1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

„Бајката“ на министерот Шпан

Обработка: Немања Рујевиќ | СН
4 јуни 2021

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан опстојува на тврдењето дека патувањата во посета на роднини на Балканот и во Турција минатото лето го иницираа вториот ковид-бран во Германија. Но, весникот Велт му противречи.

Berlin PK Gesundheitsminister Jens Spahn
Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

„Извлековме поуки од минатото лето“, рече неодамна германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, за таблоидот Билд. Според неговите зборови, имало периоди кога „околу 50 отсто“ од новите зарази со коронавирусот во Германија всушност биле увезени, и тука Шпан особено го спомена заминувањето на луѓето кои живеат и работат во Германија, а имаат семејства на Балканот и во Турција. Овие зарази, како што рече, придонесле до избувнувањето на вториот голем бран на заразувања во Германија.

Изјавата наиде на осуди. Во турската заедница во Германија велат дека во прашање е стигматизирање на цели групи граѓани. „Скандал е тоа што еден германски министер јавно го става Балканот на столб на срамот и со тоа ги понижува луѓето со мигрантски корени“, изјави за Билд албанскиот премиер, Еди Рама.

Во авион за Германија само со негативен ковид-тест

01:46

This browser does not support the video element.

Бранот почна дури наесен

Во Министерството на здравство на Шпан остануваат на своето. На прашање на весникот Велт, велат дека изјавата на министерот се темели на два извештаи на Институтот Роберт Кох. Во едниот, објавен на крајот на август, е анализирано каде се заразиле луѓето во четирите ударни летни недели, меѓу 27 јули и 23 август минатата година.

Повеќе:

-Германскиот министер Шпан се брани по нападите околу неговите изјави за Балканот

-Албанскиот премиер Рама го нападна германскиот министер за здравство Шпан

-Задолжителни корона-тестови при влез во Германија - прашања и одговори

Весникот Велт сега детално ги анализираше овие бројки. Навистина во тие недели имало вкупно 10.387 заразени во странство - над половината од нив на Косово, Хрватска и во Турција. Меѓу првите 10 земји, освен Шпанија и Турција, сите останати се балкански.

Како што пишува весникот, не сметајќи ги Шпанија и Хрватска, во останатите земји Германците не одат масовно на одмор, па може да се претпостави дека во прашање се луѓе кои живеат во Германија, а потекнуваат од Западен Балкан.

Но, новинарите на Велт сепак ја нарекуваат изјавата на Шпан „бајка“ бидејќи, како што велат, експоненцијалниот раст на бројката новозаразени, односно вториот бран на коронавирусот во Германија, започна значително подоцна-  на почетокот на октомври. „Не верувам дека повратниците од странство масовно придонесле за развојот на пандемијата“, вели за Велт, Мартин Штимер, виролог од Универзитетот во Франкфурт.

Подобро да си го гледаат сопствениот двор

Според датотеката на Универзитетот Џонс Хопкинс, во јули и во август во Германија имало вкупно 50.000 регистрирани зарази - што е занемарливо во споредба со декември кога се забележани 700.000 нови зарази. Во меѓувреме во септември делот на заразени во странство значително опадна. „Одлучувачки е тоа што не може да се воспостави врска меѓу летото и почетокот на експоненцијалниот раст есента“, пишува Велт. Новинарите како неоснован го отфрлаат стравот на Јенс Шпан дека и годинава посетата на семејствата на Балканот би можела да ја влоши епидемиолошката состојба во Германија.

„Инциденцата во Турција и на Балканот во последно време драстично опадна, исто како и во Германија. Во Србија, БиХ и на Косово е дури помала од овде, а во Хрватска и во Турција незначително поголема. Ако германската Сојузна влада подобро ги погледне овие бројки, би морала помалку да се прашува како да се постави за време на летните патувања, а повеќе како да го спречи новиот раст на бројките во сопствената земја, како што се случи минатиот октомври“, заклучува весникот Велт.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми