Бајерн бара гол-технологија во Бундеслигата
21 мај 2014Водечкиот германски фудбалски клуб соопшти дека предлогот е поднесен и треба да биде разгледан од надлежните веќе на следната седница.
„Го поднесуваме барањето за воведување на гол-технологија во најбрз можен рок, само за првата лига, затоа што треба да го заштитиме фудбалот и особено судиите во иднина“, изјави претседателот на Бајерн Минхен, Карл Хајнц Румениге.
Претходниот предлог за воведување на електронска контрола на гол-линијата беше одбиен од 36-те клубови од првата и втората лига во март година. Се претпоставува дека главна грижа на поголемиот дел од клубовите биле трошоците за воведување на технологијата.
Токму поради трошоците, надлежните во Бајерн сега предлагаат оваа модерна технологија да се воведе само на натпреварите од најсилната Бундеслига.
Дебатата за потребата од промената повторно се засили по финалниот меч од Купот на Германија меѓу Бајерн Минхен и Борусија Дортмунд. Матс Хумелс од Борусија постигна гол кој требаше да биде признат бидејќи топката ја мина гол-линијата, но судијата тоа не го забележа, а Бајерн потоа успеа да победи.
„Веќе е неприфатливо до кое ниво судиите, кои не можат да се потпрат на повторувања или забавена снимка, се критикувани“, вели Румениге. „Во иднина тоа треба да се спречи“.
Гол-технологијата веќе е подготвена за користење од следната сезона на англиската Премиер лига, а ќе се користи и на претстојното Светско фудбалско првенство во Бразил.