Беате Узе, жената која ги урна секс-табуата во Германија
Беате Узе е една од најпознатите Германки од минатиот век. Нејзината животна приказна е не само приказна на успешна деловна жена, туку таа го отсликува и германското општество во тоа време.
Подемот на Беате Узе
Многумина ѝ го знаат името, но не и приказната која се крие зад жената чие поле на делување беа еротиката и сексот. Еве ги нејзините почетоци и важните станици - од брошури во повоениот период до компанија на берзата.
Просветителка и шефица
Ги кршеше табуата и за сексот и страста зборуваше отворено. Во конзервативната повоена Германија нејзиното име стана бренд за просветување, еротика и секс и до денес е познато како Нивеа, Кока Кола или Темпо. Беате Узе почина во 2001 година. Родена е на 25 октомври пред 100 години.
Во височините
Беате Узе, родена како Беате Кестлин, потекнува од Источна Прусија. Спортски ориентираната девојка по матурата оди во Англија, каде работи како бебиситерка. Таму завршува обука за пилот. Во војната се мажи за својот учител по летање, Ханс-Јирген Узе. Превезува по налог на фирми и добива и чин во воената авијација. По краткотрајно заробеништво станува воена вдовица со мал син.
Нос за бизнис уште од младост
Беате Узе отсекогаш знаела да „намириса“ добар бизнис. Со образовна публикација за плодните денови на жената таа по крајот на војната доаѓа до почетен капитал. Тоа е темел на империјата која создава профит од еротика и која вистински бум доживува во 1960-те, ерата на сексуалната револуција. Кога ГДР во 1989. ја отвори границата, широко отворени се и вратите на секс-шоповите на Беате Узе во Берлин.
Директно обраќање
Која е тајната на успехот на Беате Узе? Покрај храброста да заработува од сексот, треба да се истакне нејзината личност. Таа за еротиката не зборуваше теоретски, туку директно, од свој аспект како жена. Ваквиот став вешто го претвори во бренд со своето име „Беате Узе“, кое стои на производи, списанија и продавници.
Брачна хигиена
Со мешавина од секс-шопови и списанија, Беате Узе брзо станува водечка на пазарот во Германија. Книгите, списанијата, мастите, средствата за потенција, секси долната облека и кондомите носеа профит, а донесоа и промени во спалните соби на Германците, кои важеа за конзервативни. Црквата и правосудството се бунтуваа и тврдеа дека Беате Узе поттикнува „разузданост и неморалност“ во сексуалниот живот.
Во срцето на општеството
Беате Узе мораше да ја гради својата позиција во општеството. Прво беше заобиколувана, дури ни локалните тениски клубови не сакаа да ја примат во членство. Многу години подоцна, во 1989 година, нејзиниот придонес за сексуална самоопределба беше награден со орден за заслуги.
Омилена во медиумите
Вешта со зборови, дрска и зајадлива - Беате Узе не се воздржуваше да каже што мисли, сакаше да провоцира. За сексот зборуваше со леснотија, честопати се чудеше што мора постојано да ги убедува жените да бидат посамоуверени на полето на сексот и страста. Не е чудо што беше омилен телевизиски гостин. И, не е чудо што според анкетите во 1990-те ја знаеја 90% од Германците.
Години на добар профит
Со олабавувањето на етичките норми во 1970-те и легализацијата на порнографијата беа урнати и последните табуа во секс-бизнисот. Во 1999 година Беате Узе со синот излегува на берза. Акцијата почна со вредност од 7,20 евра, а само три дена подоцна достигна вредност од 28,20 евра. Во тоа време Беате Узе беше само име на брендот - таа по стапувањето во вториот брак во 1949. се викаше Беате Ротермунд.
Во слободен пад
Добриот пласман на берзата траеше кратко - оттогаш акцијата постојано губи на вредност и во 2018 година вредеше само 0,0065 евра, односно помалку од еден цент. Компанијата која во одреден период беше активна во седум земји, вработуваше околу 1400 вработени и имаше обрт од 270 милиони евра, банкротираше. Беате Узе, која почина во 2001 година, не го доживеа тој пад.