Бајката за рамномерна распределба на корона-вакцините
СН/агенции
15 јануари 2021
Во трката за пристап до вакцини против коронавирусот, Светската здравствена организација критикува дека досега 95 проценти од сите вакцинации биле направени само во десет земји. СЗО побара поголема солидарност од Европа.
Реклама
Регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге, во Копенхаген изјави дека 95 отсто од вакцините против Ковид-19 кои досега се произведени се распоредени во само 10 земји.
Клуге прецизираше оти во прашање се 23,5 милиони дози вакцини и додаде дека за СЗО најчесто разгледувана тема е тоа што за ефикасно запирање на коронавирусот потребно е вакцините да се распределат рамноправно, како во земјите со мали приходи така и во оние сиромашните.
„Во глобални напори да ја запреме епидемијата... ние не можеме да заборавиме ниту една земја, ниту една заедница“, додаде Клуге.СЗО и нејзините партнери во програмата Ковакс вложуваат „значителни напори секоја земја да добие вакцина“, истакна претставникот на СЗО и додаде дека сите мерки во борбата против пандемијата мораат да се засноваат на основните хуманистички вредности - солидарност, еднаквост и социјална правда.
„Тоа е единственото решение за оваа вонредна ситуација, бидејќи никој нема да биде безбеден додека не бидат сите безбедни“, порача Клуге. Тој повика на поголема солидарност од Европа без да ги именува земјите кои предничат во вакцинациите.
Според анализата на веб-страницата „Нашиот свет во податоци“, тука спаѓаат Германија, Израел, Италија, Шпанија, Велика Британија, САД, Кина и Русија .
Во Европа, во меѓувреме, 31 земја започна да го вакцинира населението против коронавирусот. Вакцинациите во земјите поддржани од иницијативата Ковакс, меѓу кои е и С. Македонија се очекува да започнат во февруари.
Држење дистанца- креативно!
Многу експерти нагласуваат дека и по доаѓањето на вакцината најважните заштитни мерки против коронавирусот- маските и физичката дистанца- уште некое време ќе бидат секојдневие. Но, тие можат да се следат и покреативно.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert
Љубов на далечината
Да се оствари пријатно познанство или да се флертува со убава девојка или убаво момче седејќи на клупа? Зошто да не! Само не заборавајте да држите дистанца. Оваа клупа укажува дури и колкава.
Фотографија: picture-alliance/ANP/B. Grösse
Мечиња на маса
Во моментов, во многу ресторани во Германија, на секоја втора маса има натпис „Ве молам, не седнувајте“. Сопственикот на ресторанот „Beef'n Beer“ во Хофхајм на Таунус го решил овој проблемот духовито: на секоја маса на која не треба да се седи ставил плишни мечиња.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert
Во друштво на кралицата
Ресторанот „Клостервирт“ во центарот на Минхен избра друга опција. Од 25 мај тука можете да вечерате со британската кралица и со други светски познати личности. Големи фотографии од нив „седат“ на масите кои треба да останат празни.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel
Максималната шапка на Максима
Шапката со широк обод ќе ви помогне да држите дистанца со стил. Каква што е, на пример, оваа шапка на кралицата на Холандија Максима. Иако е пожелно таа да биде уште поголема.
Фотографија: picture-alliance/Dutch Photo Press/P. van Katwijk
Разреден аудиториум
Драмскиот театар „Берлински Ансанбл“ во германската престолнина се подготвува повторно да ја пречека публиката. Но, сè уште не во целост. За идните настапи одлучија значително да ги „разредат“ редовите со места за гледачите.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen
Во својот круг
За да не се преполнат одморалиштата во парковите и тревниците, властите во германскиот градХајделберг решија да исцртаат кругови на тревата со креда. Ем безбедно, ем сите спокојни.
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Anspach
Куче со елизабетанска јака
И сопственикот носи маска, и кучето е заштитено со јака, која им е позната на многу љубители на кучиња и пред пандемијата на коронавирусот. Се нарекува ветеринарна или елизабетанска јака или конус. И сопственикот може да носи нешто слично (ако сака!).
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/A. Widak
Плисирани здолништа
Овие меки здолништа (добро, можеби малку потесни) се носеа во ерата на англиската кралица Елизабета I. Со нив, растојанието е загарантирано!
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Marchi
Држете го клунот на растојание
Ова е маска од познатиот карневал во Келн. Слични се носеле уште во Средниот век. Но, тогаш се верувало оти со нив се заштитувале од чума. Сега - од коронавирусот.