1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

На Бајерн му треба комплетно проветрување

Тобијас Оелмајер
2 мај 2018

Бајерн во Мадрид испадна од Лигата на шампиони трагично, можеби и незаслужено. Но, и да поминеше, ќе беше само мачкање очи. На баварците им е потребна темелна обнова на играчкиот кадар, коментира Тобијас Оелмајер.

Champions League  Real Madrid v Bayern München
Фотографија: Reuters/M. Dalder

Да, меѓу Бајерн и Реал Мадрид повторно се водеше голема борба. Точно, Бајерн во поголем дел од натпреварот беше подобар тим. И да, судијата пропушти да свири барем еден пенал во корист на екипата од Минхен. На крајот, секунда отсуство на внимание на голманот Свен Улрајх беше доволно за Бајерн да го спречи да одигра повеќе од 2:2 и чесно да испадне. Несреќно, трагично, можеби и незаслужено.

Па сепак, настапот на баварците делува како последен лет на пеперутка. Франк Рибери, во ветерански години, уште дриблаше и зуеше по левото крило, како што правеше во последните десет години, Томас Милер работеше рударски напорно и трчаше, често и јалово, Роберт Левандовски не се штедеше во дуелите, но слабо влегуваше во шанси, додека Матс Хумелс беше алпски ѕид за најголем дел од нападите на играчите од Реал. На трибините играта трескавично ја следеа повредените Арјен Робен и Жером Боатенг.

Видео во два дела: 

Феноменот Бајерн Минхен

Феноменот Бајерн Минхен

Сите тие се заслужни играчи кои собраа колку сакаш титули во текот на своите долги блескави кариери.

Но, тие главно ја имаат преминато триесеттата година. Одамна го преминаа зенитот. Во нова младост ги врати човекот кој деновиве слави 73-ти роденден и во кариерата ќе води уште само три натпревари. Тогаш ќе стигне крајот на големата тренерска одисеја на Јуп Хајнкес. Неговиот другар од шампионскиот германски тим 1974. година, Ули Хенес, не успеа да го убеди да ја продолжи кариерата.

Тобијас Оелмајер

Можеби е и добро што е така. Можеби е добро што Бајерн испадна во Мадрид. Влезот во финале без сомнение ќе беше нешто убаво, а не дека Хајнкес и момците тоа не го заслужија. Но, тоа ќе беше замачкување очи. Сигнал да се продолжи како и досега.

На Бајерн всушност му треба драстичен пресврт ако на долги патеки сака да биде во врвот на европскиот фудбал - обнова на сите нивоа. Хенес, претседателот на клубот, има 66 години, шефот на Управниот одбор, Карл-Хајнц Румениге - 62. Ќе дојде време кога и овие двајца клупски великани ќе се простат од активна улога, можеби за неколку години. Прашање е дали е Хасан Салихамиџиќ вистинскиот избор за да ги наследи.

Освен споменатите играчи, тука е и голманот Мануел Нојер, кому веројатно не би му се случил кикс како оној на Улрајх во Мадрид. И Нојер има 32 години, нејасно е дали воопшто целосно ќе се опорави по три фрактури на стапалото. 

Јошуа Кимих, Никлас Зиле и Кингсли Коман се само тројца вистински млади играчи кои ветуваат, а досега немаа прилики да играат. Наспроти своето претходно заминување од Бајерн, кога во 2013. година ја освои тројната круна, Хајнкес на својот наследник не му остава тим со голема перспектива за освојување на Лигата на шампиони. Тоа не е вина на Хајнкес, тој само повторно вадеше костени од оган.

Но, неговиот наследник Нико Ковач и спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ во ФЦ Бајерн ги чека мамутска работа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми