Конвенцијата на Демократите заврши со импресивен говор на Џо Бајден. Претседателскиот кандидат го нарекуваат анти-Трамп, но нему ќе му биде потребно нешто повеќе за да ги придобие младите гласачи, смета Карла Блајкер.
Фотографија: Getty Images/W. McNamee
Реклама
Какво олеснување! Говорот на Џо Бајден со кој заврши Конвенцијата на Демократската партија и тој ја прифати номинацијата за нејзин претседателски кандидат, беше навистина прилично импресивен. Бајден не мрмореше неповрзани полуреченици во кои крајот звучеше така како да нема врска со почетокот, нешто што публиката го доживеа во текот на одделни првични кандидатски дебати. Наместо тоа, неговиот заблагодарувачки говор беше пламено пледоаје во кое тој го подигна својот глас кога зборуваше против „умилкувањето кон диктаторите", а го спушти кога говореше за својот најстар син Бо, починат во 2015 година како последица на мозочен тумор. „Иако тој веќе не е со нас, Бо ме инспирира секој ден", рече Бајден со малку треперлив глас.
Емоции на вистинско место, без претерувања, и логично поврзана реченична структура. Да се нарече успех, до пред неколку години ќе беше вистински виц. Но, Американците имаат видено и друго освен овој кандидат, тие имаат многу, многу пати видено поинаку од својот сегашен претседател Доналд Трамп.
Не е доволно да не се биде Доналд Трамп
Конвенцијата на Демократската партија во целост беше насочена кон истакнување на разликите меѓу Бајден и Трамп. Безброј луѓе употребуваа зборови како љубезност, пристојност и сочувство кога зборуваа за Бајден. Поими кои веројатно многу луѓе нема да ги употребат во прв план доколку треба да го опишат Доналд Трамп.
Карла БлајкерФотографија: privat
Во својот заблагодарувачки говор Бајден не се воздржа од критики кон сегашниот претседател. Претседателскиот кандидат на Демократите посебно се задржа на една точка: на катастрофално потфрлувачкиот менаџмент на Доналд Трамп на пандемијата на коронавирус, а се чини дека на тој план подобрување не е на повидок. „По сево ова време, претседателот уште нема никаков план. Па, јас ќе го направам тоа", изјави Бајден пред да почне да ја објаснува својата стратегија која би ја применил од првиот ден доколку биде избран, вклучително развој на брзи тестови и зголемено производство на средства за лична заштита, како маски, но и почитување на мислењето на здравствените експерти.
Во последните четири вечери учесниците на партискиот конгрес постојано ја истакнуваа некомпетентноста на претседателот Трамп и опасноста која произлегува од него како човек кој нема ни грам емпатија во себе. За разлика од него Бајден, гласеше пораката – располага со децениско искуство и способност за создавање лична поврзаност со семејства кои доживеале трагедија, невработени луѓе и припадници на војската.
Но, да не се биде Трамп, не може да биде единствениот аргумент со кој сака да се продаде Бајден.
Потреба од прогресивна коалиција
Во својот синоќешен говор Бајден покажа дека барем делумно ја разбира важноста од блесок со своите умешности и градење коалиција на избирачите. Тој зборуваше за надминување на црвено-синиот јаз меѓу сојузните држави, тема на која се концентрираше и целата Конвенција. Многу републикански гласачи објаснуваа зошто го поддржуваат Бајден, а говор со негова поддршка одржа и републиканскиот екс-гувернер Џон Касих.
Сепак, уште е нејасно како Бајден и неговата потпретседателска соработничка Камала Харис планираат да ги придобијат младите прогресивни избирачи од сопствената партија. Хилари Клинтон, која го претставува политичкиот центар, на последните избори се бореше токму за тоа да го придобие ова демократско крило. Со оглед на фактот колку многу прогресивни демократски кандидати во овој изборен циклус победија на предизборите во Конгресот против етаблирани, умерени кандидати, Бајден и Харис мора итно да најдат начин како да ги привлечат прогресивните демократски гласачи ако сакаат да ја искористат шансата во ноември.
Овластувањата на најмоќниот државник во светот
Шефот на Белата куќа има најголема моќ во светската политика – барем така се верува. Но, дали е навистина така? Овластувањата на претседателот на САД се ограничени. И други актери играат важна улога.
Фотографија: Klaus Aßmann
Така вели Уставот...
Претседателскиот мандат во САД трае четири години, а претседателот може да биде реизбран само еднаш. Тој е шеф на државата и шеф на владата, односно управува со извршната власт. Задача на претседателот е да ги спроведува законите изгласани од Конгресот. Претседателот како највисок дипломат може да прима странски амбасадори и на тој начин да признава држави.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој кого контролира?
Трите власти - законодавната, извршната и судската - се поделени и се контролираат меѓусебно. Претседателот има право да помилува осуденици и да ги назначува федералните судии, министрите во кабинетите и амбасадорите на САД - но само со согласност на Сенатот. Ова е еден од механизмите со кои законодавната власт ги контролира активностите на извршната власт.
Фотографија: Klaus Aßmann
„State of the Union“
Американскиот претседател е должен редовно да го информира Конгресот за состојбата на државата. Тоа го прави ова во годишниот „говор за состојбата на нацијата“ („State of the Union“). Претседателот нема право да предлага закони на Конгресот, но за време на говорот може да наведе своите теми и приоритети. Со тоа тој може јавно да врши притисок врз Конгресот. Но, ништо повеќе од тоа.
Фотографија: Klaus Aßmann
Претседателско вето
Претседателот може да одбие да потпише закон донесен од Конгресот и тоа всушност неговото право на вето. Конгресот може да го отфрли претседателското вето само доколку обезбеди двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот. Во историјата на САД се познати 1.500 случаи на претседателски вета. Од нив, само 111 (7%), биле успешно надгласани.
Фотографија: Klaus Aßmann
Сива зона
Уставот на САД и одлуките на Врховниот суд не даваат јасна слика за тоа колкава моќ има претседателот. Всушност, претседателот има право на уште еден вид вето, познато како "џебно вето". Под одредени услови, претседателот може одреден закон да со „стави во торба“ и со тоа тој станува неважечки. Овој тип на вето не може да биде надгласано во Конгресот. Овој трик бил користен скоро 1.000 пати.
Фотографија: Klaus Aßmann
Наредби со сила на закон
Претседателот на САД на членовите на владата може да им наметне одреден начин на однесување. Тој издава препораки, т.н „извршни наредби“ (Executive Orders), имаат сила на закон. Сепак, тоа не значи дека на претседателот сè му е дозволено: судовите можат да ги поништат наредбите, Конгресот - да ги сопре со соодветни контра закони, а следниот претседател може да ги укине.
Фотографија: Klaus Aßmann
Конгрес...
Претседателот има право да склучува договори со странски влади, кои потоа треба да бидат одобрени со мнозинство во Сенатот. Ова може да се избегне, ако наместо договор претседателот склучи еден вид меѓувладин договор т.е. „извршен договор“ (Executive Agreement). Ваквите договори се валидни се додека Конгресот не ги оспори или не ги укине со закон.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој може да објави војна?
Претседателот е врховен командант на вооружените сили на САД, но војна може да објавува само Конгресот. Сепак не е многу јасно колку војска смее да испраќа претседателот во вооружените конфликти без одобрение на Конгресот. По војната во Виетнам, Конгресот го усвои следново правило: претседателот може да ги користи надлежностите се додека Конгресот не ги оспори.
Фотографија: Klaus Aßmann
Ултимативна контрола
Ако претседателот ги надмине или злоупотреби овластувањата или изврши кривично дело, Претставничкиот дом, против него може да отпочне процедура за отстранување од должноста. Досега имало два такви обиди, но и двата завршиле несупешно. Сепак, постои многу ефикасен инструмент за да се сопре претседателското самоволие: тоа намалувањето на буџетот – што е во надлежност на Конгресот.