1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалска рута преку Црно Море

Роберт Шварц
16 септември 2017

Ако Црното Море се претвори во нова бегалска рута, тогаш не само Романија, туку и Бугарија ќе се соочи со навалица на нејзиниот брег.

Libyen Flüchtlinge Menschenschmuggel Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/E. Morenatti

Есента 2015. година Европската Унија донесе одлука за прераспределба на над 160.000 бегалци од камповите во Италија и Грција. Романија, како и повеќето земји од Вишеградската група, се изјасни против фиксни квоти, но потоа прифати да прими бегалци во согласност со можностите за сместување. Според одлуката на ЕУ за прераспределба, во оваа земја треба да се сместат 6300 мигранти, за подоцна тој број да се намали на 4000, а последната одлука е во Романија да се примат 2000 бегалци. Ова во август го најави романскиот министер за надворешни работи Теодор Мелескану. Тој додаде и дека е подготвена хуманитарна помош од 5,3 милиони евра за сириските бегалци кои се сместени во соседните земји на Сирија.

Романија, која е активна во Фронтекс, европската гранична заштитна мисија, до сега прими 710 мигранти, најголем дел од Сирија, Ирак и Јемен. Оваа земја не е на листата земји во кои сакаат да останат мигрантите. Тие се најмногу насочени кон Западна Европа. Но тоа сега може да се смени, не само поради изјавата на министерот.

Опасен пат преку Црното Море

На средината од август на романското крајбрежје на Црно Море, крајбрежната стража пресретна моторен чамец со 69 сириски бегалци, од кои 29 се малолетници. Луѓето беа донесени до брегот и потоа однесени во центар за азил во местото Галати. Тоа не е првпат, бегалци да дојдат во Романија преку Црното Море и така да влезат во ЕУ. И во септември 2014. година романската погранична полиција фати еден рибарски брод со 132 бегалци, а една година подоцна 68 бегалци пробаа на ваков начин илегално да влезат во Романија.

Пред една година, романскиот претседател Клаус Јоханис во телевизиско интервју за Дојче Веле изјави дека Романија сака да прими одреден број на бегалци и дека успешно ја штити границата од илегална миграција: „Имаше обиди од бегалски групи кои сакаат преку Србија да влезат во Романија, а потоа да продолжат понатаму, но ние тоа го спречивме. Ние исто така ќе ги спречиме и сите обиди ако некој сака да влезе во Романија преку Црното Море," рече Јоханис. Според него, мала е веројатноста за бегалци да влезат преку Црното Море, бидејќи „пристапот од таму е многу потежок отколку преку Средоземно Море", изјави романскиот претседател.

Но, се чини дека ситуацијата во последните месеци е променета. Луѓето очигледно дека се подготвени и на поголеми ризици во пронаоѓањето нови патишта, особено откако мигрантските рути преку Егејот, Средоземното Море и Балканот се затворени.

Под овие нови околности, очигледно дека шверцерите во Турција го одбрале Црното Море како алтернатива за илегално превезување на мигранти во Европа. Во Романија се загрижени поради ваквиот развој на настаните. И пред летниот одмор највисокиот Совет за одбрана во земјата се занимаваше со темата мигрција и можните мерки кои треба да се преземат против зголемената опасност од илегално доселување.

Засилени контроли на бугарско-турската граница поради бегалцитеФотографија: BGNES

И Бугарија стравува од бегалци

Ако Црното Море се претвори во нова бегалска рута, тогаш не само Романија, туку и Бугарија ќе се соочи со навалица на нејзиниот брег. На копно, на бугарско-турската граница, владата во Софија презема конкретни мерки против илегален премин на границата. На границата со Турција е поставена ограда од бодликава жица. Неодамна владата најави дека и војската ќе биде вклучена како засилување во заштитата на границите. Околу 600 војници, специјалци и со дронови ќе бидат вклучени во акцијата, изјави бугарскиот министер за одбрана и вицепремиер Красимир Каракачанов во интервју за германскиот весник „Велт“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми