1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решавајте со глава, наместо со срце!

Фолкер Вагенер/превод: БГ13 ноември 2015

Германска политика со срце, има ли такво нешто? Да, Меркел тоа го покажа. Но сега има проблем. Отпорот против нејзината политика е сѐ поголем. Сега е потребен разум, смета Фолкер Вагенер

Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Волфганг Шојбле конечно се огласи за темата на годината - бегалците во Германија. Говореше сликовито и барателите на азил ги спореди со лавина. И тоа лавина која постојано се зголемува и сѐ повеќе излегува од контрола. Кога Шојбле, кој во спорот со Атина околу должничката криза секогаш беше вербално присутен, ќе се јави за збор по прашањето на масовното доаѓање на Сиријци, Авганистанци и други, тогаш морате да бидете внимателни.

Сивата еминенција на ЦДУ е институција самата по себе. Лојалноста е неговата примарна доблест. Иако Ангела Меркел со години не го протежираше, тој беше нејзин верен копилот во политичкото секојдневие во Берлин. Неговата изјава за „лавината“ може да претставува почеток на крајот на безгрижната политика на Меркел под работен наслов „Ќе успееме!“ Шојбле има моќ. Тој може, доколку сака, да стане лидер на критичарите на Ангела Меркел. Дотоколку повеќе што досега немаше предизвикувачи. Очите и ушите на многумина одамна се вперени во него. Особено имајќи го предвид текот на настаните.

Меркел во замка

Во коалицијата врие. Ангела Меркел е сѐ повеќе на нишан на политичарите од нејзината партија. Дали доживуваме „Бунт против Меркел“, како што пишува весникот Тагесцајтунг. Во принцип се работи за ревизија на политиката на отворени врати. Тоа не би било ништо друго туку политички банкрот за канцеларката. Канцеларката не може туку така да рече „во ред, од сега важи горната граница“, а притоа да не ризикува да ја загуби својата функција. Досега, министерот за внатрешни работи Томас Де Мезиер беше единствениот кој делумно се спротивстави на политиката „азилот не познава граници“. Но тој тоа го прави лошо и опасно за политичкиот опстанок на коалицијата.
Де Мезиер, всушност близок соработник на Меркел, во само неколку дена успеа двапати да ја коригира политиката на својата шефица, секако зад нејзиниот грб. Најпрво најави дека на Сиријците нема да им биде дозволено да им се придружат семејствата, а потоа и дека Даблинскиот договор повторно ќе важи за нив. Меркел беше измамена, а коалициските партнери од СПД се бесни. Најлошото од сѐ е сигналот кој му се испраќа на светот: Ние не можеме да постигнеме! Томас де Мезиер како Томас Мизерниот? Тоа би бил погрешен заклучок.
Министерот за внатрешни работи има право. Доколку надлежниот ресор, а тоа е неговото министерство за внатрешни работи, нема поим колку бегалци има во прифатните центри, тогаш постои доказ дека многу нешта не се под контрола. Сега де Мезиер се обидува повторно да го насочи бродот на вистинскиот правец и да ја преземе контролата врз ситуацијата, притоа покажувајќи прикриена истрајност, што е и добро.

Фолкер Вагенер

Запирање на бранот заради внатрешен мир

Се работи за следното: да се посака добредојде е почетен гест. На долг рок, грижата за бегалците, а да не ја споменува успешната интеграција на преку еден милион бегалци, е невозможна мисија. Логистички и административно-бирократски, градовите и комуните некако ќе излезат на крај. Но еден преплашен, малодушен дел од граѓаните не сака никакви експерименти. Владата не треба да им дава повод да се поврзуваат и да шират непријателско расположение кон странците. Подобро е да се згрижат оние кои се веќе тука, отколку лошо да се згрижат многу повеќе луѓе.

Едно е јасно: политиката кон бегалците ќе и пресуди на канцеларската функција на Ангела Меркел. И сега таа се наоѓа во процеп, меѓу Нобеловата награда за мир и оставка. Меѓу беатификација и бламажа. Конечно, тоа нема да биде лошо само за неа и за угледот на Германија во странство. Тоа ќе биде средна катастрофа и за општеството, кога повеќе би не повлекло срцето и би го занемариле разумот. Консензусот е карактеристика на нашето општество. Со него не треба да се претерува. Ангела Меркел би морала да пронајде пат, да ја коригира својата политика, во спротивно тоа ќе го сторат други. Еден од нив би бил и Волфганг Шојбле.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми