1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден и подава рака на Европа

ДТЗ
19 февруари 2021

Американскиот претседател ја искористи Минхенската безбедносна конференцијаза да испрати јасни пораки до Европа за нов почеток во трансатлантските односи.

USA Washington | Münchner Sicherheitskonferenz | Joe Biden
Фотографија: Patrick Semansky/AP/picture-alliance

Американскиот претседател Џо Бајден направи пресврт во однос на надворешната политика којашто ја водеше неговиот претходник, Доналд Трамп, кој беше мета на потсмев, ветувајќи дека ќе стави крај на бизнис-дипломатијата и ќе промовира демократија над автократија.
Демократскиот претседател, кој положи заклетва пред еден месец, го искористи својот прв голем настап на глобалната сцена - „виртуелна посета“ на Европа - да се обиде повторно да ги презентира САД како мултилатерален тимски играч, по четири години од политиката на „Америка на прво место“, што ја спроведуваше Трамп.

Во онлајн говор на Минхенската безбедносна конференција, Бајден повлече остра црта со надворешната бизнис-политика што ја практикуваше ТрампФотографија: Mandel Ngan/AFP/Getty Images

Во онлајн говор на Минхенската безбедносна конференција, Бајден повлече остра разлика со надворешната бизнис-политика што ја практикуваше Трамп, кој ги разгневи сојузниците со раскинувањето на глобалните спогодби и се закануваше дека ќе стави крај на помошта во одбраната, освен ако тие не ја прифатат неговата политика. 
„Нашите партнерства траат и растат низ годините, бидејќи тие се вкоренети во богатството на нашите заеднички демократски вредности. Тие не се трансакциски. Тие не се екстрактивни. Tие се изградени врз основа на визијата за иднината, каде што секој глас е важeн“, рече Бајден.
„Знам дека изминати неколку тешки години ги тестираа нашите трансатлантски односи, но САД се решени повторно да се вклучат во Европа“, рече тој.
Бајден им рече на американските сојузници дека тие мора да застанат цврсто против предизвиците од Кина, Русија и Иран, велејќи дека Русија посакува да го ослабне трансатлантскиот сојуз и повикуваат на обединет фронт да се спротивстави на, како што рече, кинеската економска практика на злоупотреба.

Подароци и ветувања

Бајден пристигна со подароци - со ветување за поддршка од 4 милијарди долари за напорите за глобална вакцинација против коронавирус, за повторно учество на САД во Парискиот климатски договор, како и за можноста за издвојување на речиси 2 трилиони долари како мерка за опоравување на  американската и на глобалните економии.
Бајден најпрво се сретна со лидерите на Г7 од Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Канада и Јапонија преку видеоконференција. Тој планира да им се придружи на самит ова лето, чиј домаќин ќе биде Велика Британија.

Потоа Бајден зборуваше на конференцијата во Минхен, на која присуствуваа водечките светски лидери. Пред неколку години како граѓанин тој им порача на учесниците кои беа засегнати од претседателството на Трамп: „Ние ќе се вратиме".

Русија и Кина како предизвици
 
Бајден истакна дека најголемите пазарни економии и демократии мора да работат заедно за да се справат со предизвиците поставени од голема моќ на конкурентите како Русија и Кина, како и предизвици кои се движат од нуклеарна експанзија до климатските промени и сајбер-безбедноста.
Тој вети посветеност на сојузите што Трамп ги нападна, додека ги критикуваше Русија и Кина.
„Соединетите Американски Држави се целосно посветени на нашиот сојуз во НАТО и ја поздравувам вашата инвестиција во воените можности што ја овозможуваат нашата заедничка одбрана“, рече Бајден.
„Напад врз еден е напад врз сите. Тоа е нашиот непоколеблив завет“.
Русија се обиде да ја дестабилизира и поткопа демократијата во САД и Европа и на други места, рече Бајден, барајќи од сојузниците да останат цврсто со Вашингтон.
Кремљ во повеќе наврати негираше каква било активност.
„Ние мора да се спротивставиме на економските злоупотреби на кинеската влада и на притисоците кои ги поткопуваат темелите на меѓународниот економски систем“.
Белата куќа ја разгледува политиката на Кина преку низа фронтови, вклучувајќи ги военото наоружување, трговските политики, активностите во Хонг Конг, третманот на Ујгурите и справувањето со коронавирусот. 
За предизвикот што го носи иранската нуклеарна програма, Бајден вели дека САД очекуваат повторно да се вклучат во дипломатијата, среде напорите за заживување на иранскиот нуклеарен договор што Трамп го напушти.

Германија е подготвена за „ново поглавје“ во трансатлантските односи во кои САДи Европа ја следат заедничката агенда, рече канцеларката Ангела МеркелФотографија: Guido Bergmann/REUTERS

Германија е подготвена за „ново поглавје“ во трансатлантските односи во кои САД и Европа ја следат заедничката агенда, порача германската канцеларката Ангела Меркел.
„Во нашите принципи и нашите вредности, во нашата вера во демократијата
и способноста да се преземе акција, имаме широка, добта основа“, рече таа на конференцијата за безбедност во Минхен.
„Има многу што да се направи, а Германија е подготвена за ново трансатлантско поглавје“. 
Големи предизвици како што се пандемијата и климатските промени треба да се решат заедно во мултилатерализам, рече таа и САД и Европа треба да имаат заеднички став кон Русија.
„Многу е важно да развиеме заедничка трансатлантски агенда, која од една страна дава кооперативни понуди, но од друга страна јасно ги идентификува разликите“, рече таа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми