1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајката за безбедни земји на потекло

Зоран Арбутина/сн14 август 2015

За да се намали бројот на баратели на азил во Германија, уште три балкански држави треба да бидат прогласени за „безбедни земји на потекло“. Меѓутоа Албанија, Косово, и Црна Гора се справуваат со огромни проблеми.

Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

Работата за министерството за внатрешни работи во сојузната држава Бајерн е јасна: „Да, уверени сме дека Албанија, Косово и Црна Гора се безбедни земји на потекло“, изјави за ДВ портпаролот на министерството Оливер Плацер. „Сојузната канцеларија за миграција и бегалци над 99 проценти од барањата за азил ги одбива како очигледно неосновани.“ Плацер вели оти позитивно се решаваат барањата од хумани причини- ако барателите на азил од тие земји се изнемоштени или болни.

Со него се согласуваат и премиерите на овие балкански земји: „Ние сме за тоа Косово во Германија да се квалификува како сигурна земја на потекло“, пишува покрај останатото во писмото кое на ополномоштеникот за Балканот на Европскиот парламент, Дејвид Мекслистер му го испратија премиерите на Косово и Црна Гора.

Бернд МесовицФотографија: Pro Asyl

Германската организација за заштита на човекови права „Про азил“ ја оценува ситуацијата сосема поинаку: „Многу сум загрижен пореди можноста овие земји да се означат како безбедни земји на потекло“, вели Бернд Месовиц, портпарол на оваа организација. „Кога станува збор за Косово, Албанија и Црна Гора, тогаш речиси и да не може да се зборува за правни држави во западен смисол. Нема независно правосудство, непожелните новинари се прогонувани и под притисок. Во Црна Гора на власт е династијата околу премиерот Мило Ѓукановиќ. Дури се зборува за државни структури кои се слични на мафија.“ Месовиц истотака укажува на непотизам и корупција, а на Косово е многу изразена и дискриминацијата на Ромите. Многумина ја напуштија оваа земја поради безбедносни причини. Месовиц истакнува дека постојат сериозни сомнежи за тоа дека овие три земји ефикасно се заштитуваат човековите права.

Невработеност, бесперспективност, резигнација

Лошата економска ситуација особено го отежнува животот на младите. Дваесет години по владеењето на Енвер Хоџа, Албанија и натаму е една од најсиромашните земји во Европа. „Се проценува дека невработено е 30 отсто од населението. Сигурни информации за тоа не постојат. Индустријата се’ уште не е развиена, а земјоделството во поголемиот дел во земјата е во многу лоша состојба“, вели Конрад Клевинг, историчар и стручњак за Балкан од Институтот за истражување на источна и југоисточна Европа од Регенсбург. Поради економската криза во Грција, повеќе стотини илјади албански привремени работници ја изгубија работата и се вратија дома. Истотака, се’ помалку пари стигнуваат од странство. „Поради сето тоа многумина во Албанија се фокусираат на преселување во градовите или заминување во странство“, вели Клевинг.

Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

„Уште полоша е економската и социјална ситуација во соседно Косово“, вели Бељуљ Беќај, политиколог од Приштина. Речиси половина од 1,8 милиони жители живее во сиромаштија, додека меѓу 45 и 50 насто од работоспособното население е небработено. Главно станува збор за млади, бидејќи Косово има најмладо население во Европа. Според наводите на Транспаренси Интернешенал, Косово е земја со највисок степен на корупција во Европа. „Непотизмот и сивата економија се во секое ќоше и невозможно е без какви било врски да се најде работа. Сѐ се одвива преку врските на одредени кланоци и семејства“, вели Беќај. „Чувството дека овде не може да се живее нормално-бесперспективноста, меоќта и несигурноста- доведуваат до тоа младите и храбрите луѓе да сакаат да ја напуштата земјата“.

Според резулатите на студијата на германската фондација „Фридрих Еберт“ за младите во југоисточна Европа, мнозинството млади во регионот е незадоволно од состојбата со демократијата во своите земји и страда поради невработеноста и сиромаштијата. Тие не гледаат никаква перспектива, политиката не ги интересира и не им веруваат на политичките и општествените институции. Поради тоа многумина сакаат да емигрираат: 55 насто од анкетираните граѓани на Косово на возраст меѓу 19 и 24 години сакаат да ја напуштата земјата, а во Албанија тој процент изнесува 67 насто. Слично е и во другите земји кои Германија ги означи за „безбедни земји на потекло“: така 53 насто млади Македонци би ја напуштиле земјата, додека процентот на млади од Босна и Херцеговина кои би си заминале изнесува 49.

Шанзите за азил

Владата на Баварија се обидува да спречи тие луѓе воопшто да дојдат во Германија. Портпаролот на оваа германска сојузна покраина Оливер Плацер се надева дека со означувањето на нови држави како безбедни земји на потекло ќе биде испратен делотворен сигнал до луѓето , повеќе да не доаѓаат.

Оливер ПлацерФотографија: Bayerisches Staatsministerium des Innern, Fotograf: Christoph Schedensack

Бељуљ Беќај не верува оти тоа ќе може да функционира. „Кој би останал во земја во која нема никаква перспектива, дури и ако знае дека во новата земја го очекуваат нови потешкотии“, реторички прашува политикологот и додава: „Секој се надева дека токму неговото барање за азил ќе биде едно од оние 0,3 одобрени барања“. Ако се суди според проценките на организацијата „Про азил“, тогаш за тоа постојат и реални шанси: „Наместо барањата паушално да се отфрлаат врз основа на нивното потекло, секој случај поединечно би морал да биде детално истражен“, бара Бернд Месовиц.

Беќај се надева дека од Германија ќе бидат вратени што е можно повеќе Косовари: „Потребни ни се на Косово. Тоа се храбри, незадоволни и често образовани луѓе. Тие овде на Косово би требало нешто да променат. Би требало тука да протестираат, да ја променат политиката и никој повеќе да не мора да ја напушта земјата.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми