1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Бајден најави одмазда: Терористите од Кабул ќе платат

ЖА / агенции
27 август 2021

По нападите во Кабул, во кои загинаа 13 американски војници и најмалку 72 цивили, американскиот претседател Џо Бајден најави одмазда и продолжување на евакуацијата.

US-Präsident Joe Biden hält in Washington eine Rede über Afghanistan
Фотографија: Jonathan Ernst/REUTERS

Американскиот претседател Џо Бајден одговорноста за вчерашните  бомбашки атентати во Кабул им ја припиша на припадниците на џихадистичката милиција Исламска држава, ИС-Х. К означува Хорасан, историски регион во Централна Азија кој го опфаќа и Авганистан. Тие се во непријателски односи со талибанците, сметајќи ги за „предавници“ поради склучување договори со западните сили.

Обраќајќи им се на организаторите на терористичките напади во Кабул, Бајден изјави: „Нема да заборавиме, нема да простиме. Ќе ве гониме додека да ве најдеме, а потоа ќе платите за ова.“

Бајден им издал налог на своите генерали да вршат напади врз позиции на ИС-К и е во постојан контакт со војската во врска со опциите за одговор на атентатите.

Во неколку експлозии кај аеродромот во Кабул, од кои дел се сметаат за самоубиствени напади, вчера загинаа 13 американски војници, најмалку 72 цивили, а според наводи од талибанците, и 28 нивни припадници. 

Американскиот претседател во получасовното обраќање пред Белата куќа најави и продолжување на  евакуирачката мисија  според планот, до 31 август. „Нема да дозволиме терористите да нѐ запрат“, истакна Бајден. Тој дополни дека и претходно била јасна опасноста на мисијата, поради што и инсистирал на нејзино конкретно временско ограничување. 

На прашањето дали е грешка што обезбедувањето на аеродромот во Кабул им е препуштено на талибанците и што со нив воопшто се преговара, Бајден истакна дека ним не може да им се верува, но смета дека талибанците имаат итерес од соработка со меѓународната заедница, оттаму верува дека тие ќе помогнат при евакуацијата на американски граѓани и локални авганистански соработници и по повлекувањето на американските војници. Истовремено, целосно невозможно е од земјата да се изнесат сите кои имаат таква желба, предупреди Бајден. 

Нов живот за Авганистанецот кој побегна од Кабул

02:19

This browser does not support the video element.

Според најавите на безбедносни извори на аеродромот во Кабул, евакуирачките напори ноќеска, по нападите, се повторно интензивирани. Неименуван офицер за агенцијата Ројтерс изјавил дека авионите повторно слетуваат и полетуваат  во одреден ритам со висока фреквентност.

Претставник на талибанците повтори дека нема причина да се пролонгира договорениот рок за евакуацијата.

Германскиот Бундесвер вчера ја заврши својата операција за евакуирање од аеродромот во Кабул. Од Авганистан со редицата летови на Бундесверот се изнесени преку 5100 лица, од кои 3600 се Авганистанци, изјави претставник на германското Министерство за одбрана за Дојче веле. Не се знае уште колку германски државјани се останати во земјата, се претпоставува дека околу 200 уште престојуваат во Кабул.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми