1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден собира европски идеи и предлози за Авганистан

Ројтерс/ДВ/Т.Т.10 март 2009

Американскиот потпретседател Џо Бајден од партнерите во НАТО побара помош за справување со влошената ситуација во Авганистан. Бајден предупреди - тоа е закана за сите земји од Западот!

Џо Бајден и генералниот секретар на НАТО, Јаап де Хоп ШеферФотографија: AP

Американскиот претседателот Барак Обама планира да испрати уште седумнаесет илјади американски војници во Авганистан, со што го пренасочува фокусот во борбата против исламските терористи од Ирак, кон Авганистан и Пакистан. Поради тоа, американскиот потпретседател Џо Бајден денеска побара од сојузниците во НАТО идеи и конкретна помош за новата стратегија за активностите во овие две земји, која ќе биде претставена на следниот самит на Алијансата, на почетокот од април.

Џо Бајден во седиштето на НАТО во БриселФотографија: AP

„Ситуацијата во регионот, според нашето гледиште, претставува закана, не само за САД, туку и за сите држави од Западот. Токму од тие далечни области од светот, Ал Каеда ги испланира нападите од 11 септември. Од истото место беа испланирани и терористичките напади во Европа, како на пример оние во Лондон и Мадрид“, потенцира Бајден.

Тој рече и дека преговорите со умерените Талибанци се тактика која „вреди да се разгледа“. „Ценам дека вреди да се ангажираме и да одредиме дали има некои од нив, кои би сакале да учествуваат во изградбата на сигурна и стабилна авганистанска држава“, додаде американскиот потпретседател.

Бајден пред новинарите изјави дека иако американските сили не победуваат во војната со Авганистан, сепак таа е далеку од загубена.

Европјаните ентузијасти

Европјаните подготвени да се вклучат во цивилната обнова на АвганистанФотографија: DW

Велика Британија, Франција и Германија одбија да испратат дополнителни воени трупи во Авганистан, но покажуваат повеќе ентузијазам за новиот пристап на претседателот Обама и се расположени да помогнат на други начини. Претставници на европските земји истакнаа дека можат да се вклучат во обучувањето на полицијата, потоа во цивилната обнова или да помогнат во организирањето на изборите во Авганистан, закажани за август.

Германскиот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг, кој во моментов е во посета на германските трупи во Авганистан, изјави дека на Минхенската безбедносна конференција му соопштил на Бајден оти Германија е подготвена да испрати уште шестотини војници во Авганистан. „Тоа е забележителен придонес, кој нашите американски пријатели ќе го ценат“, изјави Јунг во Фејзабад.

„Овде сме да се консултираме, да слушаме. Овде сме да за да создадеме заедничка стратегија“, убедуваше денеска Бајден во говорот пред Северноатлантскиот совет. Останува да се види на самитот на НАТО, наредниот месец, дали европските сили ќе одговорат на неговите повици за креирање заедничка стратегија, а со тоа и за преземање заедничка одговорност за развојот на настаните во Авганистан.

Од 2001 година наваму, во оваа земја околу седумдесет илјади војници во меѓународните трупи под команда на НАТО и САД, се борат против Талибанците.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми