1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалскиот договор на ЕУ и Турција во опасност?

ЖА/ печат
4 април 2018

ЕУ ѝ вети натамошни милијарди евра на Турција за да ги држи границите затворени. Но, повеќе земји, меѓу кои и Германија, одбиваат натамошно плаќање, пишува германски „Шпигел“.

Bulgarien EU- Türkei Gipfel: Präsident Donald Tusk, Tayyip Erdogan und Jean-Claude Juncker
Фотографија: Reuters/S. Nenov

Договорот за бегалците со Турција ЕУ го склучи набрзина, а сега повеќе членки се обидуваат да се извлечат од обврската за плаќање на турските „услуги“, пишува германскиот магазин „Шпигел.“

„Турција треба да ги држи бегалците подалеку од Европа, во тоа членките на ЕУ се единствени, но повеќе од кога било постојат несогласувања кој да ја плаќа сметката. Договорот меѓу Брисел и Анкара беше склучен пред две години и според него Турција треба да добие 6 милијарди евра ако не ги пропушта бегалците. Половината од сумата Европејците веќе ја платија. На средбaта во Варна, претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер, го увери турскиот претседател дека ќе го добие и остатокот од парите.

Повеќе: 

Балканската рута е рај за шверцерите на луѓе

Турција нема интерес да се повлече од договорот со ЕУ

Според истражувањата на „Шпигел“ и партнерите од мрежата за Европска истражувачка соработка,  очигледно е нејасно кој ќе плати. Третина од првата транша презеде ЕУ, а две третини државите-членки, според големината и економската сила. Уделот на Германија беше околу половина милијарда евра, повеќе од која било друга земја. ЕК планира втората транша да се исплаќа според истиот принцип, но против тоа постои отпор“, пишува „Шпигел“.

Интерни документи до кои стигнал „Шпигел“ велат дека протестирале повеќе земји. Претставник на германската влада барал одлуката за втората транша да се носи откако Турција ќе ги исполни преземените обврски и ќе ги реализира хуманитарните проекти со парите, како изградба на училишта и болници, од кои не е остварено ни половината.

„Во заедничко писмо до ЕК, Германија, Франција, Австрија, Шведска, Данска и Финска инсистираат преостанатите три милијарди евра да ги плати ЕК од својот буџет. Јункер тоа го одбива. Дел од земјите се жалат на нетранспарентност и бараат Комисијата да поднесе детален извештај за тоа со чии пари се финансира помошта за Турција и дали се штеди на други програми, пред повторно да посегнат во џебот.

Спорот покажува дека Договорот ЕУ-Турција не е подлабоко обмислен план за справување со миграцијата, туку набрзина донесен заклучок наменет првенствено за смирување на гласачите во Европа. „Дилот беше донесен ‘преку ноќ’“, вели еден европски дипломат, „тоа не е начин на кој што ЕУ обично работи.“

Некои ЕУ-држави очигледно веќе дискутираат како да се повлечат од дилот со Туција. Анкара пак, според интерни документи, веќе планира трета транша.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми