1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалската драма се пресели во Словенија

З.Јордановски/фац,дивелт19 октомври 2015

Од викендот, откако ноќта спроти сабота Унгарија дефинитивно ги затвори границите за бегалците, тие се движат кон посакуваната цел по нова рута, која сега води низ Словенија.

Фотографија: Reuters/A. Bronic

„Словенечката влада и’ се посветува на реката бегалци во мали чекори и со строги контроли“, констатира „тац. ди тагесцајтунг“ од Берлин. „Нивниот транспорт низ словенечкиот коридор трае подолго поради условите што ги наложи тамошната влада: додека УНХЦР (Високиот комесаријат за бегалци на ОН - н.з.) проценува дека земјата може да прими и да транспортира понатаму 7000 бегалци дневно, Љубљана таа бројка ја ограничува на 2500. (...) Ноќта спроти недела доброволните помошници јавија дека ситуацијата на граничниот премин Обрежје/Брегана е ’катастрофална‘. Бегалците морале со часови да чекаат за натамошен транспорт. ’Нема ништо, никаква основна инфраструктура, нема тоалети, нема храна, а ги нема ни хуманитарните организации‘, рече еден од помошниците. (...) Премиерот на Словенија Миро Церар во меѓувреме нагласи дека во таа ситуација земјата сака ’и натаму да ги почитува човековите права‘ и ’ќе избере хуманитарен пристап‘. Но, сосем е неизвесно како тоа треба да изгледа во иднина: Љубљана не сакала ’Европа на ѕидишта‘, а своите мерки ќе ги прилагодела на оние ’од другите релевантни земји‘. Церар јасно стави на знаење дека неговата влада во противпотег очекува поддршка од Брисел.

Хрватска и Словенија го условуваат опстојувањето на коридорот со однесувањето на Германија и Австрија: ако тие ги држат границите отворени, ќе биде гарантирано и транспортирањето на бегалците“, пишува „тац“.

Унгарија ги затвори границите за да се изземе себе си од играта

„Унгарија ја затвори зелената граница кон Хрватска, но тоа не ги заплаши бегалците“, пишува „Франкфуртер Алгемајне Зонтагсцајтунг“. „Со тоа Унгарија во никој случај не ја запре балканската рута. Земјата само се обиде да се изземе себе си од таа игра. Хрватска, чија влада неколку недели имаше интензивна размена на нељубезности со унгарската, веќе не беше изненадена со затворањето на границата. Таа се договори со Словенија за еден вид коридор. (...) На патот кон Запад рутата преку Словенија сега е единствената алтернатива. (...) Словенците не сакаат да и’ дозволат на Унгарија сосем да се извлече. Дел од луѓето, кои сега доаѓаат од Хрватска, според медиумски извештаи, ги носат на унгарска граница. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто реагира со најава за воведување контроли на границата кон Словенија - во рамките на заедничкиот Шенгенски простор. Имено, правно не е толку едноставно таму да се подигне ограда, тоа Брисел веќе јасно го стави на знаење“, нагласува „Франкфуртер Алгемајне Зонтагсцајтунг“.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Bandic

Србија не спаѓа во Европа за која сонуваат бегалците

„Србија се труди добро да ги згрижи бегалците, но речиси никој не останува. Луѓето брзаат понатаму - од страв другите земји да не го затворат патот“, констатира „Ди Велт“ во написот во кој во позитивен тон зборува за односот на Србија кон бегалците. „Српските хуманитарци сензибилно се однесуваат со луѓето, кои од своја страна многу се трудат да покажат смелост и по некоја насмевка. И, сосем се’ едно дали владата во Белград се ангажира оти се надева дека така ќе го забрза патот кон ЕУ, или е навистина во прашање искрена љубов кон ближниот - на бегалците тое им е небитно. (...) И покрај тоа, речиси ниеден бегалец не сака да остане тука, само 15 проценти од подготвените кревети се зафатени. Досега од сите регистрирани бегалци одвај 26 побараа и добија азил. ’Сакаме да одиме понатаму кон Европа, таму е безбедно и ќе можеме да живееме добар живот’, вели Саиди (некој бегалец - н.з.). За него, значи, Србија не спаѓа во таа Европа, иако земјата токму се кандидира за членство во ЕУ“, заклучува „Ди Велт“.

Заплашување за мигрантите од Балканот

„Законот за азил со кој земјите од Западен Балкан се прогласуваат за безбедни, би требало да има дејство“, смета „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ). Искуството со Босна и Херцеговина, Србија и Македонија, кои се прогласени за сигурни земји во ноември минатата година покажува дека таа мерка имаше влијание, иако бројката на мигранти од нив годинава е покачена за 23 проценти - но од Црна Гора, Албанија и Косово скокот изнесува 515 проценти, се вели во написот. Сега се и тие три земји се прогласени за сигурни. Со усвоените законски измени би требало да се намали мотивот за доаѓање на луѓе од Балканот во Германија. ФАЦ во врска со тоа забележува: „Досега навистина можеше да биде исплатливо доаѓање во Германија, дури и ако потоа мораше повторно да се замине од неа. Кон крајот на август постапката за обработка на барањето за азил за граѓаните од Западен Балкан траеше повеќе од три месеци. Но, и на протерување мора да се чека, па мигрантите остануваа многу подолго во земјата. За време на првите три месеци тие добиваат непарична и парична помош ’за лични потреби на секојдневниот живот‘. Непаричната помош се состои од сместување, облека, храна, медицинска грижа. Паричната помош, која сега треба да се пренасочи или да се дава во бонови, изнесува 143 евра месечно за секој возрасен. (...) Подоцна таа достигнува до 359 евра месечно. Кај децата зависи од возраста - до шест години таа изнесува 84 евра. (...) Тие примања можат да бидат примамливи за мигрантите од Западен Балкан - споредено со нивните дотогашни примања. Просечните бруто-плати месечно рангират помеѓу 300 евра во Албанија и 720 евра во Црна Гора. Со оглед на високата невработеност, помеѓу 18 проценти во Србија и 30 проценти во Косово, многу лица ги немаат дури ни тие приходи. Тоа првенствено се однесува на Ромите, кои сочинуваат речиси една третина од тие баратели на азил“, пишува, покрај другото, ФАЦ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми