1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајерн го отпушти тренерот Јирген Клинсман!

27 април 2009

„Чашата се прелеа“ по поразот од Шалке во Минхен. Решението било донесено уште во саботата вечерта, но на Клинсман му било соопштено денеска претпладне. До крајот на првенството тимот ќе го води Јуп Хајнкес.

Крај на „љубовта“ со Бајерн: Јирген КлинсманФотографија: AP

Управниот одбор на фудбалскиот клуб Бајерн, незадоволen од резултатите на тимот, го повлече потегот, кој и не е толку неочекуван или изненадувачки - го отпушти тренерот Јирген Клинсман на пет кола пред крајот на првенството. „Овој чекор, без сомнение, не ни беше едноставно да го направиме, оти ние принципиелно секогаш се обидувавме со трпение, рационалност и сериозност да се однесуваме со оваа ситуација. Но, дојде момент во кој сметаме дека мора да ја отстраниме таа психолошка бариера, која според нас ја имаше и во саботата на теренот, за сепак да ги оствариме нашите спортски цели“.

Вака денеска претседателот Карл-Ханјц Румениге го образложи решението на Управниот одбор за смена на тренерот Јирген Клинсман. Претходно на интернет-страницата на клубот беше објавено соопштение во кое се вели: „По последните резултати, Управниот одбор на клубот смета дека е загрозено остварувањето на минималните цели за оваа сезона и поради тоа се реши на овој чекор“.

Јирген Клинсман опстана само десет месеци или точно 302 дена како тренер на Бајерн, шампионот - рекордер според титулите. Работата ја започна лани на 30 јуни, како наследник на Отмар Хицфелд, со големи планови и многу елан. Сакаше да ги подобри квалитетите на секој играч, да развие нова филозофија на играта и да освои колку што може повеќе титули - од сето тоа остана многу малку.

На 29 првенствени натпревари, Бајерн, под стручно раководство на Клинсман, забележа 16 победи, 6 средби одигра нерешено и доживеа 7 порази. Во Лигата на шампионите на 10 средби славеше 6 победи, одигра три пати нерешено и беше поразен само од Барселона, кога беше и елиминиран. Во Купот на Германија билансот во 4 те средби е три победи и еден пораз. На прв поглед и не е толку лошо, но за аспирациите на еден Бајерн сепак недоволно, оти е елиминиран во Лигата на шампионите и во Купот на Германија.

Клинсман не ни помислуваше самиот да се повлече

Клинсман се зафати со многу страст и големи амбиции во работата со БајернФотографија: AP

Се’ до последен момент Клинсман веруваше дека ќе го води тимот до крајот на првенството: „Не верувам дека треба да сум загрижен за мојата иднина, оти не станува збор за мојата личност, туку за Бајерн, за во наредната година како само по себе разбирливо, да игра во Лигата на шампионите“, изјави во саботата вечерта, по поразот од Шалке.

Клинсман зборуваше дека и натаму со големо задоволство работи со играчите. Раководството на клубот, очигледно, не најде задоволство во резултатите од неговата досегашна работа, па одлучи во последните пет кола да му го додели водењето на тимот на Јуп Хајнкес како преодно решение. Според досега се’ уште скудните информации, решението било донесено во саботата, веднаш по поразот од Шалке, а денес му било соопштено на Клинсман.

Бајерн беше прв клуб за Јирген Клинсман како тренер. Претходно ја водеше репрезентацијата на Германија со која на светското првенство во 2006 го освои бронзениот медал. Договорот му истекуваше на 30 јуни догодина.

Јуп Хајнкес ќе ја води екипата само до крајот на ова првенство. Веќе еднаш беше тренер на Бајерн, во периодот помеѓу 1987 и 91 година. Последен тренерски ангажман на Хајнкес му беше во Борусија Менхенгладбах, што ја водеше до јануари 2007.


ЗЈ /дпа/сид/ап

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми