе катастрофални резултати, ниту пак значителен напредок. Ерата на европски диригираната балканска стабилократија дојде до својата кулминација, колабираше со падот на Груевски, но остави зад себе трајни последици преку подемот на Србија на Вучиќ и лошите односи со Приштина, поделноста на Дејтонска Босна, и вечно нестабилната Црна Гора.

Стратегијата на Вашингтон за Западен Балкан не е променета во овие години, напротив, дополнително се кристализираше во последните 4 години. Тоа е да се држат Кина и Русија што подалеку од регионот, да се минимизира влијанието на Турција, да се држат под контрола меѓуетничките тензии, Европа да остане на своето економско влијание без пресилно влијание во домашната политика на земјите од регионот.

Дел од овие цели беа постигнати преку НАТО, Црна Гора и Македонија, како два проблематични клиенти кои кокетираа и со Русија, беа примени, без притоа Алијансата да остави впечаток дека има некоја подлабока стратегија во својата експанзија на Истокот. Ако ја исклучиме Македонија, како посебен случај, која во преминот од Груевски кон Заев беше раководена од американската „длабока држава“ и посветените Хојт Ји и Вес Мичел, остатокот од Западен Балкан беше заборавен од администрацијата на Трамп. За некаква соработка помеѓу САД и Европа не можеме ни да зборуваме, каде Белата куќа воглавно се фокусираше на трговски договори кои повеќе му користеа предизборно на Трамп отколку на стабилноста на регионот.

Други колумни од авторот:

Вето за ЕУ и обединета Европа

Поважно е здравјето на граѓаните или економијата?!

Поделена Америка

Трамп или Бајден– малку ќе промени во надворешната политика на САД

Пример за тој тип на американска булдожер дипломатија е „договорот“ помеѓу Србија и Косово кој беше протежиран од Трамп и прогласен за „историски", но од кој не видовме никакво подобрување на односите помеѓу Белград и Приштина, освен во нивната нормализација на односите со Израел.

Јакнење на сојузот со Берлин и Париз

Сега, од надворешната политика на администрацијата на Бајден треба да очекуваме одреден континуитет, но и неколку значајни новини.

Прва работа е дека САД ќе се обиде да го реафирмира својот примат и хегемонија на глобалната сцена, и дека одново ќе ги зајакне релациите и сојузот со ЕУ и европските држави, пред се со Берлин и Париз. Европа е се уште премногу важна за стратешките интереси на САД за да биде оставена на милост или немилост на Кина и Русија. На тој начин ќе се воспостави и нова кохезија помеѓу Белата куќа и клучните државни апарати како Пентагон и Стејт департментот, кои најчесто имаа конфликтен однос со администрацијата на Трамп.

Во однос на Кина, Бајден ќе ја продолжи стратешката политика на САД, на радикализација на судирот, можеби менувајќи ја малку тактиката и реториката. Во однос на Русија ќе продолжи тврдата линија карактеризирана од спротивставување на Москва на сите клучни светски жаришта.

Големата новост се очекува да произлезе од односот кон отворените авторитаризми или онаму каде САД има доминантен интерес. Бајден веќе ги опиша Полска и Унгарија како „тоталитарни режими“ и најавува дека неговата администрација нема повеќе да ги толерира антидемократските процеси на рушење на правната држава и либералната демократија. Ова прашање длабоко навлегува во еден од суштинските проблеми на балканските стабилократии.

Бајден ги познава состојбите на Балкан

Што треба да знаеме за Бајден во однос на Балканот? Односите помеѓу долгогодишниот сенатор од Делавер и Балканот се длабоки и повеќе децениски. Бајден беше еден од најголемите поддржувачи на Бошњаците за време на распадот на Југославија. Во 1993 година беше во посета на Сараево и на Белград, и запознавањето со состојбите го доведе до тоа две години однапред да го предвиди геноцидот во Сребреница, барајќи уште тогаш одлучна НАТО интервенција.

Бајден беше поддржувач на бомбардирањето на Република Српска пред Дејтонскиот договор и 4 години подоцна на Србија со цел отстранување на Милошевиќ од власта. Еднаш екстрадиран во Хаг, Бајден го прогласи Милошевиќ за најопасниот и најманијакален европски лидер после Хитлер, кој предизвикал четири конфликти.

Во осумте години додека беше потпретседател на САД, Бајден неколку пати го посети Балканот, особено залагајќи се за помирување помеѓу Србија и Косово, нагласувајќи го фактот дека САД мора да игра централна улога во стабилизација на регионот. Оттука можеме да заклучиме дека за разлика од Трамп кој гледаше централна улога во Србија на Вучиќ, Бајден своите сојузници ќе ги бара и ќе ги потврди во Албанија и Косово, во хрватско-бошњачката федерација, и најпосле во мултиетничка Македонија. Оттука, победата на Бајден е добра вест за Сараево, Тирана, Приштина и Скопје, а помалку за Белград и Бања Лука.

Џо Бајден и Хавиер Солана со тричленото претседателство на БиХ при посетата на Сараево во 2009 годинаФотографија: Elvis Barukcic/AFP/ Getty Images

Балканот кој Бајден го наследува после 4 години Трамп е далеку поконфузен, поранлив и позбунет од тоа што беше. Оставен, со исклучок на Македонија, без светскиот хегемон, Балканот беше препуштен на Европа која не успеа своето економско влијание да го претвори во мека моќ и интегративниот процес да го заокружи со почеток на преговори за Скопје и Тирана, и напредок кај Подгорица и Белград. Македонија по почетниот успех повторно е заглавена, овој пат од Бугарија, и тука тешко ќе се дојде до брзо решение, без разлика на капитулантскиот однос на Заев. Црна Гора и понатаму е опасно конфузна и дестабилизирана, Србија и понатаму флертува со стратешките противници на САД, Босна е условена од самоволието на Р. Српска и контратежата на Загреб. Оттука, поради инхерентната проблематичност и билатералните несогласувања, очекувам дека администрацијата на Бајден најголем фокус ќе посвети на Србија, Р. Српска, Црна Гора, и во помала мера, но со клучен предизвик да се реши проблемот со Бугарија, кон Македонија.

Читам дека едно од можните решенија за Западен Балкан кои се предлагаат е создавањето на економска унија под водство на Србија, и кон таквата идеја имам повеќе од една забелешка. Враќање во орбитата на Белград во овој момент е проблематично за сите останати клучни држави од регионот кои се важни за Вашингтон. Ако ја земеме во предвид намерата на Бајден да се соочи со демократскиот дефицит во САД и остатокот од светот, и дека меѓу првите точки од неговата програма е да организира своевиден „Самит помеѓу демократиите“, не гледам како тоа би можело кохеретно да се преточи на Балканот со фаворизирање на авторитарна Србија на Вучиќ.

Џо Бајден како потпретседател на САД во 2016 година ја посети Србија - на фотографијата со Александар Вучиќ, тогаш премиерФотографија: picture-alliance/dpa/K. Sulejmanovic

Потоа, тука е фактот дека една економска унија меѓу земјите од Западен Балкан, масовно би ја фаворизирало Србија која е економски и финансиски гигант во однос на другите земји, притоа со дубиозни врски и инвестиции кои потекнуваат од Русија и Кина. Таквиот план, неминовно би се судрил со подлабоката стратешка определба на САД, да ги држи подалеку Кина и Русија, кои ниту лесно, ниту пак брзо би биле истиснати од Белград и Подгорица.

Заеднички напори

Од друга страна, институционалните механизми на Унијата ја блокираат ЕУ во нејзините намери да го продолжи интегративниот процес. Моето мислење е дека Европа, без разлика колку почнува да се нафаќа во соочување со своите авторитарни членки, не е способна сама да го истера процесот кон внатрешна трансформација, ниту пак кон дисциплинирање на непослушните членки, уште помалку кон одблокирање на интегративниот процес.

Оттука, алтернативното решение, како последица на глобалните демократски напори на Бајден, е да се создаде една поширока коалиција помеѓу САД, Велика Британија, Германија, Франција, Шпанија, Италија, заедно со претставник од ЕУ, кои заеднички би се нафатиле со европските автократии и балканските билатерални проблеми, на тој начин отварајќи пат за решение на европските внатрешни блокади, како и откочување на интегративните процеси. Ова ми делува како најреално сценарио, кое би влегло во сржта на проблемот.

На тој начин, би се воспоставила поголема контрола над инвестиционите планови во секоја поединечна земја кои неминовно би биле врзани за демократскиот и реформски перформанс на секоја засебна држава, како и зајакната иницијатива за решавање на нивните билатерални несогласувања. Во иста мера, покрај морковот, поефикасно би можел да заигра и стапот, преку воведување на заеднички усогласени санкции за европските и балканските автократи, но и за земјите кои забегуваат во своите националистички и антидемократски поведенија.

Враќањето на САД на Балканот благодарение на администрацијата на Бајден е неминовно. Доколку тоа враќање биде усогласено и партнерско, како што е нормално и за очекување, со ЕУ, тогаш не е наивно или неверојатно да се очекуваат брзи потези и конкретни решенија. Тоа што дополнително охрабрува во случајот на Македонија е ставот на Стејт департментот, кој пред некој ден беше повторен од американската амбасадорка во земјава, дека билатералните спорови меѓу земјите треба да се решаваат надвор од процесот на интегрирање и дека САД се разочарани што Бугарија го блокира процесот. Истиот став го застапува и актуелниот председавач со ЕУ, односно Германија.

Администрацијата на Бајден гласно ја потврдува американската стратешка определба дека земјите од Балканот, покрај влезот во НАТО, својата дефинитивна припадност кон сферата на американскиот интерес треба да ја остварат преку интеграцијата во ЕУ.

На ЕУ и недостасува способноста за стратешко размислување, и не е во состојба да спроведува надворешна политика која би ги помирила спротивставените национални интереси на своите членки. Тоа е полето на кое доминира САД, и која се уште има моќ, да ги потсети и сојузниците и противниците, кој во светот навистина одлучува.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми