1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајерн главен фаворит во новата бундеслигашка сезона

5 август 2011

По 12 неделна пауза, денеска повторно ќе се затркала топката на бундеслигашките терени. Улогите се јасно поделени: новаците ги чека тешка сезона, а Бајерн Минхен ќе биде шампион?

Сите типуваат на Бајерн во новата сезонаФотографија: DW/AP

За тренерот на актуелниот првак Борусија Дортмунд, Јирген Клоп би било „лудо“ доколку Бајерн не ја освои 23-та титула со огромните вложувања во преодниот рок. Клоп ниту еднаш не го изговори зборот титула, кога беше прашан за шансите на неговиот тим.

„Сакаме да бидеме силен и непријатен противник, а сите екипи во дуелите против нас да се соочат со тешки проблеми“.

Слично на работите гледа и одбранбениот играч на Дортмунд, Матс Хумелс.

„Бајерн е повторно фаворит. Но, доколку ние се залетаме како што треба, на другите нема да им биде лесно против нас“.

Во преодниот рок, Дортмунд го загуби плејмејкерот Нури Шахин, кој за 10 милиони евра замина во Реал Мадрид. Негова замена во новата сезона ќе биде Илкај Гундоган кој дојде од Нирнберг, а голем потенцијал се гледа и во Хрватот, Иван Перишиќ кој дојде од Бриж.

Самоувереност во Бајерн

Во редовите на Бајерн, пак, играчите се вообичаено самоуверени.

„Добивме добри засилувања и нашата цел секако е шампионската титула. Секако треба да се води сметка за Борусија Дортмунд, но ние сме Бајерн и сакаме да бидеме прваци“, вели репрезентативецот Томас Милер.

По едногодишна воздржаност, Бајерн беше многу активен на трансфер пазарот. Тимот од Минхен потроши околу 40 милиони евра за да ги доведе голманот Мануел Нојер од Шалке, Рафиња од Џенова и Жером Боатенг од Манчестер Сити.

Голема надеж но и притисок врз новиот тренер Јуп Хајнкес, кој по третпат седнува на кормилото на баварците.

Фудбалерите на Борусија (Д) се радуваат на Лига купотФотографија: dapd

„Најчесто актуелниот првак е најголем фаворит и во новата сезона. Според мене, за титулата ќе конкурираат Бајер Леверкузен, кој има одличен тим, Борусија Дортмунд и ние. Ние секако ќе сториме се’ за да дојдеме до титулата“, вели Хајнкес.

На негово место во тимот на Леверкузен дојде Робин Дут од Фрајбург. Тој не крие дека се надева на шампионската титула, како ни ѕвездата на тимот, подостарениот Михаел Балак.

„Имајќи предвид дека се наоѓам на залезот на кариерата, за мене е одлично тоа што можам повторно целосно да се концентрирам на фудбалот и да дадам се’ од себе на теренот“, вели Балак.

Леверкузен во преодниот рок го загуби Артуро Видал, кој замина во Јувентус, а на негово место доведен е Андре Шурле од Мајнц.

Шалке очекува подобра сезона

На подобра сезона во првенството се надева и Шалке. Минатата, тимот од Гелзенкирхен ја заврши на 14. место, но стигна до полуфиналето во Лигата на Шампионите и го освои германскиот куп. Во паузата беа доведени големиот талент Луис Холтби и левиот бек Кристијан Фукс од Мајнц. За повеќе засилувања нема пари, иако Шалке инкасираше 25 милиони евра од продажбата на Мануел Нојер.

За првпат во лигата ќе настапи тимот на Аугсбург. Целта е јасна и едноставна, опстанок по секоја цена, слично како и за великанот од Берлин, Херта, која по едногодишна пауза се врати во најсилната конкуренција.

Шалке го освои супер-купот на почетокот на новата сезонаФотографија: dapd

Останатите тимови ќе се борат за златната средина, евентуално и за пласман во некој од европските купови. Меѓу нив предничи Хамбургер, кој во новата сезона влегува со драстично подмладен тим, а предсезоната не ветува многу. По минатогодишното разочарување и борба за опстанок, великаните Штутгарт, Волфсбург и Вердер се надеваат на подобри денови.

Со нови тренери, до подобри успеси ќе се обидат да дојдат Келн со норвежанецот Стале Солбакен, Хофенхајм со Холгер Станиславски и Фрајбург со Маркус Зорг.

Интересот на навивачите и за новата сезона е непроменет. Со продадените 480 илјади претплатни билети, билансот е позитивен, а се очекува и уривање на рекордот од 12,8 милиони навивачи.

Сезоната вечерва (05.08) ја отвора дуелот на првакот Борусија Дортмунд и Хамбургер.

Автор: Арнулф Бечер/ Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми