Бајерн суверен во Бундеслигата
24 септември 2012Четврта победа во четири натпревари - Бајерн Минхен на чело на табелата ја зголеми разликата во однос на конкурентите. Во дербито на колото на гостувањето кај Шалке во Гелзенкирхен, Бајерн со победата од 2 спрема нула (стрелци Крос и Милер) докажа дека годинава ќе води главен збор во Бундеслигата. Големиот избор на висококвалитетни играчи и алтернативи за речиси сите позиции во тимот и профилираната игра се силни адути на Бајерн, за кои малку кој од конкурентите во Бундеслигата ќе може да најде соодветен одговор.
Бранителот на титулата Борусија Дортмунд им приреди негативно изненадување на своите навивачи на гостувањето во Хамбург. По 31 натпревар од Бундеслигата (сметано заедно со претходното првенство) и подолго од една година без пораз (од 19 септември 2011, кога загуби на гости кај Хановер со 2 спрема 1), шампионот потклекна против екипа од дното на табелата. Рекордер за серија без пораз останува Хамбургер, кој меѓу јануари 1982 и јануари 1983 година одигра 36 првенствени натпревари без пораз. Победата од 3 спрема 2 (стрелци: Хеунг-Мин Сон 2 и Иличевиќ за домаќинот, Перишиќ 2 за гостите), пак, е прв успех на Хамбургер во новото првенство. Враќањето на Рафаел ван дер Варт по седум години повторно во дресот на Хамбургер изгледа беше вистинскиот потег на раководството - холандскиот репрезентативец ги среди редовите на тимот и ги влечеше сите конци на играта. Борусија Дортмунд може само да жали за нереализираните шанси, делумно и поради редица добри одбрани на Рене Адлер. Поранешниот голман на германската репрезентација во оваа сезона дојде во Хамбургер, откако по долгата пауза поради повреда не успеа да се избори за место во тимот на Бајер Леверкузен.
Бајер Леверкузен останува во втората половина од табелата, Борусија Менхенгладбах и по четири одиграни кола останува без победа. Со нерешениот резултат (1 спрема 1, Кадлец за Бајер, Херман за Борусија) повеќе може да биде задоволен гостинот, оти репрезентативецот Ширле не реализира пенал за Бајер.
Ајнтрахт, по победата на гостувањето во Нирнберг (2 спрема 1, Хофер и Инуи за Ајхтрахт, Полтер за поразениот домаќин) го доживува најуспешниот старт во историјата на своите настапи во Бундеслигата. По четвртото коло, со исто толку победи, тимот од Франкфурт моментно е рамо до рамо со Бајерн Минхен. За последен пат толку високо на табелата се наоѓаше пред 13 години.
Вердер во новото првенство влезе со променет состав и веројатно средината на табелата ќе му е реален дострел. За нешто повеќе од тоа не би смеел да си дозволи такви пресврти како во ова коло, кога дома во Бремен прокоцка водство од 2 спрема 0 и мораше да се задоволи само со нерешен резултат против Штутгарт (2 спрема 2, де Бројн и Јунузовиќ за Вердер, Харник и Какау за Штутгарт). Во последните минути од средбата беа исклучени прво Харник (два жолти картони на иста средба), а потоа и домашниот играч Лукимја (и тоа само што влезе во игра!).
Прва победа на Хофенхајм, прв пораз во новата сезона за Хановер (во десет натпревари, вклучително и од европската сцена). Занимливо е дека сите четири голови (3 спрема 1 за Хофенхајм) ги постигнаа домаќините - прво автогол на Делпјер и водство за Хановер, потоа израмнување преку Јонсон и одлука во финишот од средбата со погодоците на Салиховиќ и Вилијамс.
Мајнц, тимот во кој капитен е македонскиот репрезентативец Николче Новески, уште во првото полувреме ја заврши главната работа во дуелот со Аугсбург. Иваншиц и Салаи во првите 25 минути од средбата обезбедија сигурна предност од 2 спрема 0, што Мајнц ја одржа до крајот. Ова е прва радост за Мајнц од април наваму, по серија од седум средби без победа.
Две средби во четвртото коло останаа без победник. Новиот прволигаш Фортуна Диселдорф и натаму нема примено гол, но ретко успева и да постигне. Трет пат последовно Фортуна одигра 0 спрема 0 - овој пат дома против Фрајбург.
Волфсбург „на хартија“ беше фаворит во дуелот со новиот прволигаш Гројтер Фирт, но на теренот не успеа да го потврди тоа. И овде, како и во Хофенхајм, целата работа „ја завршија“ домашните играчи - Погатец постигна автогол, а голот во полза на Волфсбург го даде засилувањето од Бајерн Ивица Олиќ. Волфсбург дома е без победа, а до две средби од гостувањето донесе четири бодови!