1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден и Путин - успешна мисија

18 јуни 2021

Стариот добар Џо, кого медиумите блиски до Трамп и левичарските „наивчини“ сакаат да го опишат како успан и дементен, се покажа како незгоден клиент за Путин, пишува Ивор Мицковски.

Karikatur Sergey Elkin | Biden und Putin Treffen
Карикатура на Сергеј Елкин по самитот на Бајден и Путин

Самитот помеѓу Бајден и Путин на неутралниот терен во Женева од самиот почеток до самиот крај беше многу поразличен од сите претходни средби помеѓу американски и руски или советски претседател во последните 40 години.

Поразличен од средбата Реган-Горбачов, исто во Женева во 1985 година, тогаш во ембрионалната фаза на „перестројката“, која ќе разбуди огромни надежи кај Западот, но многу помали во СССР. Истото важи и за самитот помеѓу Клинтон и Елцин во Ванкувер во 1993 година, прв во постсоветската фаза, кога Западот се залажуваше дека Русија може да се претвори во функционална демократија од западен тип. Поразлична дури и од првиот самит во новиот милениум, помеѓу Буш помладиот и Путин во 2001 година во Словенија, кога Буш за штотуку инсталираниот кадровик на КГБ во Кремљ ќе каже: „Успеав да ја разберам неговата душа“. За потоа да сфати дека не разбрал апсолутно ништо или разбрал сѐ погрешно. Да не зборуваме за различноста од катастрофалната средба помеѓу Трамп и Путин во Хелсинки во 2018 година, кога американскиот претседател отиде дотаму да го брани рускиот колега, кој инаку му помогна во победата на изборите.

Првата и основна разлика помеѓу актуелниот самит и сите поранешни средби лежи во самите односи помеѓу двете земји, кои Путин неодамна ги окарактеризира како „на најниско ниво“ во последните години. Амбасадите на Москва и Вашингтон останаа без своите шефови откако двајцата претседатели си разменија досега невидени навреди. Бајден го нарече Путин „убиец“, на што Путин му одговори дека „кој зборува - зборува за себе".

Ивор МицковскиФотографија: Privat

Втората голема разлика произлегува од меѓународниот контекст. Кога Реган и Горбачов ќе се сретнат во 1985 година, првичната изјава на американскиот претседател беше: „САД и СССР се двете најголеми земји на планетата, двете суперсили. Тие се единствените кои можат да започнат Трета светска војна, но и единствените земји кои на светот можат да му донесат мир“. Денес веќе не е така, иако САД и Русија и понатаму го имаат најголемиот и најстраотен нуклеарен арсенал. Но, логиките на старата Студена војна повеќе не се применливи и денес заканите по светот не доаѓаат само од заемно загарантираното уништување. Многу други фактори денес се побитни, почнувајќи од сајбер безбедноста, вештачката интелигенција и хибридните војни, преку климатските промени и новите пандемии, до кршењето на човековите права и регионалните кризи кои можат да предизвикаат глобална нестабилност и конфликт. Конечно, тука е и статусот на Русија кој денес е многу поразличен. Бајден како искусен политичар не ја повтори избрзаната етикета на „регионална сила“ која Обама му ја плесна на Путин, но факт е дека денес за Бајден и за Америка вистинскиот глобален предизвик е новата суперсила Кина.

Постои и трета разлика. Осумте години на утопистот Обама, заглавен во својата хамлетовска неодлучност, неспособен да преземе никакви конкретни чекори, неговата неспособност во Сирија, исто како и четирите години на националистот и популист Трамп, подреден на Москва, кој дури и сонуваше да владее со Америка арогантно и авторитарно како рускиот колега, претставуваа една среќна епоха, една убава сезона за Владимир Владимирович Путин.

Со Трамп, Путин беше во надредена позиција и одлично се разбираше, без замерки или какви било препреки. Истото важеше и за правникот од Харвард, кој пак немаше сила да му се закани на Путин, кој, како што самиот ќе каже, е свесен дека: „На светот не постои среќа“ и дека напротив - тој е едно сурово, насилно, агресивно место каде за противниците се употребува полониум, а за пријателите пари и принуда.

Успехот на Џо

Но, стариот добар Џо, кого медиумите блиски до Трамп и левичарските „наивчини“ сакаат да го опишат како успан и дементен, се покажа како незгоден клиент за Путин.

Всушност, од целата своја турнеја која започна со европските партнери и сојузници во НАТО, Г7 и Европската унија, за потоа да прејде на состанок со Путин, Бајден најголем и најконкретен успех постигна токму со Русинот, наместо тоа да се случи со Европејците.

Прво, Бајден има право да ја прогласи за успешна мисијата со Путин заради самиот начин како двајцата соперници се третираа еден со друг. Тоа беше еден одлично осмислен и сработен валцер, договорен до најситните детали, во спротивно, немаше ни да се случи. Путин го искористи самитот за да го поврати подизгубениот статус и рејтинг кој во последната деценија се обидуваше да го надокнади преку агресија врз Грузија и Украина, анексија на Крим, труење на противници и опозиционери, па дури и преку домашна репресија и чистки од советски тип.

Колку и Бајден да повторува дека не се наоѓаме пред нова Студена војна, која инаку ја планира за Кина, сите луѓе на претседателот, па и тој самиот, како и неизбежниот поранешен КГБ агент, сѐ околу самитот асоцираше и потсетуваше на воскреснување на СССР и на Студената војна. За тоа, парадокасално, придонесе самиот наратив околу турнејата на Бајден во Европа, која помина во знакот на „Враќањето на САД“, „Враќањето на Г7“, „Воскреснувањето на НАТО“, враќање на Западот и западните вредности во пост-Трамп ерата на американската надворешна политика. Уште повеќе за тоа придонесоа дипломатските тешкаши на Бајден, сите прекалени борци од Студената војна, почнувајќи од државниот секретар Блинкен, преку советникот за национална безбедност Саливан, до шефот на ЦИА Вилијам Брнс.

Заедно со тензиите кои постојат во Балтикот и Полска, заради што тие непријателски гледаат на Москва, латентниот судир во Украина, која инаку директно и отворено побара да биде примена во НАТО, сѐ тоа ја потхрани атмосферата од времето на старата Железна завеса.

Фотографија: Patrick Semansky/AP/picture alliance

Русија има алтернативи

Путин, како најискусен државник на планетата и одличен шахист ја искористи понудената прилика. Почнувајќи од тоа дека го опиша Бајден како „зрел политичар“ и „голем државник“. Оттука, резултатот од средбата е повеќе од задоволувачки. Русија доби сатисфакција повторно да биде препознаена како голема суперсила, додека и двајцата претседатели пронајдоа начин како да го соочат и да го раководат заемното непријателство. Ќе се воведат консултации за темите за кои е најлесно да се преговара, како што се контролата над вооружувањето, сајбер-криминалот и климата, додека ќе се одржува статус-кво околу контроверзните теми како човековите права. Со други зборови, повторно е пронајден еден вид на модус вивенди помеѓу САД и Русија, воспоставен е тивок договор за невојување со Русија, додека на Путин му се подари и шансата малку да се ослободи од вазалството и притисокот од Кина на Ши Џинпинг, која веќе ги освои земјите каде порано Русија царуваше и која со својата технолошка супериорност опасно ја загрозува Москва. Путин ја искористи средбата со Бајден да му упати порака и на кинескиот император: Русија има алтернативи!

Пристапот на Бајден, ослободен од идеолошки и идеалистички опашки и утопистички небулози, без некаква голема доктрина, освен онаа да се биде прагматичен, по малку доведе до каков-таков ред во глобалниот поредок. Јасно е ставено до знаење дека Кина е централниот и главен ривал на Западот и на САД. Г7 собирот е ревитализиран. Бајден одлично знае дека во Путин не може да се има доверба, но заклучи дека е подготвен на концесии сѐ додека добива нешто за возврат на пазарот на интереси. Со Европејците повторно се разговара директно и јасно без да се наштетува на нивните интереси или да се создава непотребно непријателство како што правеше Трамп. Бајден, за разлика од милитантите во неговата партија и чистите души во Европа, нема никакви илузии околу иднината. Одлично знае дека западните демократии ги чека еден бавен, тивок судир и мачно абење, доколку не сакаат да потпаднат под тоталитаризмот во подем. И токму на тоа поле сака да ги спои заедничките слободарски вредности со неизбежните економски интереси. Бајден одлично увиде дека Европејците веќе слабо се палат на сеќавањата од 45-та наваму и тој нема намера, ниту време ниту ресурси да ги купува со манифести и програми кои ќе ги загреат нивните души и срца. Јасно му е дека пред негодувањето на Франција, Германија, Италија и Јапонија, да се приклучат кон заедничкиот фронт против Кина, ќе мора да се постави прагматично и да ги освои со секојдневна макотрпна работа, особено што страста за Алијансата е целосно стивната. Но, ако Макрон само до пред две години зборуваше за НАТО како „клинички мртов“, сега гледаме дека Алијансата сепак е жива, и сакале-нејќеле некои земји, НАТО ќе мора да гледа, покрај кон Русија, и кон Кина.

Фотографија: Koji Ito/Yomiuri Shimbun/picture alliance

Американското враќање

Затоа, додека средбата Бајден-Путин можеме да ја наречеме успешна мисија, истото не може докрај да се каже и за турнејата во Европа.

Америка не се врати во Европа како што Европејците тоа баш го замислуваа. Односно, не постои ниту еден единствен поглед за тоа што значи американското враќање во Европа. Некои земји уживаат во американската отсутност или зафатеност со домашните проблеми, со цел да станат понезависни и слободни самите да си го скршат вратот. Додека други, пак, сонуваат дека мајката Америка ќе се врати да се грижи за своите непослушни и палави дечиња.

Вистината не е ни тука ни таму. Америка се врати до таму до каде што ѝ одговара пред сѐ на нејзините интереси и можности. Америка дури и задржа нешто од политиките на Трамп, затоа што е свесна дека доколку на секои четири или осум години комплетно го менува својот наратив и политика, тогаш не би можела да биде најголемата светска империја и глобална суперсила.

Америка на Бајден се врати со прагматична порака: Ние водиме, вие применувате. За сѐ останато, морате самите да се погрижите. Во практична смисла тоа значи: Очекуваме од Европа да се погрижи за Либија и за целиот поширок Средоземски базен, за вашите миграциски проблеми, за проблемите во Сахел и поширокиот Магреб. Ќе ви помогнеме со Турција и ќе ги намалиме нивните неоотомански амбиции и авантури, но оставаме на вас, сами да се погрижите за безбедноста на вашите граници.

Америка отсега натаму ќе се посвети на Кина и само секундарно на Русија. Америка сака Европа да порасне и да преземе одговорност за себе, но во исто време да не стане премногу независна. Тоа донекаде веќе е забележливо, затоа што сите ЕУ членки, благодарение на американскиот притисок, зазедоа потврди позиции кон Кина. Тоа особено се однесува околу стратешките индустрии, комуникациите и чувствителните податоци. Но, ниту една европска земја не е подготвена за студена, а камоли за жешка војна со Кина. Особено, ниедна земја не е подготвена да го прифати технолошкото одделување (decoupling) од Кина на кое САД инсистираат. Воедно, никој нема докрај намера да се откаже од економскиот и финансиски продор на Пекинг, особено додека не ги види парите кои би го замениле или би платиле за откажување од амбициозниот кинески продор.

Најјасен беше Макрон: „Мораме да ја задржиме нашата независност кога станува збор за нашата стратегија кон Кина“. На слична линија е и Меркел кога ќе каже: „Не треба да ја преценуваме заканата од Кина“.

Со други зборови, целта на турнејата на Бајден во Европа, да ги повика Европејците да си ги средат домашните задачи, за тој да може да ги среди своите дома и да се зафати со Кина, не беше во целост остварена. Америка се врати половично, но барем разговара со Русија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми